1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медицинари и занаетчии најбарани во Германија

Мехмед Смајиќ
21 ноември 2016

Германија е „ветена земја“ за голем број граѓани на Македонија. Иако пристапот до германскиот пазар на труд е олеснет, заинтересираните мораат да бидат внимателни при изборот. 3.600 Македонци годинава добиле работа.

https://p.dw.com/p/2Szhj
Symbolbild Jobs
Фотографија: Fotolia/bluedesign

Германија веќе подолго време важи за „ветена земја“ за граѓаните на Западниот Балкан. Поради тешката економска состојба во тие земји, сѐ повеќе луѓе својата иднина ја бараат на запад, најчесто во Германија. Но, шансите за добивање азил се минимални.
Откако шест земји од Западниот Балкан во Германија беа прогласени за „земји со сигурно потекло“ се намали бројот на барања за азил, но се зголеми бројот на барања за работа. Од почетокот на годинава од Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, преку Заводот за вработување работа нашле повеќе од 33.000 работници. Законските услови за пристап до германскиот пазар на труд за државјаните на Македонија се поедноставени, а од почетокот на 2016 година, на вработување во Германија можат да се надеваат, не само оние чии професии се на листата на дефицитарни, туку и сите оние кои ќе најдат работодавач кој е подготвен да ги вработи.
Според официјалните податоци, преку германската Агенција за вработување во текот на 2016 година се вработиле точно 3.675 македонски државјани. Според проценките, бројот на лица кои самостојно, со помош на роднини или пријатели, или преку разни приватни посредници стигнале до работа во Германија е далеку поголем. Во 2015 година, од Македонија во Германија пристигнале 24 илјади луѓе, а од нив, 12 илјади останале во земјата.

Најбарани - медицински персонал и занаетчии

Deutschland Arbeitskosten Symbolbild
Просечната бруто плата на негувател/ка во Германија е околу 1.900 евраФотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Според официјалните податоци за поединечни земји, во БиХ, на пример, најголем е интересот на граѓаните, а посебно на младите, за негуватели. Само минатата година, повеќе од 800 медицински сестри и техничари од БиХ нашле работа во Германија. Иако приходите не се големи, мнозинството се задоволни. Имено, просечната бруто плата на негувател/ка во Германија е околу 1.900 евра, што во пракса, доколку лицето живее само во Германија, по платениот данок, здравствено осигурување и други давачки, ќе му останат околу 1.300 евра нето месечно. 
„Земјите од Западниот Балкан имаат тесна соработка кога се работи за вработувањето“, вели за ДВ, Кеа Декер, шефица на одделот за меѓународна соработка во Централното биро за посредување во меѓународно и стручно вработување во германскиот Завод за вработување.
„Она на што во моментов ставаме акцент е информирање на граѓаните од целиот регион за тоа како може да се дојде во Германија и да се работи во рамки на т.н. работна миграција“, вели Декер. „Во последните две години беше изразена потребата за медицински персонал. Од годинава се појави поголема потреба за работници од областа на мехатроника, електротехника, обработка на метали, значи класични занатски работи“. 

Внимавајте со посредниците

При поднесувањето на барањата мора да се почитуваат критериумите кои ги одредува Германија. Кај медицинските лица, на пример, на прво место е дипломата од јавна установа за завршено средно медицинско училиште од општа или насока за педијатриски техничар, познавање на германскиот јазик на минимум Б1 ниво, и шест месеци работен стаж во струката по дипломирањето. Без разлика на посредниците, доколку не се исполнуваат овие услови тешко ќе дојдете до работа. 
И посетувањето на разни курсеви или обука, организирани од приватни установи или институции вон редовниот образовен систем, нема да ви помогнат при вработувањето. Во БиХ, на пример, се појавија посредници кои нудат вработување на негуватели и други професии и кои притоа им наплаќаат за таа услуга на граѓаните. Но, таквото посредништво преку Агенцијата за вработување е бесплатно.
Декер вели дека кога се отвораат можности за работа во Германија, се води сметка и за потребите на матичните земји. Па така, нејзината агенција не посредува за вработувања во професии кои се дефицитарни во тие земји. Во Македонија за најбарани професии важат информатичките технологии, инженерството и техничко-технолошките струки. Тие опфаќаат програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, технолози, фармацевти, електроинженери...
Од аспект на стручните работници без високо образование, во Македонија барани се магационери, келнери, текстилни шивачи и продавачи. Тоа значи дека лицата кои ќе аплицираат за работа во Германија во овие професии, потешко ќе дојдат до неа, доколку тоа го прават официјално, преку Агенцијата за вработување.

На граѓаните кои се заинтересирани да работат во Германија им се советува, пред потпишувањето на било каков договор, детално да се информираат за условите на вработување. Исто така, потребно е да се информираат и за поддршката која германскиот работодавач ќе им ја пружи при признавањето на нивната диплома во Германија. Тоа е еден од условите за добивање неограничена работна дозвола, продолжување на дозволата за престој и на крај, и за спојување на семејство.