1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Договорот доби „стоп“ од народот!

30 септември 2018

„Договорот не доби зелено светло, туку 'стоп' од народот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно од него, претседателот на парламентот најави: „Овој ден ќе биде основа за идните процеси во институциите“

https://p.dw.com/p/35l1T
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Половина час пред затворање на избирачките кутии гласале 34,76 отсто од граѓаните со право на глас, или 623.147 граѓани. Со оглед дека не се обработени податоците од сите избирачки места, се очекува тој процент да се зголеми. Најголема излезност е регистрирана во Сарај, каде до 18.30 часот гласале 65,59 отсто од гласачите. Во Аеродром излезноста е 37,8%, во Арачиново 4%‘, Битола 32%, Дојран и Карпош 42%, Липково 54,08%.

Во процентот на излезност ВМРО-ДПМНЕ виде „победа на народот“, игнорирајќи ја волјата на над 600.000 гласачи.

„Договорот на доби зелено светло, доби 'стоп' од народот. Народот покажа патриотска свест. Оние кои гласаа 'против' и оние кои апстинираа ја испратија најгласната порака. Ова е Македонија. Ви благодарам, ја имата мојата длабока почит“, рече во вечерашното обраќање партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Повеќе:

Жестоки критики за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ја постави тезгата за пазарање во парламентот

Тој потенцираше дека народот не го скршиле ни уцените, ни бруталните закани. „Власта е раголена и тотално разбличена. Ќе дојде време да одговараат за малтретирањата на народот и за тоа како се наполнети гласачки кутии во Сарај, Бутел и други места. Народот покажа дека не ви се плаши. ВМРО-ДПМНЕ останува со народот и ќе ве победиме, затоа што ова денес не е пораз само за Договорот со Грција, туку и за криминалот на власта (...) Два месеци ширевте невистини, нарачани анкети, па велевте дека ВМРО ќе се распаднело, а мене ќе ме сменеле. Стојам овде и може да се погледнеме во очи: Македонија ќе победи. Народот ќе победи“, порача Мицкоски, додавајќи дека власта го изгубила легитимитетот и единствено што и останува е да ја почитува волјата на народот.

Referendum Mazedonien
Фотографија: DW/B. Georgievski

Меѓу цензусот и волјата

А каква е волјата на народот? Аналитичари во јавни дебати веќе почнаа со анализа и на цензусот и на волјата на избирачите. Сметаат дека излезноста на референдум по правило е помала во споредба со цензусот при гласањето на парламентарни или локални избори. Според нив, ако големо мнозинство од граѓаните се изјаснило „за“, нема дилема дека нивниот глас дава легитимитет за реализација на Договорот со Грција. Ваквиот впечаток го засили и вечерашната изјава на премиерот Заев дека ќе ја внесе Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Неговиот политички противник, Христијан Мицкоски не гласаше на референдумот, а не гласаа ни потпретседателите на партијата Александар Николоски, Владо Мисјаловски и Генералниот секретар, Игор Јанушев. Но, дел од раководството сепак се појави на гласачките места. Пратеничката и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова за ТВ „24“ потврди дека на референдумот излегла и гласала „против“.

„Да, точно е дека излегов и гласав ’против’. И сакам да информирам дека доколку нема цензус јас во Собранието нема да го дадам својот глас за уставни измени“. - изјави Рангелова. И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев го остварил правото на глас.

„Секое демократско право треба секој граѓанин да го искористи според сопствено убедување и толкување“, изјави Jанчев.

Од партијата велат дека ќе прифатат уставни измени само ако референдумот е успешен и мнозинството граѓани гласаат „за“.

Referendum Mazedonien
Фотографија: DW/B. Georgievski

Процесите продолжуваат во парламентот

Во моментов, токму неостварениот цензус го отвора прашањето: дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитува волјата на мнозинскиот глас изразен на референдумот, или битката ќе се води на нови предвремени парламентарни избори, опција што ја најави и премиерот Заев, доколку нема волја кај опозицијата мнозинската волја на граѓаните да се преточи во собраниска одлука за уставни измени.

Повеќе:Заев: или одлука во парламентот или предвремени избори

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вечерва им честиташе на граѓаните за демократската атмосфера и мирниот гласачки процес.

„Овој ден ќе биде основа за идните процеси во институциите на системот“, најави Џафери, со што практично потврди дека мнозинската волја на граѓаните изразена на референдумот ќе биде пресудна за натамошните постапки во Собранието. Самиот потврди дека не гласал на референдумот затоа што не фигурирал на избирачкиот список.

А оние што ги имаше на Избирачкиот список, а беа застапници на повикот за бојкот, вечерва се собраа на „сенародна прослава“ пред парламентот, за со песни и ора да прослават „победа“.