1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Германија без руски гас?

Инза Вреде
2 април 2022

Путин води војна против Украина, а Европа од Путин и натаму купува енергенси, пред сѐ гас. Може ли Германија воопшто да издржи без руски гас? Експертите не се сложуваат околу ова прашање.

https://p.dw.com/p/49B9e
Gas Gasimport Stop Gasembargo Russland Krieg Symbolbild
Фотографија: epa Maxim Shipenkov/dpa/picture alliance

Група експерти од Националната академија на науки Леополдина уште на почетокот на март објави дека германската економија би можела да се справи со последиците од краткорочен престанок на достава на руски гас.

Економистот Ридигер Бахман од американскиот универзитет Нотр Дам, неодамна во интервју за „Тагесшпигел“ изјави дека во Германија и тоа како е можно ембарго на увоз на руски гас.  Тој, заедно со економисти од различни насоки, ги пресметал  можните последици.  Врз основа на неговите претпоставки, постои „детален модел на 40 земји, кој вклучува глобални трговски врски и го уважува инпутот и аутпутот на ниво на поединечни сектори“. Според тој модел, прекинот на достава на  руски гас  би влијаел за пад на БДП до три проценти. Само за споредба, поради затворање во текот на пандемијата во 2020 година, германскиот БДП падна за околу пет проценти.

„Се разбира, тоа беше огромен пад, но тоа не е ништо што не би можело да се амортизира со економско-политички мерки, па дури и ако штетата би била двојно повисока“, смета Бахман. Притоа укажува на фактот дека бруто новосоздадената вредност на оние стопански гранки кои беа затворени во текот на кризата со коронавирус, не е помала од оние гранки кои се сега погодени, посебно хемиската индустрија.

Предупредувања од стопанството

А од таа стопанска гранка веднаш стигна предупредување дека, ако нема компензации, би можел да биде загубен голем број на работни места, велат во синдикатот ИГ – рударство, хемија, енергија. Доколку мора да се „угасне“ производството во постројките на хемиската индустрија во Германија, производите од таа економска гранка би недостигале во многу сектори од економскиот живот  во земјата, на пример во фармацевтската или во градежната индустрија. 

Загриженост има и кај железарниците. „Без земниот гас од Русија моментно не е можно производство на челик“, предупреди уште минатата недела Здружението на производители на челик. Челикот е суровина без која е невозможен процес на создавање на дополнителна вредност во речиси комплетната економија. Без увоз на енергенси од Русија можно е запирање на производството во железарниците, а тоа пак би можело да резултира со нагол пад на производниот обем во Германија и во ЕУ. 

Предупредувања стигнуваат и од металската и електроиндустријата. Таков потег „краткорочно би довел до тоа да нема на располагање топлина потребна за производни процеси во преработувачката индустрија“, предупредува шефот на Здружението на металската индустрија, Оливер Цандер. „Ние во многу кратко време би го запреле производството во бројни подрачја“, нагласува, на пример во индустријата за прехранбени продукти, месната или хемиската индустрија.

Infografik Gas Import nach EU DE
Графика - од каде доаѓаше гасот во ЕУ во 2018 година

Фундаментална опасност?

Економистот Бахман меѓутоа смета дека запирањето на производството во хемиската индустрија некако би можело да се поднесе, зашто, тврди, производите од таа индустрија е можно да се заменат со други производи.

Михаел Хитер од Институтот за германско стопанство во Келн возвратува дека тоа и не е толку едноставно. Тој за „Тагесшпигел“ напоменува дека германското производство на суровини во хемискиот сектор е тесно поврзано со други производствени синџири. „Кога би го запреле производството во хемиската инустрија на рок од една и пол година, што би се случило доколку дојде до воведување ембарго за гас, тогаш тоа не е ништо друго освен збогување од производство на суровини  во Германија“, смета Хитер.

Тој е скептичен и кон Бахмановото споредување со затворањето на некои економски гранки во текот на пандемијата на коронавирус. Тогаш, вели тој, на подолг рок беа погодени секторите на приватна потрошувачка кои не беа меѓусебно поврзани, како хотели или ресторани: „Но сега зборуваме за специјализиран производен синџир со многу поголема стапка на меѓусебна поврзаност“.

Пад на БДП

Мориц Шуларик, економист од Универзитетот во Бон, во рамки на една студија пресметал дека Германија би можела да го поднесе ембаргото на увоз на руски гас. А БДП, според таа пресметка, би можел да опадне меѓу 0,5 и 3 %.

„Ние увозувема отприлика околу половина од гасот од Русија преку гасоводи. Тоа не може краткорочно да се компензира“, вели тој за неделникот „Фрајтаг“. Гасот се користи подеднакво во домаќинствата за загревање и во индустријата, каде исто така се користи за генерирање топлина. Шуларик смета дека ограничувањата во потрошувачка на гас би можеле да помогнат во перспектива да се откажеме од рускиот гас, на пример со снижување на температурата на греење во становите, со санација на зградите и со помош на поголема ефикасност во користењето на енергија.

Во Министерството за економија на Германија очигледно на доста статичен начин се размислува за „дупките“ во снабдувањето, оценува Шуларик: „Но, таа дупка е динамична. Тоа што ќе научиме да го заштедиме до идната зима, во иднина нема ни да ни треба. Со помош на иновации и инженерско знаење може да се намали потрошувачката на гас“, тврди тој.  

Судејќи според наводите на Сојузното здружение на енергетско и водостопанство (БДЕВ), потенцијалот на заштеда на енергија во домаќинствата изнесува околу 3 до 15 % од потребите за гас, во секторот на трговија или услуги до 10%, а во индустријата дополнителни осум проценти. Најголем потенцијал за заштеда се гледа кај снабдувањето со струја, каде би можеле да се заштедат и до 36 % од потрошувачката на гас.

Политички тензии

Ахим Вамбах од Центарот за европски економски истражувања (ЗЕВ) во Манхајм меѓутоа предупредува: „Такво енергетско ембарго би било единствено во историјата и би имало значајни ефекти врз конјуктурниот развој“. Освен тоа, би имало и политички последици – да се сетиме само на „жолтите елеци“ во Франција, додава Вамбах.

И Кристоф М. Шмит, претседател на Лајбницовиот институт за економски истражувања (РВИ) од Есен предупредува дека моментно е „речиси невозможно да се дадат веродостојни проценки за размерите на економските последици кои би биле поврзани со ембаргото.“

Без оглед на сите несигурности, минатиот петок голем број високопозиционирани актуелни и бивши претставници од економијата, политиката и науката во Германија и странство во отворено писмо побараа од германската влада „да го запре финансирањето на војната“, односно итно да воведе ембарго на руски гас и нафта.