1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија повторно на раскрсница

Роберт Шварц
29 октомври 2016

Во Република Молдавија се избира нов претседател, по еднаипол деценија, повторно со директно изјаснување на народот. Од резултатот зависи натамошната геополитичка ориентација на земјата.

https://p.dw.com/p/2RsEv
Moldau Wahlen Plakate
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Doru

Патот за нов директен избор на молдавски претседател го отвори Уставниот суд на почетокот на годината. Досегашниот избор од страна на Парламентот со двотретинско мнозинство од пратениците беше прогласен за неуставен. Но, се чини ова е единствената новина при претседателските избори (30. октомври). Зашто, како и секогаш во изминатите 25 години независност на поранешната советска република, сѐ се врти околу клучното прашање: кво вадис Молдавија? Приближување кон Москва или европска интеграција?

Арена на борби за моќ и власт

Според сите анкети на јавното мислење, во предност е прорускиот социјалистички лидер Игор Додон. Таборот на проевропските партии е раскаран и дури неколку дена пред изборот можеше да се усогласи околу заедничка кандидатка: Маја Санду, поренешна министерка за образование и една од најистакнатите во борбата против корупцијата и надмоќта на олигарсите.

Уште лани летото, кога десетици илјади Молдавци протестираа на улиците против корумпираните елити, Санду се обрати со јасна порака до демонстрантите. Молдавската политичка сцена, порача таа, е „арена на борби за моќ на различни личности, кои по сопствено наоѓање располагаат со ресурсите на земјата.“ Само цивилното општество би можело да ја заврши оваа состојба и да ѝ овозможи иднина на земјата.

Сега Молдавците треба да решат кому ќе ја дадат својата доверба. Маја Санду како поборник на проевропски реформи има тешка позиција. Под плаштот на европски курс, т.н проевропски влади ја експлоатираа и ја доведоа земјата во тешка финансиска и економска криза. И покрај Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, Република Молдавија се наоѓа кратко пред колапс. Конците зад партиите ги влече контроверзниот бизнисмен и политичар Влад Плахотниук. Многумина Молдавци, првенствено младите луѓе, веруваат дека Маја Санду може да ја ослобори земјата од канџите на олигарсите. 

Moldawien Politikerin Maia Sandu
Маја СандуФотографија: picture-alliance/dpa/d. Doru

Одвратување од Европа?

Шефот на опозиционите Социјалисти Игор Додон чувствува потврда на својата политика. Непотизмот и корупцијата се премолчено прифатени од ЕУ од геополитички причини, повторува тој како мантра. Во повеќе интервјуа за руските медиуми тој тврди дека Договорот за асоцијација со ЕУ е огромна грешка и како претседател, тој би го раскинал Договорот и би ја поврзал земјата со Руската Федерација. Негова втора цел е федерализација на Молдавија, вклучувајќи ја и сеператистичката Република Транснистрија. Овој отцепен регион „де јуре“ уште ѝ припаѓа на Молдавија, но „де факто“ е отцепен од неа и поднесе молба за припојување кон Русија. Во меѓувреме, една третина од населението во Транснистрија присакува повторно спојување со Молдавија. Со федерализација на Република Молдавија, на сонот на „унионистите“ во Кишињев (главниот град на Молдавија) и Букурешт за можно обединување на Молдавија и Романија, конечно би му дошол крај.  

Третата точка од планот на Додон е неутралност на Молдавија. Тој отфрла било каква соработка на својата земја со НАТО, повеќепати ги критикуваше заедничките воени вежби на молдавската армија и Западната воена алијанса, изјавувајќи дека сака во основа да ја промени безбедносната стратегија на земјата. „На територијата на нашата земја нема да трпиме ни трупи на НАТО, ниту војници од други држави“. Никого притоа не го чуди што не го спомена присуството на руски трупи во Транснистрија.

Igor Dodon
Игор ДодонФотографија: DW/J. Semenova

Нејасни анкети

Според најновите истражувања на јавното мислење, Игор Додон со 27 проценти од гласовите стои на врвот од скалата на кандидати за претседател. Следи Маја Санду со само десет проценти поддршка. Но, овој резултат залажува, зашто анкетите се водени пред одлуката на проевропските партии за испраќање заеднички кандидат на изборите. Ако се опфатат сите гласачи на проевропскиот политички табор, тогаш Маја Санду би можела да има преку 20 проценти гласови. Дали ќе биде така, ќе покажат резултатите од неделното гласање.

И натаму е прашање дали еден од двајцата кандидати ќе добие најмалку 50 проценти гласови во првиот изборен круг, ако не биде така, конечната одлука ќе падне во вториот круг од изборите, на 13 ноември.