1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва со ултиматум до Навални

Јенс Јенсен
29 декември 2020

Критичарот на рускиот претседател Путин, Алексеј Навални, кој во Германија се опоравува од последиците на напад со отров, е соочен со ултиматум од татковината.

https://p.dw.com/p/3nJ7q
Russland Oppositionsführer Alexei Nawalny
Фотографија: Vasily Maximov/APF/Getty Images

Руските власти од критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, ултимативно побараа да се врати од Германија. Навални, како што се вели од Москва, ја прекршувал условната казна од 2014 година. Службата за управување со затворите ФСИН, со укажување на извештај во медицинското стручно списание „Лансет“, вели дека Навални во септември бил отпуштен од болница и дека од средината на октомври нема симптоми. Оттука, доколку не се јави кај надлежните институции навреме, му се заканува затворска казна.

Повеќе: Руските власти го стегаат обрачот околу Навални

Пред само неколку дена портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во однос на текстот во „Лансет“ рече: „Не читаме медицински објави.“ Лекарите од берлинската болница Шарите во „Лансет“ ги наведуваат детално симптомите кај Навални по труењето.

Рускиот опозиционер на Твитер го објави дописот до неговиот адвокат, според кој тој би требало да се јави во канцеларија во Москва денеска во 9 часот по локално време. Портпаролка на Навални објасни дека тоа не е можно, а освен тоа тој и натаму се опоравува од последиците од труењето.

ПовеќеРусија воведува санкции против Германија во случајот Навални

Алексеј Навални колабираше во август годинава во текот на лет во Русија. По престојот во руска болница, тој беше префрлен на натамошен третман во Германија. Германската влада непосредно потоа соопшти дека тој бил затруен со нервен отров од групата Новичок. Експерти во Франција и Шведска, како и Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) го потврдија наодот на специјалната лабораторија на германскиот Бундесвер, каде беа правени анализи на крв и урина.

Повеќе: ЕУ со нови санкции против Русија

Навални го обвинува Путин дека стои зад нападот и дека тој и' наложил на руската тајна служба да го изврши нападот. Владата во Москва го отфрла тоа и зборува за заговор. Кремљ тврди дека нема докази за труење.