1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Напната трка по вакцина против коронавирус

Андреас Ростек-Бути
20 мај 2020

Информациите од САД за успешни резултати за вакцина против коронавирус им даваат крилја на фантазијата и на берзите. Низ цел свет научници, финансиери и политичари се ангажирани во операцијата – вакцина.

https://p.dw.com/p/3cW4E
Symbolbild | Forschung | Impfstoff | Covid-19
Фотографија: picture-alliance/ANE

Повеќепати се случува берзите да бележат скок поради информации за вакцина. Но на почетокот од оваа недела скокот на берзите беше прилично голем, од Њујорк, преку Токио до Франкфурт. Повод беше веста од фармацевтскиот концерн Модерна, прв кој во САД тестираше средство против Ковид-19 врз луѓе. Вакви тестови во пракса има и во Кина, Велика Британија и Германија. Но, посебно во САД се влеваат огромни пари во проектот вакцина против Ковид-19. Во светски рамки се експериментира со преку 100 евентуални средства за добивање вакцина. Бројот на проекти за добивање вакцина е преку 120, од мали фирми како Biontech од Мајнц или CureVac од Тибинген, па до светски концерни како Санофи и Модерна од Бостон во САД.

Акциите на Модерна забележаа скок од 20 проценти откако потенцијалната вакцина на концернот покажа ветувачки резултати по првите тестови. Американската здравствена агенција ФДА најави давање дозвола за средството по забрзана постапка. Модерна, според сопствени наводи, има договор со швајцарската фармацевтска фирма Лонза за да може да ја произведува вакцината во поголеми количини по обезбедувањето лиценца. 

Вакцина mRNA-1273

Вакцината на Модерна, mRNA-1273 кај осум од 45 пробанти предизвикала имунолошка реакција, соопшти концернот. „Иако резултатите не се официјални, тековните резултати од првата фаза покажуваат дека вакцинирање со mRNA-1273 може да предизвика имунолошка реакција споредлива со онаа предизвикана од природно добиена инфекција", изјави Тал Цакс, медицински раководител на Модерна. Целосните резултати на првата фаза на клиничкиот тест уште не се познати.

Повеќе:

Трамп смета со вакцина против коронавирусот за неколку месеци

Брисел собра 7,5 милијарди евра за вакцина за коронавирусот

Германија: Почнува тестирање на вакцина против Ковид-19

Трката по вакцина за коронавирусот во тек, со неизвесен крај

Американската влада вложува милијарди во развојот на вакцина преку две различни програми. Првично Вашингтон се потпираше на приватното стопанство и соодветна програма за поддршка. За таа цел државната служба БАРДА („Biomedical Advanced Research an Development Authority") става на располагање 3,5 милијарди долари. И Модерна добива пари од тоа. Нешто подоцна дојде операцијата Warp Speed, која првпат беше спомената во април, а во меѓувреме американскиот претседател Трамп ја претстави и во јавноста, но во делови. Развојот на вакцина против коронавирус е државна задача и за таа цел се обезбедени 10 милијарди долари, изјави Трамп, потсетувајќи на американскиот проект за развој на атомска бомба во 1940-те години. Warp Speed е нешто како надсветлосна брзина, деталите на програмата се тајна, но познато е дека се испитуваат 14 можни вакцини.

Клинички тестови

Од Вашингтон до Оксфорд во Велика Британија: научниците од тамошниот универзитет уште во април започнаа клинички тестови со преку 1000 доброволци. Проектот се одвива во соработка со фармацевтскиот гигант Астра-Зенека. И овде намерата е потенцијалната вакцина брзо да се произведе во повеќе милиони дози.

За ваква поддршка на научните испитувања и обезбедување производство, Европската унија неодамна собра 7,4 милијарди евра на меѓународна конференција. За доделувањето на овие средства не се важни националните граници. Biontech од Мајнц од пред извесно време ги врши првите клинички студии во Германија врз здрави лица, првични резултати се очекуваат во јуни. Овде партнери се американскиот концерн Пфајцер и кинеската фирма Фосун фарма. Доколку потенцијалната вакциа се покаже успешна, Пфајцер може за кратко време да произведе милиони дози вакцина, изјави шефот на Biontech, Угур Сахин. Друг изгледен играч во напнатата светска трка за вакцина е CureVac од Тибинген. Според косоптвеникот Дитмар Хоп, овде клиничките тестови би можеле да почнат во раното лето, а до есента да се лиферува евентуално вакцина.

Но, ваквите временски планови се преамбициозни, зашто тест-фазата мора да докаже на илјадници пробанти дека вакцината навистина делува и не предизвикува штети. Во секој случај, трката во фармацевтската бранша е во полн замав. „Ова е изедначена и неизвесна трка", вели Тило Калтенбах, здравствен експерт во консултантската фирма Роланд Бергер, додавајќи: „Никогаш досега немало поконцертирана акција со толку истражувачки фармацевтски фирми".

Налог за генералот

Олаф Телке, фармацевтски експерт во рејтинг-агенцијата Скоуп, не верува дека до крајот на годината ќе постои вакцина против коронавирус. Развојот на вакцина чини стотици милиони евра, истакнува тој. „Фирмите сносат ризик да доцнат во однос на конкуренцијата." Овој ризик треба да биде амортизиран со јавните средства за поддршка.

„За милијарди луѓе да можат да бидат вакцинирани против коронавирус, вакцината треба да не биде многу скапа", вели Телке. Сепак, вакцина за фарма браншата би била лукративен бизнис. „Оној кој прв ќе произведе вакцина, може да се надева на добивка од милијарди евра. Цел свет ќе се втурне кон вакцината."

Кина притоа има очигледна предност. Уште во средината на јануари Чен Ви, генерал-мајор во кинеската војска, како што пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, добил налог да работи на создавање вакцина. Остатокот од светот дури на крајот на јануари доби пристап до првите проби од новиот коронавирус.