На опозицијата во Белорусија и треба план
9 септември 2020Изминатиов месец, Белорусија е во политичка криза каква што не е видена во земјата во кусиот период на независност. Тврдењето дека претседателот Александар Лукашенко наводно освои неверојатни 80% од гласовите на изборите на 9 август разбесни голем дел од општеството затоа што резултатот очигледно беше фалсификуван. Оттогаш, стотици илјади луѓе излегуваат на улиците низ целата држава, барајќи од Лукашенко, автократ кој е на власт од 1994 година, да поднесе оставка и да се одржат нови избори.
Режимот не паѓа
Насилството против мирните демонстранти им остави на владите на другите држави малку избор: ЕУ ги осуди нападите врз демонстрантите и соопшти дека нема да ги признае изборните резултати. Но, ниту масовните протести, ниту заканите со санкции од ЕУ не ја потресоа владејачката елита во Минск. Фактот дека неколку дипломати, десетици новинари од државните медиуми, познати спортисти и уметници им се приклучија на протестите покажува колку е големо незадоволството. Но досега, режимот не ни трепна. Ниту еден локален функционер досега не ги поддржа протестите никаде во земјата, ниту пак некој од нив поднесе оставка.
Оттука, може да се каже дека протестите досега беа неуспешни. Но тие се мирни: Белорусите не палат гуми, не уништуваат продавници ниту окупираат административни згради. Властите можат да ги обвинат граѓаните само за непочитување на забраната за протести. Но на каков поинаков начин да реагираат луѓето на насилството од страна на безбедносните сили?
Властите се обидуваат пред меѓународната заедница да го протнат впечатокот дека се работи за малцинство „екстремисти“, кои протестираат на улиците. Тоа не е многу убедливо доколку се погледнат толпите луѓе: млади, студенти, уметници, работници во државни компании. Жените имаат видна улога во движењето.
Протестите се уште не одговориле на клучното прашање: Кој ќе раководи со земјата доколку Лукашенко падне: Светлана Тихановскаја, главниот ривал на Лукашенко на изборите, е главен кандидат за функцијата, но таа замина во егзил по изборите и оттогаш призна дека и не е баш заинтересирана да биде политичар.
На протестите им е потребен лидер кој може да носи важни одлуки брзо и независно- и лидер кој ќе може да остане во земјата. Искуството покажа дека ривалите на Лукашенко во егзил го губат своето влијание врз политичките текови во Белорусија.
Протести без структура
Со нивните измешани политички ставови, демонстрантите досега не успеаја да им дадат геополитичка насока на протестите. На митинзите се појавуваат по неколку руски или ЕУ знамиња. Пораката е јасна: Протестите имаат само внатрешно-политички мотиви, и нивната единствена цел е да му стават крај на владеењето на Лукашенко и да се свикаат нови избори.
Но, кој во протестното движење може да преговара со државниот апарат? Опозицискиот координативен совет е првиот чекор кон една таква структура. Но дел од неговите членови се во притвор, а останатите се под голем притисок на власта.
Прашањето кој ќе дојде по Лукашенко останува нерешено. Се создава впечаток дека и демонстрантите и луѓето кои се на чело на опозициското движење не знаат што да прават следно. Несомнено е дека режимот доби сериозен удар- но тој се уште е на нозе.