1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жената која го предизвикува Лукашенко

Владимир Дорокхов | Роман Гончаренко
8 август 2020

Светлана Тихановскаја стана симбол на опозицијата во Белорусија. Таа на претседателските избори го предизвикува Александер Лукашенко. Политичката трка има повеќе изненадувања.

https://p.dw.com/p/3gb8v
Bildkombo Alexander Lukaschenko und Swetlana Tichanowskaja

Одамна една изборна трка во Белорусија не била толку интересна како оваа. До неодамна се’ укажуваше на уште една рутинска победа на претседателските избори во земјата на авторитарниот претседател Александер Лукашенко.

65-годишниот поранешен директор на големо советско земјоделско претпријатие со поранешната советска република владее од 1994 година. Поради неговиот раководен стил, од страна на западните медиуми е нарекуван „последниот европски диктатор“ и го бие глас дека ги има цврсто в рака земјата и луѓето.

Но, овие избори фрлаат сомнеж во тоа. Земјата на источната ЕУ-граница се менува драматично. Со недели десетици илјади луѓе на протести бараат крај на владеењето на Лукашенко.

Сцени на кои 9,5 милиони Белоруси досега не навикнале. Зашто Белорусија со децении важеше за стабилна до делумно заспана постсоветска република, која опстојува во сенка на Русија. Промена на власта се чинеше невозможна, опозицијата беше раскарана, а населението не се бунтуваше благодарение на релативната благосостојба.

Светлана го кажува она што многумина го мислат

Тие времиња се чини се минато. „Доста ми е од молчење“, изјави на еден од протестните собири во Минск на крајот на јули кандидатката за претседател Светлана Тихановскаја. 37-годишната домаќинка на бината делуваше несигурно, но речениците кои ги читаше од еден лист хартија очигледно го отсликуваа она што го мислат многумина.

Тихановскаја стана симбол на противниците на Лукашенко. Таа се вклучи во претседателската трка откако нејзиниот сопруг, омилениот видео-блогер Сергеј Тихановскиј, не доби дозвола за кандидирање. Младата жена всушност воопшто не сака да биде претседателка. Таа најави дека во случај на изборна победа ќе распише нови демократски избори.

Weißrussland Wahlen Demonstration der Oppsition in Minsk
Десетици илјади луѓе беа собрани на предизборниот митинг на Светлана Тихановскаја во Минск на 30.07.2020Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/V. Tolochko

Колку може Тихановскаја да биде опасна за Лукашенко е тешко да се процени. Не постојат независни истражувања на јавното мислење за вкупно петте кандидати кои добија дозвола да влезат во изборна трка. Државните медиуми тврдат дека Лукашенко е омилен кај 70% од Белорусите.

Некои опозициски политичари и медиуми, пак, ја застапуваат тезата дека вистинскиот рејтинг на претседателот може да се изрази со едноцифрен број. Независно набљудувачко тело исто така не постои, зашто Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) овојпат не доби покана.

ПовеќеПоследниот европски диктатор слави 25 години на власт

Помалку благосостојба, повеќе протести

За разлика од соседна Украина, населението во Белорусија долго време важеше за пасивно. Тоа, меѓу другото, се должеше на релативно успешната економска политика на Лукашенко, која профитираше од блискоста со Русија која опфаќаше и кредити. Лукашенко меѓу народот доби прекар „Батка“ (нагалено за татко), неговиот патернализам имаше добар одек.

Но, во текот на изминатите години овој модел ги покажа своите слабости. Помеѓу Белорусија и Русија постојано има кавги околу доставувањето енергија. Благосостојбата на Белорусите се намали, а подготвеноста да се протестира се зголеми.

Во предизборната трка улога играше веројатно и односот на Лукашенко кон короната. На почетокот претседателот ја исмеваше болеста и ја игнорираше. Тој препорачуваше вотка и посета на сауна и се откажа од прогласување карантин ширум земјата, се’ додека на крајот на јули не се разболе и самиот од коронавирус.

Политичкиот пресврт почна да се наѕира на средината од мај, кога двајца претставници на владејачката елита најавија свои кандидатури на претседателските избори. Првиот од нив, Виктор Бабарико, беше долго шеф на Белгазпромбанк, фирма-ќерка на рускиот енергетски џин Гаспром. Вториот, Валериј Цепкало, е поранешен дипломат и раководител на еден технолошки парк.

Weißrussland Wahlen Demonstration der Oppsition in Minsk
Светлана Тихановскаја на демонстрации во Минск со претставнички на двајцата опозиционери кои не добија дозвола за кандидирање, Виктор Бабарико и Валериј ЦепкалоФотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Grits

Двајцата предизвикувачи се покажаа како големо изненадување во предизборието. Но, и покрај нивната популарност, не стигнаа далеку. Нивните кандидатури не добија дозвола. Бабарико беше уапсен поради наводно економско кривично дело, а Цепкало наводно ја напуштил земјата.

Повеќе: Изборната кампања во Белорусија станува интересна

Москва и Минск се раскарани

На поранешните претседателски избори во Белорусија традиционално имаше геополитичка поделба на улогите - Лукашенко пледираше за интеграција со Русија, додека опозицијата се залагаше за приближување до Западот. Во моментов нема таква јасна поделба.

Односот со Русија важи за тензичен, меѓу другото и затоа што Лукашенко овојпат се спротивставува на уште потесна интеграција. Освен тоа, претседателот ја обвинува Москва дека се вмешала во белоруските работи и дека им дала поддршка на опозициски кандидати.

Повеќе: Минск виси помеѓу НАТО и Русија

Внимание пред избори предизвика и апсењето на 33-ца Руси, кои во Белорусија беа опишани како „платеници“ на наводно приватна руска борбена единица. Белоруските власти ги обвинуваат уапсените дека подготвувале масовни немири. Москва тоа го демантира.

Пад на Лукашенко се’ уште се смета за неверојатен, но сега веќе не изгледа и невозможен. Шефот на државата никогаш не се стеснуваше од одбрана на својата моќ со насилство. Протестите по претседателските избори во 2010 година беа брутално задушени, а опозициските лидери беа уапсени. Тогаш Западот реагираше со санкции кои беа укинати дури пред неколку години. Дел од набљудувачите сметаат дека и сега веќе може да се наѕрат контури на полициска држава.