На Шпанија ѝ треба нова политичка култура
11 ноември 2019Да се организираат четирипати парламентарни избори во рок од четири години веќе претставува дрскост. Притоа, шпанските избирачи се упадливо трпеливи, последниов пат дури 70 проценти од нив се појавија на гласачките места. Но, расположението кај граѓаните е јасно разбирливо: политичарите конечно треба да најдат излез од ќорсокакот и неактивноста.
Времето на јасни мнозинства е минато
Се чини како во Шпанија, од политички аспект, последниве години никој да не гледа подалеку од носот. Додека низ цела Европа се окончува владеењето на старите двопартиски констелации и мораше да се најдат покреативни решенија за формирање влади, во Шпанија уште владее стариот стил на безусловно ривалство. Политика како непрекинат меѓусебен двобој, кој на крајот има победник и победен.
Но, и во Шпанија работите се променија во корен. Парламентот е порасцепкан од кога било, во него се присутни 19 поголеми и помали партиски групи, што значи дека влада може да се состави само преку формирање флексибилни коалиции. Составот на парламентот го отсликува налогот на гласачите - да се бара балансирање на интересите и да се остават настрана идеолошките закоравености и тврдоглавости.
Левоориентираната партија Подемос тука жалосно потфрли. Иако до пред неколку години се сметаше за извор на надеж, падна во немилост кај гласачите, зашто се покажа нефлексибилна и без желба за владеење. Граѓаните од своите народни претставници не очекуваат да држат во парламентот огнени говори и да мавтаат со тупаници, туку да спроведуваат политика во нивен интерес. Ако се фрли поглед кон Холандија, може да се види како тоа функционира. Таму во меѓувреме се разви вистинска уметност за склопување комплексни коалиции, кои по правило траат дури и неколку години и можеа да овозможат прилично стабилни влади.
А ако се погледне кон Австрија или Германија, тогаш тамошниот пример на т.н. големи коалиции докажува дека е можен сојуз и на две големи партии, ако тоа останува како единствено привремено решение. Кога се стои во политички ќорсокак, тогаш е вредно да се размисли и за вакви решенија. Но, предуслов е политичките табори во Шпанија да излезат од оковите на своето тврдокорно непријателство.
Не е потребна коалиција по секоја цена
Меѓутоа, она што сепак не треба да произлезе, е целосна флексибилност насочена кон десно, без повнимателно да се размисли со кого се склучува сојуз. Шпанската Народна партија (Партидо популар - ПП) со одушевување ѝ се фрли во прегратките на десноекстремната партија Вокс, сметајќи дека конзервативците и десничарите повеќе си одговараат едни на други отколку конзервативците и социјалдемократите.
Но, дали е навистина така? Сака ли Народната партија вистински да придонесе за ново издание на Франковата диктатура со тоа што ќе помогне Вокс да се етаблира на политичката сцена? Дали навистина сака да учествува во одењето во рикверц во поглед на правата на жените и малцинствата? Би вовела ли вонредна состојба во Каталонија за насилно да го сузбие сеператистичкото движење? Кај конзервативците ваква дебата не беше водена, што го отвора прашањето колку се тие воопшто политички одговорни.
Повеќе:
Ерупција на протести во Барселона: десетици повредени во судири со полицијата
Загубената невиност на Шпанија
Дали вонредните избори ќе значат крај за Педро Санчез?
Каталонската криза предизвикува расцеп во земјата
Она што е Брегзит за Велика Британија, тоа за Шпанија е кризата со Каталонија. Таа предизвикува поделба во земјата и поттикнува нов национализам. Без оглед што сепаратистичкото движење загуби самото на популарност во регионот, активистите постојано се трудат наново да го разгорат огнот. А козервативната и десничарска политика во Мадрид реагира според принципот на Павлов рефлекс: единствениот одговор е насилство и тврдост.
Притоа, секој разумен човек знае дека во оваа ситуација излез може да понуди само политичко решение, вклучувајќи трпение и умереност. Премиерот Педро Санчез успеа да забележи одреден успех преку балансирањето меѓу тврдост и компензација. Но, под притисок засилено го става апсурдната бескомпромисност на десничарите.
Нова политичка култура
На шпанската политика ѝ е потребна помалку идеологија и емоции, а повеќе практична разумност. Минати се времињата во кои се размислуваше во категории како - сѐ или ништо. Не може веќе да се размислува во стилот на слепа партиска исклучивост. Но, досега нема речиси никакви знаци за прекин на старите навики во земјата и политиката. Дали одговорните во Мадрид ќе успеат во ова, останува отворено прашање. Во основа, тие и немаат друга шанса. Доколку својата неспособност повторно ја префрлат на гласачите, би дошло навистина до најголема политичка хаварија.