1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

На Ѓоковиќ му е важна само титулата

Сара Вирц
5 јануари 2022

Со правилото за медицински исклучоци при вакцинирањето, Новак Ѓоковиќ смее да настапи на Австралија опен, што предизвика револт во цел свет. Односот на врвниот светски тенисер е без никаква почит, смета Сара Вирц.

https://p.dw.com/p/45AIN
Новак Ѓоковиќ со пехарот на посладниот Австралија опен
Новак Ѓоковиќ со пехарот на посладниот Австралија опенФотографија: William West/AFP/Getty Images

Род-Лејвер арената е така да се каже, негова дневна соба. Тука Новак Ѓоковиќ ги освои половината од неговите вкупно 20 гренд слем титули. Тој е без дилеми најголемиот рекордер на Австралија опен. И со една победа Србинот може да ги надмине Рафаел Надал и Роџер Федерер и да стане единствениот рекордер во гренд слем титули. Разбирливо е значи, што првиот на светската ранг-листа по секоја цена сака да настапи во Мелбурн.

Но, неразбирливо е на кој начин сака тоа да го направи.

Со пост на Инстаграм, кој го прикажува насмеан со багаж на аеродром и неколку реда, во кои најпрво изразува желба сите да чувствуваат љубов и почит кон сите суштества на оваа прекрасна планета. И на крајот, информацијата дека тој патува со потврда за медицински исклучок за вакцинирање.

Гренд слем без Федерер и Ѓоковиќ?

На Австралија опен, чиј старт е на 17 јануари, смеат да настапат само вакцинирани тенисери. Таква беше изјавата на директорот на турнирот Крејг Тили пред околу два месеца. Тоа што кратко пред стартот, учеството на  Новак Ѓоковиќ  е образложено со негово оправдување за невацинирање од медицински причини, можеби се должи на лошата комуникациска стратегија, но е легитимно. Сепак, случајот отвора бројни прашања.

DW Kommentarbild Sarah Wiertz
Сара Вирц

26 професионалци и функционери побарале одобрение за учество врз основа на ова правило, од нив се одобрени „неколку“, најголем дел зашто во последните шест месеци прележале  Ковид-19.  Новак Ѓоковиќ се инфицираше  со коронавирусот уште во летото 2020 година на Адриа тур, каде самиот беше организатор. Но, неговата имунизација по еднаипол година одамна веќе не важи.

Дали  Ѓоковиќ значи се инфицирал со вирусот во изминатите шест месеци?

Не знаеме. Тој досега не го објави јавно својот вакцинален статус, тоа е приватна работа, и негово право. Но, неговото барање за користење на правилото за медицински исклучок укажува на препоставката дека тој не е вакциниран. Освен тоа, на Фејсбук тој самиот се означи за противник на вакцинирањето.

Директорот на турнирот Тили истакна дека условите за користење на правилото за медицински исклучоци се уште построги отколку за другите патници, а тие се веќе многу рестриктивни.

Што се смета за исклучок?

Според австралиските здравствени власти, како единствени услови за правилото за исклучок од медицински причини се сметаат: ако некој веќе реагирал со животно загрозувачка, алергиска реакција на некоја вакцина, има природна имунизација за хепатитис, морбили, заушки, рубеола или варичела или има силно ослабен имунолошки систем.

Последново, кај врвен спортист како  Ѓоковиќ,  кој во австралиското лето издржува со часови играње тенис на преку 30 степени Целзиусови, сигурно е исклучено како причина. Значи, остануваат првите две причини. Малку е веројатно дека Ѓоковиќ ги исполнува токму овие критеруми, но не е невозможно.

Но, невозможно е што Ѓоковиќ очигледно не смета за потребно да ја информира јавноста за тоа. Напротив, 34-годишникот се чини ужива во тоа овие и други прашања да ги остави отворени, па дури и да си поигрува со несигурноста, грижите и стравовите на луѓето. Тоа е навреда за сите кои се придржуваат  кон правилата за Ковид-19. Тоа е без никаква почит и спортски тотално нефер.

Со ваков однос Ѓоковиќ сигурно нема да ги освои срцата на мнозинството луѓе, но можеби својата 21 и со тоа највредна гренд слем титула во кариерата.