1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нееднаквоста раѓа глад во светот

Хеле Јепесен
13 октомври 2017

Колку гладни има во светот и кои се причините? Годишниот индекс ја покажува ситуацијата и ги детектира слабите точки. Во некои земји има голем број милијардери, а милиони луѓе гладуваат.

https://p.dw.com/p/2llxm
Symbolbild Brot
Фотографија: Imago/Westend61

Сиромаштијата и гладот се поврзани и тоа не е ново сознание, но нерамномерната распределба на гладот во светот не е поврзана само со сиромаштијата, туку пред сѐ со политиката и моќта. „Нееднаквоста е различна", вели претседателот на Светската агенција за борба против глад, Бербел Дикман во интервју за ДВ. Честопати жените се третирани нееднакво, но нееднаков третман бил забележан и меѓу различните етникуми. На пример во Индија. Таму има голем број милијардери, но 200 милиони луѓе и натаму се погодени од глад, вели Дикман.

На прв поглед, глобалните напори за искоренување на гладот се чини дека биле успешни во споредба со Светскиот индекс од 2000-тата. Просечниот коефициент е намален за 27 проценти, но успесите се нерамномерни. Ако подетално се загледа, се прикажува поинаква слика: има 14 земји во кои ситуацијата со гладот е подобрена за 50 проценти, вели Дикман. „Но, точно е и тоа дека во последните години поради конфликти и сушата во Африка ситуацијата е повторно влошена."

Не се опфатени сите земји

Во годинешниот индекс ситуацијата во седум земји е оквалификувана како „многу сериозна" и во една земја, Централноафриканската Република, како „драматична". Во 2000-тата ситуацијата во осум земји беше „драматична". Но, 13 земји меѓу кои и Сомалија, Јужен Судан и Сирија не се опфатени во годинешниот индекс, бидејќи достапните податоци не биле доволни. За Светскиот индекс за глад се сумираат податоците за неухранетост, степенот на смртност на деца и заостанат развој кај децата. 

Во многу земји општата ситуација со гладот од 2000-тата е подобрена,  но не секогаш во целата земја. „Екстремен пример е Нигерија. На југот на Нигерија живеат 175 милиони луѓе кои делумно се засегнати од глад, додека 4,5 милиони од северот на Нигерија, каде што вријат конфликтите со Боко Харам, се многу силно засегнати од глад", појаснува Дикман. Слична е ситуацијата и во другите земји.

Infografik Welthungerindex 2017 ENG ***SPERRFRIST BIS 12.10.2017 (10:00 Uhr CEST)***

Човеково право на храна

Притоа правото на храна е човеково право за кое може и да се тужи. Во меѓународното право е дефинирано во член 11 во социјалниот пакет на ООН за економски, социјални и културни права. Во Индија адвокатот Колин Гонзалвес во 2001. година успешно покрена тужба пред Уставниот суд. По пресудата, индиската влада го воведе светски најголемиот пакет со државни мерки за борба против глад и неухранетост, меѓу другото со обезбедување храна во училиштата и оброци за бремени жени и жени доилки.

За неговата работа Гонзалвес годинава беше награден со алтернативната Нобелова награда. „Неговиот познат процес за право на храна пред највисоките индиски судови придонесе за подобра снабденост со храна на 400 милиони луѓе", се вели во образложението за наградата од страна на Фондацијата.

Системски грешки го поттикнуваат гладот

Дали во еден регион или земја се гладува е и прашање на распределбата на ресурсите. Глобално погледнато во денешно време не би било проблем сите луѓе да се сити, но „распределбата не функционира", вели Бербел Дикман.

Во постоечкиот глобален систем воопшто и не е можна добра распределба, дополнува Ханс Херен од Меѓународниот експертски панел IPES Food, составен од научници и експерти од цел свет кои се занимаваат со прашања поврзани со прехранувањето и одржливото земјоделство. „Можеме да ја постигнеме целта 'без глад' но за тоа мораме радикално да го смениме системот со прехранбените производи - од самата продукција до конзумирањето."

Експертот за земјоделие и развојна помош учествувал во составувањето на Светскиот извештај за аграрот во 2008. година и во 2013. беше награден со алтернативната Нобелова награда за неговата работа. Трансформација на синџирот на исхрана од повеќе причини е нужна, смета Херен. „Како прво мораме да се адаптираме на промената на климата, а друго е што мора да обезбедиме земјоделието да не ја влошува натамошно ситуацијата со климатските промени и трето - мора да обезбедиме здрава исхрана за сите."

Hunger in Afrika
Гладот- еден од главните проблеми во АфрикаФотографија: picture-alliance/dpa/A. De Ras

Кога храната разболува

Традиционалното селско производство не е соодветно, ниту доволно продуктивно, смета Херен. За исто толку несоодветно го смета и индустриското земјоделие, кое е еден од поголемите предизвикувачи на климатските промени. Т.н. „Зелена револуција", која исто така содржи и монокултури и масовно одгледување животни и пестициди и користење вештачки ѓубрива, одамна потфрлила, смета Херен. Згора на тоа, прехранбените производи кои така се произведени, се предизвикувачи на сѐ пораспространетата преголема тежина кај луѓето и дијабетот од типот 2.

Организацијата за исхрана и земјоделие про ООН му дава за право. „Податоците од САД и Канада покажуваат дека околу 60 проценти на внесот на калории во нормални домаќинства е од прехранбени производи и пијалоци кои содржат премногу шеќери, маснотии и сол", вели Ана Ларти за ДВ, директорката на Одделот за исхрана при организацијата ФАО.

Резултатот е: околу две милијарди луѓе на светот имаат прекумерна тежина и нивниот број сѐ повеќе расте, како во индустриските, така и во земјите во развој. „Постоечките системи за производство на храна се насочени кон квантитет, а не кон квалитет", вели Ларти.

На патот кон одржливост

Затоа Ханс Херен и неговите колеги од експертскиот панел IPES Food сметаат дека земјоделието во светот мор радикално да биде променето. „Мораме во земјоделието да воведеме аграрно-еколошки пракси за да може да продуцираме одржливо доволни количини храна и таму каде што денеска нема доволно."

Промената не би ја засегнала само продукцијата, туку би ги зела во предвид и социјалните, еколошките и развојно политичките аспекти. Еколошкото земјоделство би ја поттикнало биолошката разноликост и разноврсноста на производи и истовремено би обезбедило здрава продукција и здрава исхрана, смета Херен. 

Организацијата за борба против гладот во светот со децении се обидува да реализира проекти од ваков тип во светот.  Во локалните курсеви што ги организира се предаваат методи за одржливо производство и поефективен третман на ресурсите, како и интегрирана обработка на полињата.

За сето тоа да функционира, Бербел Дикман смета дека е важна политичката едукација на запоставените групи. „Се обидуваме да објасниме дека во многу општества има начини за да се влијае и за да се учествува во носењето одлуки", вели Дикман. Така во нивните проекти се вклучени и претставници на локалните власти. „За да биде размената и таму присутна, бидејќи некогаш и на самите владини претставници не им се познати меѓународните договори."