Јемен: Војна, смрт и глад
27 март 2017Разорена држава, распад на институциите и глад насекаде- тоа е сликата на Јемен две години од почетокот на саудиската интервенција против бунтовниците во таа земја. Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на мнозински сунитските земји во која се уште и Обединетите Емирати, Бахреин, Кувајт, Катар, Египет, Јордан, Мароко, Сенегал и Судан. Борбата против бунтовниците од редовите на Хути- милитантна шиитска секта- најпрво имаше за цел на власт да се врати претседателот Абед Мансур Хади.
Но, ни пред две години, кога врз Јемен паднаа првите саудиски бомби, не беше потребна голема мудрост да се заклучи дека Саудијците во јужното соседство сакаат повеќе- да го запрат влијанието на Иран и да ја потврдат доминацијата на Арапскиот полуостров. Во меѓувреме, граѓанската војна, какви што Јемен веќе имаше и повеќе од доволно, прерасна во регионален судир на Ријад и Техеран.
„Две години го гледаме ова и сега делува дека најверојатно и во следните две години ќе гледаме континуиран конфликт во Јемен“, вели Адам Берон од Европскиот совет за меѓународни односи, тинк-тенк со седиште во Лондон. Јемен, вели тој, е најголемата светска хуманитарна криза, „а сѐ наведува на тоа дека ќе биде уште полошо“.
Најсиромашната арапска земја е речиси целосно разорена со неселективно ракетирање- пред сѐ од страна на арапската коалиција. Уништена е инфраструктурата, болниците и училиштата. Организациите за човекови права ги обвинуваат сите страни за воени злосторства. Околу 7 милиони луѓе би можеле да умрат од глад доколку во наредните месеци не добијат хуманитарна помош. Помош е потребна за вкупно 19 милиони луѓе или речиси две третини од населението. Околу три милиони луѓе се раселени, 8 илјади загинаа, а 42 илјади се ранети.
Лабави врски со Иран
Хутите сочинуваат околу една третина од населението на Јемен и долго се бунеа против дискриминација во земјата. Организирано настапуваат од 1990-те години, како одговор на сѐ посилните струи на политичкиот сунизам. Од 2004 до 2010 година, Хутите започнаа дури шест организирани востанија против поранешниот претседател Али Абдула Салех. Арапската пролет во 2011 го тргна Салех од власт, и Хутите на почетокот беа важен фактор на транзицијата. Но од 2014 година, повторно незадоволни договараат пакт токму со Салех и нему верните паравоени формации.
Хаосот во Јемен го искористи и Ал Каеда на Арапскиот полуостров која контролира делови од земјата, како и Исламската држава.
За врските на Хути бунтовниците во Јемен со Иран има различни мислења. Саудијците сметаат дека Хутите се само продолжена рака на Техеран, слично како и Хезболах во Либан. Соговорниците на ДВ сметаат дека пактот на Хутите со Иран е повеќе изнуден. „Тоа што Хутите имаат односи на меѓусебно разбирање со Иран не значи дека се марионети на Иран“, вели Берон. Се смета дека постои испорака на оружје од Техеран, а нема сомнеж дека Хутите уживаат и медиумско-пропагандна поддршка.
Али Фатолах-Нејад, експерт за Иран од Германското друштво за надворешна политика вели дека не треба да се заборави оти иранската власт веќе повеќе од една деценија се обидува да влијае во Јемен, кој дели долга граница со Саудиска Арабија. „Иран се обидува да ја навлече Саудиска Арабија во јеменската кланица“, вели тој. Но, влијанието сепак не е толкаво како што тврдат во Ријад. Саудиска Арабија намерно го преувеличува значењето на Техеран за да „ја оправда својата железна рака“ во Јемен.
Контроверзна е и поддршката на САД кои учествуваат со разузнавање, логистика и ја снабдуваат со оружје коалицијата на Ријад. Според Амнести интернешнл, САД и Велика Британија само од март 2015 година- кога почнаа нападите врз Јемен- и продале на Саудиска Арабија оружје во вредност од пет милијарди долари.
Администрацијата на Доналд Трамп досега се ограничи на напади врз Ал Каеда на Арапскиот полуостров. Освен воздушните напади- во кои, според извештаите, страдале 30 цивили- американската војска извршила и копнена операција. Наводно биле убиени 14 терористи, а настрада и еден американски командос. Останува отворено прашањето дали САД отворено ќе се вмешаат во судирот.
„Иранците многу би се радувале доколку успеат да ги вовлечат САД во Јемен“, вели Берон.