1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртвите не смеат да бидат попусти

Кристоф Хаселбах / превод: ЕМФ30 декември 2014

Победа на левичарскиот сојуз Сириза на претстојните нови избори во Грција би можела да ги загрози напорно постигнатите економски успеси, оценува Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1ECRq
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Алексис Ципрас може прекутрупа, преку неуспешниот избор на претседател, да стане она што не му успеваше повеќе години, имено да биде нов грчки премиер. Според анкетите, во моментов води неговиот левичарски сојуз Сириза. Ако Ципрас навистина застане на чело на идната влада и ја оствари својата најава за откажување од курсот на консолидација, тогаш работите за Грција, но и за целата еврозона, изгледаат лошо.

Напорно убедување

Поглед наназад: двајца грчки премиери, социјалистот Јоргос Папандреу и актуелниот Андонис Самарас вложија голем напор за да ги убедат своите сонародници во курсот на штедење и реформи кој го одредија меѓународните кредитори. Алексис Ципрас уште тогаш го предводеше политичкиот отпор. Но без рестрикции ЕУ и ММФ немаше да ја спасат земјата од финансиски колапс со дури 240 милијарди евра.

Грција на тест

За одбележување е што Самарас во изборната борба во 2012 година доби поддршка не само од германската канцеларка Ангела Меркел, која припаѓа на исто партиско семејство како и Самарас, туку и од социјалистичкиот претседател на Франција, Франсоа Оланд и тогашниот италијански премиер Марио Монти, кој не припаѓаше на ниедна партија. Оланд и Монти во една друга прилика се здружија против наводниот германски диктат за штедење. Во случајот со кредитите за Атина, меѓутоа, на двајцата им беше јасно дека останувањето на Грција во монетарната унија, ако не дури и целата европска политика на спасување, зависи од прифаќањето на условите.

Први плодови

Грчката економска иднина сега повторно би можела да биде ставена на коцка. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за весникот „Билд“ веќе предупреди дека новата грчка влада би морала „да се држи до договорите на претходната“. „Ако Грција тргне по друг пат, ќе биде тешко“, рече тој. Ироничното во евентуалната победа на Сириза на претстојните нови избори би бил пред се‘ моментот - грчката економија, по долгогодишна рецесија, полека застанува на нозе. Земјата може да ги собере првите плодови од досегашното големо жртвување низ кое мораа да минат луѓето. Ова жртвување би можело да биде попусто ако влада предводена од Ципрас стави крај на курсот на штедење и реформи.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Ирска покажува како треба

На инвеститорите политички не би им преостанало ништо друго освен да ја запрат помошта. На кој даночен обврзник во Германија, Холандија или Франција ќе може да му се објасни дека треба да даде практично безусловна помош за Грција, односно без да се инсистира нешто да се промени во причините кои довеле до презадолженост? Потреба да им се објаснува ќе има пред се‘ на другите земји кои примаа помош, како Ирска или Португалија. Тие, исто така со големи болки, воведоа слично штедење. Ирска е впрочем најдобриот пример како може да се тргне повторно нагоре по една успешна консолидација. Земјата која беше соочена со банкрот уште пред една година го напушти чадорот за спас и денес има висок пораст. Ирците би се прашале - зошто тие мораат да се откажуваат од многу нешто, ако Грција си поминува со помалку мака?

Неспоиви цели

Ципрас сака и да ја задржи Грција во еврозоната и да не штеди. Тоа заедно не оди. Анкетите сега укажуваат на победа на Сириза, но до изборите на 25 јануари расположението може да се промени. И Ципрас веќе не дава толку радикални изјави како порано, кога сакаше едноставно да ги откаже еднострано договорите за штедење. Во меѓувреме тој сака барем да води преговори со кредиторите. Но неговите официјални цели - зголемување на платите и пензиите, крај на отпуштањата од работа и стопирање на приватизацијата, се суштината и на она што го бараа и што им беше ветено на кредиторите. Во времето на Самарас, освен тоа, значително се подобрени условите за враќање на кредитите. Значи, Ципрас како премиер тешко дека може да се надева на уште отстапки на кредиторите.

Добредојдени реформи

Можеби многу Грци дошле до заклучок дека дел од реформите на кои беа принудени однадвор им прават добро, но дека сопствените политичари никогаш немале храброст да се зафатат со нив, како што е намалување на надуениот и неефикасен државен апарат или подобрувањето на системот на собирање даноци. Токму темата даноци покажува дека не секоја промена мора да биде поврзана со социјална острина, туку напротив, дека реформите можат дури да донесат и поголема социјална праведност. Во Грција и онака не може да биде како пред кризата. Останува надежта дека Грците со политичко сонување нема да го стават на коцка она што е постигнато со напор.