1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од влада „Заев три“ кон влада „НН еден“

19 ноември 2021

Плановите во СДСМ и коалицијата се менуваат од ден за ден. Пред три дена беше најавена реконструкција и влада „Заев три“, а сега се шпекулира за нов мандатар и нова влада.

https://p.dw.com/p/43DhZ
Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialogue
Фотографија: Government North Macedonia

Разногласие владее во владејачките кругови во однос на шпекулациите дека по евентуалното окрупнување на мнозинството нема да има реконструкција на Владата, туку дека Заев ќе ги активира двете привремено одложени оставки, со што оставката на премиерската функција ќе значи паѓање на целата влада и нужен пат кон нова.

Извори од коалицијата велат дека во моментов се говори за две варијанти: според првата, ако  се зголеми мнозинството да следи брза реконструкција, со што таа поддршка ќе биде и реално политички претставена во Владата, и втора, целиот процес да заврши со нов мандатар и нова влада. Во однос на втората варијанта, посочуваат дека не е можно таа брзо да се реализира, затоа што по ефектуирање на привремено одложената премиерска оставка, треба да следат соодветни уставни процедури и рокови, што значи дека тој процес може да заврши кон крајот на декември или почетокот на јануари. Притоа, за  нов мандатар  треба да биде предложен новиот претседател на СДСМ, а тој претходно треба да биде избран на непосредни избори во партијата, што исто така бара време и подготовки. Иако во изминативе денови се шпекулираше со конкретно име за наследник на Заев, од партијата не ги коментираат таквите наводи и велат дека очекуваат изборот да биде направен од повеќе предложени кандидати.

Нова поделба на колачот

За фактот дека плановите во СДСМ и коалицијата се менуваат од ден за ден, сведочи и изјавата на вицепремиерот за економски прашања,  Фатмир Битиќи.  Тој на 16-ти ноември изјави дека наскоро ќе има нова влада предводена од Зоран Заев и одредени кадровски  промени на министрите.

„Сметам дека наскоро ќе добиеме нова влада ‘Заев 3’, дали се тоа двајца, тројца, пет или седум министри што ќе се сменат. Треба да има реконструкцијата на владата, без оглед дали ќе влезе нова партија или ќе остане истото мнозинство, сметам дека треба да има одредени промени на кадрите“, изјави Битиќи, кој е и потпретседател на СДСМ, што по дефиниција значи дека е добро информиран за плановите.

Само три дена подоцна, во игра е и варијанта за нова влада без Заев, што укажува на два аспекта: или дека и луѓето околу премиерот немаат доволно информации за текот на процесите, или дека  очекуваното окрупнување води кон тоа поделбата на владиниот колач да не може да биде задоволена само со реконструкција, односно дека ќе треба нова темелна прераспределба на ресорите ако се зголеми бројот на владини партнери, со извесност некои од актуелните да задржат дел од сегашните позиции.

Тој процес неминовно ќе потроши дополнително време, а претседателот Пендаровски вчера предупреди дека и досега „предолго време изгубивме во тоа кој ќе биде со 61 пратеник, а кој нема да биде“.

Средба Заев - Гаши

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ на 9-ти ноември едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата  Зоран Заев да ги одложи оставките  сѐ додека не се нормализираат процесите во државата. Денеска попладне премиерот Заев ќе се сретне со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, а органите на оваа опозициска партија наредната недела ќе донесат одлука дали ќе и се приклучат на владината коалиција. Во моментов, според извори од Алтернатива, расположението за влез во Владата било „пола-пола“, а во која насока ќе се движи - ќе зависи од аргументите што ќе ги понуди денеска Заев. Доколку разговорите завршат со договор, четири пратеници на Алтернатива ќе го зајакнат мнозинството. Но, според извори од албанскиот блок партии, можно е тоа да биде зајакнато и со еден пратеник од Алијанса за Албанците и од Беса, па најоптимистичките прогнози одат и до 66-67 пратеници на мнозинството.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Целта на владејачката коалиција е јакнење на парламентарното мнозинствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Запрашан дали уште еден член на БЕСА ќе се приклучи на владејачкото мнозинство, Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вчера не даде конкретен одговор.

„Не знам. Има сигнали и од постојната опозиција, се разговара за различни прашања, има луѓе кои даваат поддршка за евроатлантските процеси“, рече тој во гостување на ТВ „21“.

Од владејачката коалиција се убедени дека наредната недела ќе имаат  стабилно мнозинство.  Дали тоа ќе биде и моментот кога Зоран Заев ќе ги активира двете привремено одложени оставки?

„Ние го овластивме претседателот Заев со заклучок на Централниот одбор да ја повлече оставката и од претседателската и од премиерската функција, сѐ додека не обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое што во следните 2,5 години ќе влезе во процес на продолжување на реформите, на обезбедување на датум... Очекувам следната недела да има седница на Централен одбор, да започнат сите постапки, да се дискутира токму за постигнатото, за тоа дека имаме гарантирано стабилно мнозинство“ рече Генералниот секретар на СДСМ.

Нова неизвесност

Првата влада предводена од Заев беше избрана на 31-ви мај 2017 година, а втората на 30-ти август 2020 година. Oд опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ниту нова влада не е решение, бидејќи постапките на власта водат само кон поголема неизвесност.

„Резултатот од изборите е јасна порака дека народот бара промени во централната власт, народот е незадоволен од тешката економска криза, растечката инфлација, како и континуираните неуспеси и потфрлањето на планот на европските интеграции. Со СДСМ нема да има нова влада, може само да има продлабочување на економската, енергетската и политичка криза и поставување на нов Заев кој ќе биде продолжение на сите негови неуспешни политики. Затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека брзи избори би биле единственото решение за излез од таквата криза, а сѐ друго е продлабочување на кризата и влегување во уште поголема неизвесност“, изјави синоќа Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој соопшти дека ИК синоќа го утврдил датумот за претстојниот редовен партиски конгрес кој ќе се одржи 12-ти декември во Скопје, а на кој ќе се трасира патот на идното делување и политиките на ВМРО-ДПМНЕ во насока на партиските ветувања за промени во општеството. На тој конгрес ќе се избира и партиски претседател, бидејќи мандатот на актуелниот претседател, Христијан Мицкоски, му истекува кон крајот на декември.

„Очекуваме претседателот да биде кандидат на претстојниот конгрес, согласно со резултатите кои ги покажавме на последните локални избори“, рече Ковачки.

Од партијата во повеќе наврати досега изјавуваа дека Заев не сака да се распишат предвремени парламентарни избори и дека само бара алиби во наводна можност за деблокада на бугарското вето во декември, но сметаат дека тоа е сосема нереална проекција.