Од каде потекнува варијантата Омикрон?
15 декември 2021Под силен притисок научниците во цел свет трагаат по одговор: што го карактеризира сојот Омикрон на коронавирусот и од каде потекнува. Сознанијата треба да помогнат во подобра заштита и ставање конечен крај на пандемијата.
Со своите 50 мутации во спајк-протеинот, со кој продира во човековите клетки и потешко е препознатлив од постојните вакцини, со што делумно го заобиколува заштитниот механизам, Омикрон е опасен. Тој брзо се шири и може за кратко време да ги преоптовари здравстените системи. Предизвикува, иако поретко, и тежок тек на болеста. Затоа е толку важна третата доза од вакцината.
Во следните месеци Омикрон се очекува да ја истисне Делта варијантата во многу делови од светот. Притоа, САРС-Ков-2 во иднина може да стане ендемски, да нема пандемија во цел свет, но вирусот постојано да е присутен во одредени периоди. Слично на вирусот инфлуенца која се појавува секоја зима и од која штити годишна вакцина против грип.
Научниците сметаат дека Омикрон не настанал како резултат на развој на претходните варијанти, туку очигледно паралелно со Алфа, Бета, Гама и Делта. Со оглед што Омикрон покажува толку многу разлики во однос на коренот на вирусот, тешко е да се прогнозираат следните вирусни варијанти, истакнува д-р Ема Ходкрофт од Универзиттеот Берн за Дојче веле.
Анализата на коренот на Омикрон јасно покажува дека овој паралелен развој веројатно започнал уште во средината на 2020 година.
3 теории за зачетокот на Омикрон
За тоа каде варијантата Омикрон или нејзиниот претходник можеле да се кријат повеќе од една година, научниците нудат три можни објаснувања.
Прва теорија: Незабележано настанување во изолирана популација
Варијантата Омикрон можно е да се развила во изолирана популација, каде вирусот циркулирал веќе подолго време. Онаму каде многумина се инфицирале и оздравеле без да забележат, без присуството да било потврдено преку тестови.
Оваа теорија ја фаворизира Кристијан Дростен, шеф на Одделението за вирологија во берлинската болница „Шарите“, во интервју за „Научен магазин“: „Сметам дека не се развил во Јужна Африка, каде моментно се вршат многу секвенцирања, туку некаде во појужниот дел на Африка за време на зимскиот бран. Таму долго време беа присутни бројни инфекции, а за развој на ваков вирус е потребен енормен еволутивен притисок“, вели Дростен.
За Ендрју Рембот од Универзитетот Единбург оваа терорија не е убедлива. Тој не може да си претпостави вирусот толку долго да остане скриен кај одредена група луѓе. „Не сум сигурен дали навистина постои дел од светот кој е толку изолиран, што овој вирус толку долго време може да биде пренесуван без да се појави на различни локации.“
Втора теорија: Настанат кај луѓе со слаб имунолошки систем
Омикрон е можно да се развил кај хронично инфицирани пациенти со Ковид-19, веројатно кај некого чија имунолошка реакција била под влијание на други болести или лекови. Тоа може да бидат пациенти со рак или ХИВ, зашто кај луѓето со заслабен заштитен систем телото подолго се бори со вирусот. Така вирусот има повеќе време да развие мутации за да го заобиколи имунолошкиот одговор.
Приврзениците на оваа терорија, како Ричард Леселс од Универзитетот КваЅулу-Натал укажуваат во овој контекст на млада жена од Јужноафриканската Република со нетретирана ХИВ инфекција, која новиот коронавирус САРС-Ков-2 кај себе го носела преку шест месеци. Кај неа и кај други пациенти, кај кои инфекцијата траела со недели или месеци, биле забележани мутации кои се пронајдени и кај загрижувачките варијанти.
Меѓутоа, вкупните искуства со инфлуенца и други вируси кај имуносупримирани пациенти, според мислењето на Кристијан Дростен, јасно зборуваат против оваа теорија: кај овие луѓе навистина се развиваат варијанти кои го заобиколуваат имунолошкиот систем, но тие настапуваат паралелно со редица други промени, кои ја намалуваат преносливоста од човек на човек, истакнува Дростен. Омикрон, во споредба со другите корона варијанти, е недвосмислено попрефатлив.
Трета теорија: Натамошно развиен во животни и од нив преминал кај луѓе
Вирусот можел исто така да се крие кај животно-домаќин и таму да се развил натамошно, па потоа како мутирана Омикрон варијанта повторно да прескокнал на човекот. Оваа теорија ја поддржува на пример Кристиан Андерсен, научник за инфективни болести од Скрипс рисрч, како и експертот за еволутивна биологија Мајк Вороби од Универзитетот Аризона.
Во прилог на оваа теорија зборува што веќе е докажано дека одредени животни се подложни на коронавируси како САРС-Ков-2. Тоа е причината поради која најголем број научници и за почетниот, вирусен архетип САРС-Ков-2, кој се појави пред две години првпат во кинескиот град Вухан, сметаат дека има животинско потекло.
Во 2020 година милиони куни беа убиени пред сѐ во Данска, зашто научниците кај нив пронајдоа мутирана верзија на коронавирусот. Ветеринарите веруваат дека вирусот преминал од човек на животните, тие стравуваат дека инфекцијата може да се пренесе и обратно, од животни на луѓе.
Поддржувачите на оваа теорија како натамошна индиција го наведуваат тоа што вирусот кај животно бил изложен на сосема поинаков еволутивен притисок, што може да биде објаснување за многуте нови и делумно уникатни мутации кај Омикрон.