1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омекнува ли Франција? „Не сме тука за вето“

БГ
15 октомври 2019

Изјавите на министрите за надворешни работи пред почетокот на денешниот ГАК уште еднаш ја покажаа линијата на поделба во ЕУ во однос на одобрувањето на почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија

https://p.dw.com/p/3RIfZ
EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Франција опстојува на ставот дека најпрво е потребна реформа на преговарачкиот процес, па дури потоа отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија. Сепак, за разлика од претходните денови, француска дипломатка утрово инсистираше дека нејзината земја ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и дека не е во прашање вето за Северна Македонија и Албанија.  
Откако амбасадорскиот совет на ЕУ вчера не успеа да договори заедничка позиција за двете земји, дебатата денеска ќе ја продолжат министрите за надворешни работи. Според агенциски извори кои пренесуваат неименувани дипломати, и денеска се очекува тензична дебата во која „големото мнозинство во ЕУ се залага за почеток на преговори со двете земји“, додека Франција останува изолирана во својот став кон Северна Македонија.

Како што утрово, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ (ГАК), објасни француската државна секретарка за европски прашања Амели де Моншалан, Париз во принцип не е против проширувањето, но бара реформи. На новинарско прашање зошто „Франција става вето“ Де Моншалан се бранеше со објаснување дека „не е дојдена да искажува став што е во линија на вето или не, туку на размена на мислења“.  

„Франција веќе подолго време инсистира дека бараните реформи кои се предуслов за почеток на преговорите не само што се изгласани, туку навистина се имплементираат во пракса.“  
„Сакам да истакнам дека Франција смета дека европската перспектива на земјите од Западниот Балканот е несомнена и никако не му се спротиставуваме на тој принцип. Меѓутоа треба да ги правиме работите на кредибилен начин за да креираме доверба и во регионот и во Европа“, рече Моншалан. Француската министерка инсистира дека најпрво треба да се разговара за реформа на преговарачкиот процес кој го смета за предолг и неодреден.

Холандија бара закон за обвинителство

Наспроти ваквиот став, германскиот и австрискиот министер оценија дека преговорите мора веднаш да се одобрат. Германскиот државен министер Михаел Рот, изјави дека позицијата на Берлин е кристално јасна и дека истата се базира врз основа на гласањето во Бундестагот.

„Европската унија презеде обврски за мир, стабилност, демократија и помирување на Западен Балкан, а тоа значи дека мора да си ги исполнува своите ветувања“, рече Рот.

Шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг беше кус и директен:
„Двете земји ги исполнија сите услови, и да не забораваме, тие се дел од Европа.“

Шефот на холандската дипломатија, Стеф Блок оцени дека Скопје е поподготвено од Тирана да ги започне преговорите, но побара да се направи уште еден важен чекор, а тоа е донесување на законот за јавно обвинителство.

„Ако тој услов биде исполнет мислиме дека пристапните преговори треба да почнат“, рече Блок.

Финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, потврди дека проширувањето е на агендата на денешниот состанок и се „очекува сигнал до Западниот Балкан, за она што Европа ќе го стори во однос на Северна Македонија и Албанија.“
„Европа има обврски и мораме да одговориме на регионот на Западен Балкан“, рече Тупураинен.

Тешко до одлука од лидерите на ЕУ

Романскиот министер за надворешни работи Џорџ Чамба вели дека е можно двете земји, Северна Македонија и Албанија, да се раздвојат но само преку временската рамка за исполнување на дополнителните услови.

„Во Европа не правиме поделби, но одлуката може да биде различна во однос на поставените услови. Може да има различна временска рамка во однос на исполнување на одредени услови“, рече Чамба.

Тој е песимист дека одлуката може да им се препушти на лидерите на ЕУ на самитот в четврток.

„Вообичаено не се решава за проширувањето во Европскиот совет. Ако не го одобриме тука, тешко дека може да се случи на самитот на лидерите“, прогнозира Чамба.

Доколку одлуката за Северна Македонија не се донесе на денешниот состанок на министрите за надворешни работи, последна шанса е самитот на лидерите. Клучниот збор таму ќе го има францускиот претседател Емануел Макрон. Главни теми на агендата на самитот ќе бидат Брегзит и војната во Сирија.