1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимизмот и песимизмот не се научни категории

Тони Поповски
22 јануари 2022

Премногу емоции поврзани со посетата на премиерот Петков, било позитивни или негативни, никогаш не се препорачливи, но нив ги имаше во големи количини и во двете јавности. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/45svV
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Оптимизмот и песимизмот се емоции. 

Оптимизмот е најчесто дефиниран како надеж или доверба во иднината, или во успех поврзан со нешто. Надежта и довербата се првенствено емоции. Па дури и почитта е повеќе чувство отколку прагма, бидејќи изразена почит само од прагматични причини вообичаено се чувствува, и кон неа градиме резерва. Од иста појдовна точка, песимизмот го дефинираме како  чувство на губење на надеж и доверба во иднината. Додека оптимизмот е препорачлив (освен оној наивниот), континуираното чувство на песимизам може да доведе до патолошки пореметувања кај луѓето. Едно од нив се дијагностицира како депресија. Ако овие симптоми станат помасовна појава, особено социолозите го употребуваат терминот „колективна депресија“, укажувајќи дека се работи за феномен кој поттикнал или поттикнува низа други негативни процеси во општеството. 

Сето ова би било релативно едноставно за разбирање, доколку оптимизмот и песимизмот бидат изземени од политиката и политичките дуели, но тоа е практично невозможно. Политиката, меѓу останатото, е вештина на манипулирање со емоциите на избирачите, бидејќи политичкиот избор во самата своја суштина, е емоционален избор. 

Германскиот математичар (и филозоф) Лајбниц, уште кон крајот на 17 век, го дефинира оптимизмот како доктрина која го опишува овој свет како најдобар од сите возможни светови. Тврдењето дека нечиј политички пристап, толкувања и ставови се најдобрите, поаѓа и од оваа доктрина.  Може да се повикаме на Лајбниц и по однос на нашите односи со Бугарија, поради неговиот широко прифатен математички закон за нумерички идентитет. Ова начело вели дека ако „a" е идентично со „б", тогаш секое својство кое го има „а" го има и „б". Така е со бројките, но законот не е применлив на народите, бидејќи својствата на народите покрај нумеричката измерливост сѐ сепак многу покомплексни. 

Една посета не ја носи пролетта во односите но може да ја навести 

Поставувајќи ја рамката за оценка, можеме да се префрлиме на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков. Неа може да ја оцениме емоционално и/или рационално. Од тоа што јас го стекнав како сознание во јавниот и политичкиот дискурс кај нас и во Бугарија, во најголем дел искажаните оценките беа емоционални (било позитивни или негативни) а дури потоа резонски. Тоа е така бидејќи најголем дел од оценките ги дадоа политичари, новинари и политички аналитичари. Тие го обликуваат јавното мислење, и следствено, истото емоционално реагира на посетата. Секако, посетата можеме да ја оцениме и резонски, односно рационално, но притоа треба да ги имаме предвид сите поврзани ризици за евентуално предизвикување негативни емоции. 

Северна Македонија | Димитар Ковачевски Кирил Петков
Многу емоционални реакции по посетата на бугарскиот премиер Петков на СкопјеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Премногу емоции, па било да се позитивни или негативни, никогаш не се препорачливи, не само од медицински причини, но нив ги имаше во големи количини и во двете јавности. Впрочем и декларираната цел на посетата беше да се предизвикаат позитивни емоции во услови кога помеѓу двете општества, односите се поприлично емоционално влошени.  Еден начин да измериме дали посетата е успешна, е да оцениме дали и колку придонесе за враќање на позитивните емоции, надежта за воспоставување на позитивни и продуктивни односи и на меѓусебното почитување и доверба.  

Позитивен политички резон предизвикува позитивни емоции 

Несомнено, одлуката на Петков да се промени пристапот и да се однесат најчувствителните прашања во нашите односи од вертикала, во исто рамниште со позитивни и несомнено корисни теми од взаемен интерес на двете држави, економии и општества, е производ на здрав и позитивен политички резон. Истовремено е гест, на кој се надоврза гестот да се посети новоизбраниот премиер кај нас. Овие два геста на добра волја, предизвикаа позитивни но и низа негативни „гестикулации“ во нивната јавност, кои многумина кај нас ги игнорираат, дали поради активната инерција или од тенденциозни причини, но и лични и групни политички мотиви и интереси.

На овие два геста, македонскиот премиер Ковачевски, возврати со нота во ООН чија содржина и е позната на јавноста. Нашата нота согласно со добрата дипломатска практика беше проследена со позитивна возвратна нота од бугарска страна, ефикасно затворајќи го ова засебно прашање. Колку за илустрација, претходна последица за нас од ова недоразбирање во Советот на ЕУ беа донесените Заклучоци за проширувањето, каде сите држави кои се дел од агендата за проширување беа наведени со кратки имиња освен нашата Република, а тоа изгледа прилично „шашаво“, секако поради противењето на Бугарија.  Дали и што друго може да предизвика овој наш гест на добра волја е во домен на претпоставки и непосредно зависи од квалитетот на нашите односи, како и од степенот на меѓусебно разбирање. 

Зошто да биде едноставно кога може да биде сложено?

Што се однесува до изјавите и содржината на пораките на двата премиери поврзани со чувствителните прашања, безмалку консензуална оценка е дека наликуваа на „одење по жица“, а мора сите да признаеме дека има и добри причини за тоа.

По однос на блиската иднина, очекувањата во двете јавности се поприлично подигнати, со сите поврзани ризици. Се очекува постигнување на брзи и мерливи резултати во неспорни, но истовремено комплексни развојни области. За да се дојде до нив, двете влади заедно со сите релевантни институции, ќе мора да изодат екстра милја, без оглед дали и колку се мотивирани во услови на тековен разговор за другите чувствителни прашања. Впрочем, од клучните актери не беше сокриено дека напорите кои се вложуваат, првенствено целат кон стекнување со меѓусебна доверба и поблиско сознание во двете јавности за придобивките од добрососедството.

Достоинствени решенија за чувствителните прашања, доколку се постигнат, драматично и бргу ќе го стивнат говорот на омраза на двете страни и ќе создадат „колективен ентузијазам“ наспроти „колективната депресија“ во која западнаа односите. Треба да имаме достоинствен однос и кон скелетите на минатото, но сепак примарна обврска на владите е да придонесат за мир, стабилност, егзистенција, просперитет и благосостојба на живите.