1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падот на големите партии во Грција

Јанис Пападимитриу / Е.М. Фиданоска21 јануари 2015

Грчкото партиско милје е расцепкано како што не било од повторното воспоставување демократија во 1974 година. Тоа значи и поголеми тешкотии во составувањето нова влада.

https://p.dw.com/p/1ENke
Фотографија: picture-alliance/AP/Petros Giannakouris

Спирос Данелис во моментов е радо виден гостин во радио и телевизиските шоуа во Грција. Архитектот од Крит е кандидат на политичка партија која може да постигне изненадувачки добри резултати на предвремените избори. Таа се вика „То Потами“, или во превод „Река“. Социјалдемократската партија беше основана непосредно пред европските избори во 2014 година од страна на новинарот Ставрос Теодоракис и веднаш освои 6,6% од гласовите. Сега Данелис навестува политички пуч - на претстојните избори То Потами треба да стане трета по јачина партија и да преземе одговорност во владата, во најдобар случај како помал партнер во една проевропска коалиција.

Тоа е сосема можно. Додуша партијата, според анкетите, би добила помалку гласови во споредба со резултатот постигнат на европските избори, но во грчкото партиско милје во моментов има толку многу партии, што и новајлија со освоени околу 5% од гласовите би можел да заврши на третото место.

„Некогашните народни партии се многу расцепкани, а тоа особено важи за централно-левичарскиот табор, кој по избивањето на должничката криза требаше да преземе многу поголема одговорност“, објаснува Спирос Данелис во разговор за ДВ. Тој знае за што зборува: на изборите за Европскиот Парламент во 2009 година тој стана европратеник од редовите на социјалистичкиот ПАСОК. Тогаш изби должничката криза и следуваше петгодишна рецесија. Денес Данелис повеќе сака да се ангажира кај конкуренцијата, додека пак неговата некогашна партија покажува знаци на распаѓање, а тогашниот шеф на социјалистите Јоргос Папандреу предводи своја групација, која најверојатно нема да го мине прагот од 3% освоени гласови за влез во парламентот.

Griechisches Parlament
Парламентот во Атина: Кој ќе го мине прагот од 3%?Фотографија: DW/J. Papadimitriou

Старите партии плаќаат за грешките од минатото

По избивањето на должничката криза политчките партии направија многу грешки, оценува Данелис, притоа мислејќи и на неговата тогашна партија ПАСОК. Не се успеа пред се‘ во спроведување на неопходните реформи и во борбата против растечката клиентелска политика, поради што многу избирачи беа разочарани. Неговата нова партија То Потами го сака токму тоа. „Сакаме да промениме се‘, но притоа да не ја уништиме земјата“, гласи нивниот главен слоган. Критичарите на новата политичка групација и‘ префрлаат дека и покрај тоа што поентира со проевропски политичари и нови лица, нема конкретна изборна програма. Шефот на партијата Теодоракис на ова обвинување одговара со разоружувачка искреност: „Ние сме движење кое се‘ уште не се развило во партија, се‘ уште немаме ниту вистинска партиска централа, но работиме на тоа“, рече тој на еден собир одржан есента.

Stavros Theodorakis, Vorsitzender der Partei Der Fluss in Griechenland
Ставрос Теодоракис, претседател на То ПотамиФотографија: ARIS MESSINIS/AFP/Getty Images

Избирачите дефинитивно се во потрага по алтернативи, уверен е Јоргос Цогопулос од атинската тинк-тенк организација ЕЛИАМЕП. Се бараат нови лица и нови идеи. Тоа е една од причините за создавањето нови партии, објаснува Цогопулос во разговор за ДВ. Но за тоа има и други причини, кои се помалку радосни: „Прво, економската криза му даде поттик на популизмот. Типичен пример за тоа е деснопопулистичката партија Независни Грци, која во моментов е застапена со 13 пратеници во парламентот. Второ, многу политичари едноставно не сакаат да соработуваат со еднакви на нив, тие порадо се изолираат или си основаат своја партија, во која потоа се обидуваат да доминираат.“

Параден пример за ваквата специфичност во политичкиот живот на Грција, според Цогопулос, е изборната кампања 2012. Тогаш економско-либерални политичари во земјата се обидоа да постигнат единство околу заедничка изборна програма. Но тоа не им успеа. На крајот, сите водечки луѓе од либералното движење влегоа во кампања со свои партии. Меѓу нив беа и поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани и поранешниот политичар од германската ФДП Јорго Шацимаркакис. Сите не успеаја да го минат прагот од 3%.

Griechenland Wahlurne 2012
Мандат за влада би можел да добие дури и третопласираниот по бројот на освоени гласовиФотографија: Milos Bicanski/Getty Images

Огорчена борба за третата позиција

Додека конзервативците и левичарската опозиција се острат за победа, То Потами, социјалистите, комунистите и деснорадикалната Златна зора се борат за третата позиција на претстојните избори. Имено, третопласираниот ќе биде најверојатно помал партнер во коалиционата влада и според Уставот би можел дури да добие и мандат за составување влада доколку двете големи партии не успеат во своите напори да придобијат коалиционен партнер.

Хорор-сценарио би било десните радикали, кои станаа силни за време на економската криза и според анкетите сега се веднаш зад То Потами, да завршат на третото место и евентуално да добијат мандат за составување влада. И тоа и покрај тоа што сите водечки политичари од оваа партија се или во истражен затвор поради „членство во злосторничка организација“ или чекаат на судски процес. „Тоа би била најголемата политичка несреќа“, опоменува Данелис. Тој додава: „Претставете си, шефот на Златна зора да биде спроведен со полиција во претседателската палата, каде добива мандат за составување влада. Тоа не би имало изгледи за успех, но самата симболика би била огромна.“