Пандемијата ја укинува парламентарната демократија?
21 октомври 2020За многу германски пратеници, чашата се прелеа во минатата среда. Канцеларката Ангела Меркел се состана со сите 16 покраински премиери и разговараше за тоа што да прави во вториот бран на пандемијата на коронавирусот. Меѓутоа, критиките на народните избраници беа помалку насочени кон самите заклучоци од средбата а повеќе кон тоа како настанаа тие заклучоци: имено во мала група зад затворени врати - и повторно без парламентарно учество.
Најистакнат во неговите критики беше правниот експерт Флоријан Пост . Пратеникот на Социјалдемократската партија (СПД)во Бундестагот за весникот „Билд-Цајтунг“ изјави: „ Речиси девет месеци властите на сојузнно, покраинско и општинско ниво издаваат уредби со кои се ограничуваат слободите на луѓето на начин што никогаш порано не бил виден во повоена Германија, без притоа избран парламент да гласа за тоа “. Треба да се има предвид дека овие јасни зборови доаѓаат од политичар кој претставува една од двете владејачки партии во земјата. Уставот не познава конференција помеѓу канцеларката и шефовите на владите на сојузните покраини. Ова „не е предводено како законодавно тело“. Избраните парламенти сега конечно мора да бидат прашани и вклучени во донесувањето на одлуките, побара Пост.
Голема резервна влада?
Исто толку остри критики доаѓаат и од опозициските партии. Претседателот на Либералната партија (ФДП) , Кристијан Линднер, рече: „Не може парламентот да се информира за мерките против коронавирусот само преку неделниот подкаст од г-ѓа Меркел и прес-конференции. Бундестагот не е вклучен, иако тука станува збор за драстично кратење на нашите основни права и слободи “. Партијата на Левицата исто така повика на поголема вклученост на пратениците. Пратеникот, Јан Корте критикуваше дека сите одлуки на состанокот на Меркел со покраинските премиери во минатата недела, „практично како голема резервна влада“, биле донесени со заобиколување на парламентите. И партијата на Зелените изнесе слични критики.
Незадоволството меѓу пратениците во Бундестагот а исто така и во покраинските парламенти е големо. Народните избраници се чувствуваат обезвластени од извршната власт - т.е. сојузната и покраинските власти -немоќни и неинформирани.
Вклучување на парламентите
Иако политикологот Клаус Штиве од Католичкиот универзитет во Ајхштат-Инголштад како што истакна во интервју за ДВ не сака да зборува за „демократија на уредби“, сепак нему му е јасно дека „парламентите мора да бидат вклучени што е можно повеќе. Токму во криза приговорите и критиката во парламентите, посебно во форма на опозиција е неизоставна“. Критичкото потпрашување им помага на владите да ги проверат своите мерки и „да ја пронајдат вистинската рамнотежа во борбата против пандемијата“.
Но вистинската рамнотежа на мерките главно ја одредува канцеларката, па затоа и критиките. За време на викендот таа дури и директно им се обрати на Германците во подкаст: „Ве молам: воздржете се од какво било патување што не е навистина неопходно“, предупреди Ангела Меркел.
Повеќе:
-Драматичен апел на Меркел: „Ве молам, останете дома“
-Ангела Меркел во короната гледа „предизвик на векот“
-Преку пет илјади нови случаи на Ковид-19 во Германија, кризна средба кај Меркел
Кризата е момент на извршната власт, т.е. владата, се вели уште од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Затоа што треба да се дејствува брзо. Но, истотака важи дека парламентите - т.е. законодавниот дом - ја контролира работата на владата. Тие ги предлагаат законите. Пратениците ја претставуваат волјата на народот во Бундестагот. Така стои во членот 20 од германскиот Устав. Критичарите сметаат дека овој правен принцип сè повеќе се поткопува и оти се загрозува поделбата на власта во Германија. меѓу законодавна, извршна и судска.
Шојбле сака да го засили Бундестагот
Затоа не е изненадувачки што во дискусијата се вклучи и претседателот на Бундестагот. Волфганг Шојбле од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) сака парламентот повторно посилно да биде вклучен во дебатата за мерките за борба против пандемијата на коронавирусот.
Тој им достави предлози на пратеничките групи во Бундестагот. Во писмото до шефовите на сите групи се наведува дека јавната дебата покажува „дека Бундестагот мора да ја потенцира својата улога на законодавец и на јавен форум за да се избегне впечаток дека борбата против пандемијата е исклучиво прашање на извршната и судската власт“.
Во наредната недела веќе ќе има можност за моќен камбек на парламентот во дискусијата за коронавирусот: тогаш, имено се закажани седници во германскиот Бундестаг.