Партијата на Меркел во идентитетска криза
13 февруари 2020Со најавеното заминување на Анегрет Крамп-Каренбауер од лидерската функција, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се соочува со голема неизвесност продлабочена од најавата на канцеларката Ангела Меркел за скора политичка пензија. Дополнително, тековната идентитетска криза може да трае со години доколку се земе предвид искуството на Социјалдемократите (СПД), втората најголема партија во земјата.
Периодите на транзиција нудат добра можност за млади гласови во партијата да добијат на гласност. Тоа се случи во СПД каде 30-годишниот Кевин Кинерт, лидер на партискиот подмладок Јусос, наметнуваше дебата во партијата со провокативни изјави, како онаа дека германските автопроизводители треба да се национализираат. Влијанието на Кинерт во партијата дојде до израз и при изборот на новото раководство. Уште од оставката на Андреа Налес во јуни 2019, тој ги поддржуваше Саскиа Ескен и Норберт Валтер-Борјанс и на крајот, на општо изненадување, тие двајца победија на внатрепартиските избори.
Што сакаат младите?
Нешто слично во ЦДУ засега не може да се очекува. Иако членовите на Младата Унија (Јунге Унион- ЈУ) генерално се со уште поконзервативни гледишта од партиското раководство, тие досега беа тивки кога е во прашање идната насока на партијата. Лидерот на ЈУ, Тилман Кубан, на пример, досега не излезе со мислење за можниот наследник на Крамп-Каренбауер.
Од бројните барања за коментар кои ДВ ги испрати до претставници на ЈУ откако Крамп-Каренбауер ја најави својата оставка, одговорија само двајца, а од нив, само еден прифати да говори јавно. Тоа е Филип Хајснер, член на раководството на ЈУ, кој вели дека поддршката меѓу младите е поделена меѓу актуелниот министер за здравство Јенс Шпан и Фридрих Мерц- кој беше поразен од Крамп-Каренбауер на партискиот конгрес во декември 2018.
Самиот Хајснер вели дека негов фаворит е Јенс Шпан кој ја претставува помладата генерација, но Мерц засега подобро котира на анкетите.
Без „класични опции“
Германскиот политички аналитичар Олаф Бенке за ДВ објаснува дека фундаменталниот судир во ЦДУ е исто толку сериозен како и оној во СПД. Партијата на Меркел е растргната меѓу членови кои сакаат да се задржат во политичкиот центар и да коалицираат со Зелените чија популарност расте, и оние кои сакаат партијата да се помести надесно за да му се парира на национализмот на Алтернативата за Германија (АфД), особено во руралните предели.
„Кој и да биде кандидат, на крајот ќе мора да одговори две прашања: Можам ли да го премостам јазот? Или ќе морам да водам кон едната или другата насока?“, вели Бенке. Обидот за соработка на ЦДУ со АфД во покраината Тирингија, по што падна и оставката на Крамп-Каренбауер, покажа колку е тоа тешко - особено во актуелната политичка атмосфера. На ЦДУ и СПД сега ќе им треба најмалку уште еден или веројатно два коалициски партнери за да владејат во покраината, а истото наскоро може да биде случај и на централно ниво.
„Она што се случи во Тирингија може лесно да се преслика на сојузно ниво. Повеќе ги нема класичните опции на голема партија од центарот во коалиција со помал партнер. Дефинитивно ќе видиме трипартитни коалиции, што пак ќе ги направи идните влади далеку понестабилни“, вели Бенке.
Засега, ЦДУ останува верна на утврдената партиска линија уште пред скандалот во Тирингија: социјалистичката Левица е исто толку табу како и десната АфД. Изненадувачки, најпроблематични во ЦДУ не се младите сили, туку искусните, постари политичари како 64-годишниот Мерц кој се залага за поголема дерегулација, и 57-годишниот поранешен шеф на тајната служба Ханс-Георг Масен, кој го предводи крилото наречено Унија на вредности во партијата, и кој се залага за приближување кон АфД.
За разлика од другите струи, Унијата на вредности барем има јасна визија за тоа што сака од партијата и кого сака на нејзино чело: Мерц. Тоа само по себе не значи дека Мерц има подобри шанси да биде избран, вели Бенке.
„Со такви пријатели околу вас, можеби треба да размислите да побарате некои други“.