1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заострува борбата за наследник на Ангела Меркел

Марина Штраус
31 октомври 2019

По лошите изборни резултати на истокот на земјата, меѓу германските демохристијани (ЦДУ) трае остра расправа. Многумина ја критикуваат Ангела Меркел, обвинувајќи ја дека ја втурнала партијата премногу лево.

https://p.dw.com/p/3SGjL
Verleihung des Theodor-Herzl-Preises an Merkel Bayern
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Германските демохристијани во Христијанско демократската Унија ЦДУ во моментов се предводени од две жени: канцеларката Ангела Меркел и шефицата на партијата Анегрет Крамп-Каренбауер. Но, зад кулисите сѐ се тресе. И не само зад кулисите. Цел одред мажи е „вооружен“ за борба за канцеларското место. Тие „стрелаат“ сосем прецизно. И тоа пред се кон канцеларката.

Демохристијаните на Ангела Меркел на изборите во германската покраина Тирингија во неделата паднаа на трето место, додека левицата и десничарско – популистичката партија Алтернатива за Германија (АФД) триумфираа и успеаа да придобијат поголем број гласачи од ЦДУ. По ваков резултат, Анегрет Крамп-Каренбауер не беше баш среќна. „Ова е горчлив ден за ЦДУ“, изјави таа и додаде дека е свесна оти овој ден би можел да има горчливи последици за неа како лидер на партијата и како можен наследник на Ангела Меркел на канцеларската позиција. Неуспехот на изборите ја раздрма ионака разнишаната фотеља на Крамп – Каренбауер.

Откако Ангела Меркел најави дека ќе се откаже од лидерското место во партијата и дека нема да се кандидира на следните сојузни избори во 2021 година, борбата за нејзин наследник се разгоре. Иако Анегрет Крамп – Каренбауер – која имаше поддршка од Ангела Меркел – во тесна трка минатата година го презема раководењето со партијата, таа никако не е некој кој не може лесно да биде сменет од таа позиција. Нејзините конкуренти, голем дел од нив критичари на нејзиниот патрон Меркел, се нетрпеливи и чекаат подготвени.

Deutschland | Annegret Kramp-Karrenbauer und Friedrich Merz | CDU
Анегрет Крамп-Каренбауер и Фрдидрих МерцФотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Чекор во десно, молам

Не е за занемарување ниту бројот на оние во ЦДУ кои го критикуваат тоа што Ангела Меркел во последните 14 години ја одвлече партијата кон лево. Тие сметаат дека јасен конзервативен профил на партијата е најдобар рецепт за успех против десничарските популисти од АФД кои се во налет. Алтернатива за Германија е на второ место по бројот на гласови, не само на неодамнешните избори во Тирингија туку и и на изборите во уште две покраини на истокот на земјата одржани годинава. Затоа според многумина „вечниот противник“ на Меркел, Фридрих Мерц, претставува „светла точка и надеж“ дека нештата ќе се поправат.

Повеќе:

-Победа на „девојчето на Меркел“: Крамп-Каренбауер на чело на ЦДУ

-Ден на одлука: Меркел се збогува од ЦДУ

-Наследник на Меркел: Гласните мажи доминантни во јавноста, тивката жена води во анкетите

Иако Мерц ја изгуби трката за прв човек на ЦДУ против Крамп – Каренбауер и во моментов не е на ниту една политичка функција, тој активно учествува во внатрешно – политичката расправа во партијата. По изборите во Тирингија, во интервју за германската втора програма ЦДФ, сојузната влада ја опиша како „екстремно лоша“. За лошите резултати на неговата партија тој ја обвинува Ангела Меркел особено за „недостаток на лидерство“ и отворено изјавува дека не може да замисли како овој тип на власт ќе опстане уште две години, односно до крајот на мандатот. Од друга страна Анегрет Крамп – Каренбауер не го напаѓа директно Фридрих Мерц, но признава дека на партискиот конгрес во ноември би можело повторно да се измешаат картите.

Deutschland Tilman Kuban beim Deutschlandtag der Jungen Union
Тилман КубанФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Анегрет Крамп – Каренбауер не се предава

Оној кој се чини сака да го види Мерц на чело на ЦДУ е Тилман Кубан, претседател на партиската младина. Неговата „Млада унија„ (Junge Union – JU) бара кандидатот за канцелар да се избере на директни избори од членството на ЦДУ. Младите нагласуваат дека на тој начин сакаат „партиското членство да се поврзе„, но многумина во овој потег гледаат чекор против Крамп – Каренбауер, која доколку предлогот пројде, како лидер на партијата нема директно да биде избрана и како кандидат за канцелар.

Кубан исто така, непотребно по изборите во Тирингија, во Извршниот одбор на ЦДУ на сојузно ниво го постави „прашањето на управување„ – како што тоа го опиша пред новинарите Анегрет Крамп – Каренбауер. Нејзиниот коментар гласеше – „Кој мисли дека за тоа прашање треба да се одлучи оваа есен, ќе има прилика тоа да го направи на годишниот партиски конгрес."

Сепак, дури и ако во тој момент нејзината фотелја биде посилно разнишана, се чини дека Анегрет Крамп– Каренбауер не размислува за откажување ниту по најновиот изборен крах.