1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Педесет македонски државјани чекаат евакуација од Украина

ДТЗ
1 март 2022

Меѓу нив е и семејство со новороденче коешто се наоѓа во Харков. Се прават напори во текот на денот тие да бидат извлечени од градот, кој постојано се гранатира.

https://p.dw.com/p/47lYu
Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Педесет македонски државјани чекат да бидат евакуирани од Украина, каде ситуацијата станува се посериозна по воената инвазија на Русија. Дваесетина се во Киев, додека останатите во другите делови на Украина. Во Харков, кој е мета на ракетирања, се наоѓа македонско семејство со новороденче, коешто има само пет дена. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека се прават напори во текот на денот семејството да биде извлечено од градот, да биде безбедно евакуирано и донесено во Северна Македонија. 

„Во постојана комуникација сме со нив. Се прават сите напори за нивна безбедна евакуација, воспоставивме комуникација со многу држави кои имаат пристап до тој град. Очекуваме денеска да го извлечеме тоа семејство од Харков. Тој град е најпогоден во последните неколку дена, и навистина оди тешко, но го бараме најбезбедниот начин за да се вратат во нашата земја“, рече Османи на утринскиот брифинг со новинарите. 

Ukraine - Zerstörung in Kharkiv
Градот Харков е цел на жестоки руски артилериски и ракетни нападиФотографија: Vyacheslav Madiyevskyy/REUTERS

Заглавени возачи 

Шефот на македонската дипломатија вели дека на границата со Полска, украинските власти не дозволуваат државата да ја напуштат двајца возачи кои превезуваат руска стока со македонски камиони. Тие се затекнале на границата во моментот кога започнала војната, па сега Украинците не дозволуваат камионите со руските продукти да ја напуштат земјата. 

Тој информираше дека со помош на Бугарија се извлечени 15 монитори во специјалната мисија на ОБСЕ, а  останатите 15 се цивили. „Извлечени се преку партнерска соработка, пред сѐ со Бугарија“, вели Османи. 

Северна Македонија досега евакуираше 50 граѓани кои живееле во Украина. Дваесетмина заминале пред да започне руската инвазија, а 30 откако започна војната.

Северна Македонија се приклучи кон серијата санкции и мерки кои земјите ги презедоа против Русија, меѓу кои и затворање на воздушниот простор за руски авиони, укинување на руските телевизии на операторите во земјава. Османи најави дека покрај воена помош, Украина ќе добие и хуманитарна помош. 

Османи најави дека ќе се одложи испраќањето на новиот македонски амбасадор во Русија, кој требаше да замине на новата должност на 15 март.