Пендаровски има резерви за изборите на 12 април
13 март 2020Освен проблемите со кампањата, кои според шефот на државата Стево Пендаровски, можеби можат и да се надминат, најголем проблем е денот на гласањето- 12 април. Поради тоа тој денеска им порача на политичките лидери да размислат дали одложувањето на изборите би било поволна опција во актуелниот момент поради пандемијата на коронавирусот.
„Ова е ситуација без преседан. Не велам донесете ја одлуката денес. Велам вие сте надлежни и размислувајте за здравјето на граѓаните. Ако се одложат изборите за еден или два месеци нема да биде крај на светот“, рече Пендаровски во денешното обраќање до граѓаните.
По добрите вести од Шпанија за скоро ратификување на протоколот за влез во НАТО, Пендаровски очекува дека Северна Македонија и Албанија на 26 овој месец ќе добијат и зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
За в понеделник Пендаровски закажа седница на Советот за национална безбедност на која ги кани и министерот за здравство и шефот на Генералштабот на Армијата. Ќе се разговара и за можен ангажман на армијата во справувањето со кризата, доколку за тоа се јави потреба. Тој засега отфрла потреба од воведување вонредна состојба.
„Не мислам дека има простор за паника, но не можете да се однесувате неодговорно и да одите на кафе во некое кафуле. Мора да го кренеме нивото на култура“, порача Пендаровски.
Шефот на државата ги пофали надлежните органи дека добро се справуваат со кризата со коронавирусот, односно „најдобро во регионот.“
Тој информира дека во изминатиот период се детектирани неколку обиди за организирано и планско ширење на лажни вести со цел дополнително да се влоши состојбата и да се изгуби довербата до надлежните органи околу коронавирусот. Пендаровски дополни дека не се работи за држави кои го прават тоа, туку „за ентитети“. Претседателот ја проверил состојбата и со стоковите резерви, и истата ја оценува како добра.
Повикува на информирање само од официјални извори и на единство во земјата додека да мине кризата.
„Да ги истераме овие месец-два, па потоа може да се вратиме на вообичаената партиска реторика за тоа кој е виновен, но сега не е време за тоа“, порача Пендаровски.