1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголемите „католици“ од папата

7 декември 2021

Пребројувањето колку Албанци ќе влезат во владата е од највисок национален интерес, еднаков со одењето на предвремени избори и спречување на оваа наезда од поалбанчување и распродажба на С. Македонија. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/43uri
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

На големо изненадување ќе помине цела недела, а се уште никој од нашите поголеми верници од папата Франциско не му одржа слово да не се меша во внатрешните работи на Македонија. Овојпат изостана „лекцијата“ како можел среде Атина, па макар бил и папа, да си дозволи да го поддржува предавничкиот Преспански договор со Грција, па згора на тоа и да изразува почит за „тешкиот пат што доведе до Договорот“ меѓу двете соседни држави. Благодарноста кон папата Франциско за поддршката што ја даваше на Македонија и при неговата прва историска посета на Скопје и сега при посетата на Грција ја изрази лично и јавно еден од творците на Договорот, поранешниот премиер Алексис Ципрас. 

Пофалбите и признанијата што доаѓаат од светските државници , институции, влади, парламенти и познати јавни личности меѓу кои осведочени пријатели на Македонија одамна се прогласени за завери, лаги, непријателски чин кон македонскиот народ и држава. Па според тоа нема потреба за никаква благодарност, ни кон папата, ниту пак кон било кој што во предавничкиот чин гледа некаков успех кој ни ги одзеде идетитетските посебности. Иако од тоа ништо што е суштински за промена на идентитетот не е гибнато. Но, затоа пак успешно е направен трагичен амбиент во земјата за извршено предавство на националните и државни интереси. 

Последиците од историската грешка на ЕУ 

Партиската, политичка војна за превласт на сметка на евроатланските интеграции и поделба на јавноста на патриоти и предавници за жал е големата историска грешка и на ЕУ, поради неодлучноста и егоизмот да ги исполни своите ветувања кои беа предуслов за сите компромиси и отстапки што се направени со потпишување на Преспанскиот договор и со неговата ратификација во Собранието. Сега ги береме отровните плодови на себична Европа. 

Други колумни од авторот:Колку е опасна најпосакуваната коалиција

Прво Франција ни зададе силен валкан удар со своето тактичко вето да се сменат правилата за време на натпреварот и да го стопира почеткот на преговорите со ЕУ, потоа и нарачаната послушност и индиферентност на бирократите во Брисел ја поттикнаа и Бугарија која во тоа семејство влезе на мала врата да ја испорача својата напумпана фактура за досега непознати билетарални спорови меѓу земјите кандидати и членки на ЕУ. Тие последователни настани, кога најмалку се очекуваше, во Македонија добија чудовишни димензии и идеални предуслови за осилување на лажниот патриотизам. Ширум се отвори вратата за националистите, успехот со членството во НАТО и со исполнетите услови за почеток на преговорите со ЕУ да ги претворат со леснотија во голем пораз и потврда на западноевропската измама во спрега со домашните предавници и изроди. 

Очигледно нашите дежурни политички и интелектуални елити за одбрана на националните интереси овојпат се презафатени со многу поважни работи отколку да губат време за тоа што кажал папата во Атина, па го поштедија и него, а со тоа најмногу сопствената држава од непријатности кога некој изигрува поголем католик од папата. Презафатеноста е оправдана бидејќи деновиве се води голема јавна расправа колку ѓаволи, или ангели во зависност од тоа кој од која страна гледа, можат да застанат на врвот на една игла. 

Мачно пребројување на албанските фотелји 

Пребројувањето на тоа колку Албанци ќе влезат во владата и ќе седнат на функционерски фотелји е од највисок национален интерес, еднаков со тоа под итно да се оди на предвремени избори и да се спречи оваа наезда од поалбанчување и распродажба на Северна Македонија. 

Се анализира генијално и алармантно предупредувачки колку штети нанела  ДУИ со своето несразмерно учество во владата цели 18 години во споредба со изборните резултати и столчиња во Собранието и со своето криминогено владеење и кога ја дели власти со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ на штета на Северна Македонија и види богати на штета на добрите и чесни албански опозициски партии на ДУИ. А, колку штета нанеле ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со своето 30 годишно владеење - тоа се неважни детали и не се предмет на студиозни етнички анализи, освен пораката да се опаметат и да коалицираат и онака здраво да нагазат и да покажат кој е газда во куќата.

Е, уште тоа не сме го виделе, па да биде комплетна сликата на македонската транзиција. Високоумните аналитичари велат кога можат во Германија да коалицираат социјалдемократите и демохристијаните зошто не би можело во Северна Македонија. Ни фалат на наше место само уште околу два милиони Германци и тоа може да биде изводливо. 

Други колумни од авторот: Конкурс за влада на национален спас

Лидерите на Беса, кои од една страна собраа пофалби како прва албанска партија која стапи во предизборна колација со македонска политичка партија, а од друга страна беа жестоко нападнати и од албански и од македонски партии како хермафродити кои се и во власта и во опозиција како противници на ДУИ, а сојузници на СДСМ, едно утро Касами со своите соработници се разбудија како херои кои одлучиле да го уриваат режимот со кој ја делат власта. И ете ти циркус, тие што ги фалеа до вчера ги нападнаа, а тие што ги напаѓаа ги воздигнаа на пиедестал дека тоа се вистински политичари кои знаат што е дадена беса. Сега во тој филм е алтернативата на БЕСА, втората нејзина половина. Една  Беса излегува од владата, друга со името  Алтернатива  влегува, а сите други коалициони и опозициски партии се страотно вознемирени оти делот од власта што го зафаќаат е многу поголем од пратеничките места, а опасноста да останат до крајот на мандатот е трагично сознание за тие што не можат да издржат долго на горчлив опозициски леб. 

Неподносливо да успее селанчето од Муртино 

Ете тоа е македонското замрсено цуштенде. Сите коалициони партнери во власта кога зборуваат пред камери, главниот мотив за влез во владата се програмски и стратегиски определби, ама на преговарачката маса, каде нема микрофони, се фотелјите и сѐ што оди заедно со тоа.

Опозицијата пак главно е концентрирана на брзи избори, на оставката на Зоран Заев, видно вознемирена ете случајно да не се обистини преговорите со ЕУ по некое чудо да почнат додека е Заев уште премиер. Тоа би било рамно на национална трагедија не само за  Христијан Мицкоски  и ВМРО ДПМНЕ, туку и за интелектуалното академско крило на СДСМ, кое се уште е во илегала. 

Замислете „селанчето од Муртино“ да замине од политичката сцена со остварени клучни стратегиски интереси на Северна Македонија. Членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, уривање на режимот на Груевски. Тоа би било премногу за толку слаб премиер на безмалку малцинска влада во хибридна пострежимска држава. Неподносливо. Тоа мора да е предавство бидејќи големите политички лидери пред него не дадоа ни влакно да ни фали, штитејќи ни го со децении достоинството и националниот идентитет во балканските мочуришта и батак до гуша.