1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маја Морачанин: Промените се здрава работа

6 декември 2021

Клучот за прогрес не е во „големо мнозинство“, туку во личната одговорност, вели претседателката на ДОМ.

https://p.dw.com/p/43sSm
Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши по постигнатиот договор објавија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада
Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши по постигнатиот договор објавија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна ВладаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Коалициските партнери на премиерот Зоран Заев очекуваат детално да бидат информирани за договорот со Алтернатива, и дали тој ќе предизвика промени во досегашните програмски определби и приоритети на Владата. На кулоарските забелешки дека пет од помалите коалициски партнери на Заев заедно немаат толку позиции колку што добила Алтернатива, некои од посочените велат дека не се важни позициите, туку приоритетите. 

„Не би коментирала кој што добил, туку кои ќе бидат програмските приоритети на новата влада", вели Маја Морачанин, претседателка на владејачката ДОМ, откако беше соопштено дека Алтернатива добива три министерски позиции (една без ресор), три заменик- министерски места и 40-тина раководни позиции на централно и подрачно ниво.

„Легитимно е да се преговара за нивно учество во владата, но најбитно е да се знаат програмските приоритети. Ако добивате одговорност да раководите со ресорот здравство, требаше да слушнеме, на пример, каков ќе биде, и дали ќе биде поинаков пристапот во справувањето со пандемијата. Истото важи за другите ресори. Впечатокот е дека преговорите се сведоа на утврдување позиции, а изостанува клучното прашање - одржувањето на стабилноста на државата“, вели Морачанин.

Нови министри наскоро во македонската влада
Нови министри наскоро во македонската владаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Клучот е во личната одговорност

Партијата што таа ја предводи, во моментов има еден заменик министер и пет директорски позиции. Морачанин не сака дискусијата да се сведе околу „парчето од колачот" што и припадна на Аллтернатива.

„Не би сакала да зборувам за други партии. ДОМ отсекогаш бил коректен партнер. Позициите се важни, но тие не ни биле приоритетни за учество во Владата. На пример, кога ние разговаравме за учество во Владата, баравме европскиот зелен договор да биде внесен во владината програма, бидејќи суштината е во спроведувањето на политиките“, потенцира претседателката на ДОМ.

Сега очекува коалициските партнери да бидат детално информирани за договорот со Алтернатива.

„Бидејќи имаме нов партнер во Владата, принципиелно е да бидеме информирани за програмските приоритети. Треба да знаеме дали ќе се менува програмата на Владата, за да се консултираме внатре во партиите доколку има одредени отстапувања од она што сме го договарале кога ние сме влегле во владата. Мислам дека фокусот ќе биде на евроинтеграциите, енергетиката, економијата, но за сето тоа треба да бидеме информирани“, вели Морачанин.

Таа не стравува дека со најавената промена на челната позиција на Владата, може да се изгуби кохезивниот елемент во коалицијата, кој одредени партнери во власта го идентификуваа во политичката фигура на Зоран Заев.

„Да, Заев успеваше да ги менаџира односите во коалицијата, но и беше дециден дека ќе се повлече. Сметам дека не треба да стравуваме од промени, бидејќи секоја промена носи нова динамика. Треба да растеме, да зрееме, да ги менуваме работите, и да не градиме култ. Промените се здрава работа. Треба да му дадеме шанса на идниот мандатар, и лично - очекувам стабилна коалиција“, вели претседателката на ДОМ.

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши во Клубот на пратениците го потпишаa договорот за приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство
Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши во Клубот на пратениците го потпишаa договорот за приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Таа не го преферира терминот „големо мнозинство“, бидејќи смета дека мнозинството не е клучен фактор за прогрес на државата. Потсетува дека во блиското минато имало и двотретинско мнозинство, ама тоа не помогнало да се избегнат ретроградни процеси во земјата.     

„Клучот не е во ‘големо мнозинство', туку во личната одговорност. Не само кај пратениците од власта. И пратениците од опозицијата треба да бидат лично поодговорни пред оние кои ги избрале - граѓаните. Не се избрани за да отсуствуваат од седници за да нема кворум, или да блокираат закони. Сите заедно треба да покажеме поголема лична одговорност, која нема да се се сведува на партиски или лични интереси, туку да поаѓа од интересите на оние кои нѐ избрале“, порачува Морачанин, со став дека тоа мнозинство на одговорни избраници треба да биде најголемото.

Совладување на блокадите 

На овој аспект вчера се осврна и премиерот Заев.

„Се водевме од императивот за стабилно парламентарното мнозинство, и за да се стави крај на опструкциите во Собранието. Ефикасност на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби. Да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на Владата во спроведување на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните. Наша заедничка констатација, е дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори“, рече Заев.

Според премиерот, вонредни избори само би ја втурнале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Тој нагласи дека сега има мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем - стабилни, а европскиот курс - јасен.

„Како коалициски партнери од новото мнозинство, едногласни сме дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување. Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство меѓу двете држави и двата народи“, рече Заев, најавувајќи континуитет на европеизацијата на која ќе се работи со полн капацитет.
Тој, постигнатиот договор со Алтернатива го оцени како договор со потенцијал до крајот на актуелниот мандат во 2024 година, но и со амбиција да продолжи.

Обезбедено ново парламентарно мнозинство од 64 пратеници
Обезбедено ново парламентарно мнозинство од 64 пратенициФотографија: Petr Stojanovski

Оценка на потенцијалот

Дали има таков потенција треба да оценат и другите партнери. Од ДУИ изјавија дека нивниот партиски претседател бил во тек со разговорите со Алтернатива и со распределбата на ресори. Но, сите партнери немаат таква информација.

„Ние сѐ уште не ги знаеме барањата на Алтернатива, барем ЛДП не ги знае. Очекуваме премиерот и јавноста, и нас како коалициски партнери да не извести, за да знаеме во каква нова влада влегуваме“, рече вчера лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој е и министер за локална самоуправа.

По рекомпонирањето на новото мнозинство, прв што ќе ги слушне владините планови и приоритети, е специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Веста за неговото пристигнување во земјава вчера ја обелодени Американската амбасада во Скопје. Рано утрово тој ќе оствари средба со претседателот Пендаровски, потоа и со премиерот Заев, со шефот на дипломатијата Бујар Османи и со дел од вицепремерите, а на средбите ќе се разговара за повеќе теми и заеднички приоритети за регионот.