Половните дизели на истокот на Европа, кршот во Африка
10 август 2018Купувачите се бараат преку интернет: црвен Ауди А4, 100 „коњи“, 1995 годиште. Хајдар му бара 500 евра. Дополнително, и регистриран е до следната година. Моторот и менувачот се воглавно добри. Но на германскиот купувач веднаш му паѓа в очи важен детал: автомобилот е во еколошка група Еуро 1. Такво возило не може да добие дозвола за возење во германските градови- без катализатор. Надградбата би чинела колку и самиот автомобил. Хајдар го пали моторот и веднаш станува јасно: звучи како трактор, му треба и нов ауспух. Поверојатна следна станица му е отпадот, отколку нечија гаража.
Трговецот се смее: „Нема шанси, тој оди во Африка!“ Исто како и оној Ауди кабриолети, за жал целосно уништен. Минал 250.000 километри, првична цена 950 евра, но „ќе се договориме“. Сѐ може да се продаде, особено познати марки: Ауди, БМВ, Мерцедес, Опел, Фолксваген... И добрите „јапонци“ се барани.
Бизнисот со половни возила оди добро. Додека разговараме со Хајдар, неговиот татко разговара со муштерии со темна кожа. Од време на време се слушаат и извици како на пазар. Тоа е секојдневие за ова семејство со потекло од Ирак: „Тие дојдоа од Африка на две недели, само за да купат автомобили во Германија“.
„Знаеш ли колку чини полн резервоар во Либија?“
Германците во моментов не знаат што да купат и дали воопшто да купуваат половен автомобил. Поради правилата за чист воздух не знаат дали одеднаш ќе се случи старите возила да не смеат во град. Особено ако се работи за дизел.
Како е кај Хајдар? Дизелот не доаѓа предвид, тој воопшто ги нема- тоа е работа за оние кои се специјализирани за истокот на Европа. Неговата главна дестинација е Африка, а и кој е воопшто луд да купува дизел?
„Знаеш ли колку чини полн резервоар гориво во Либија? Околу едно евро. Кој таму би купувал некакви штедливи дизели?“, не прашува трговецот. Додуша токму поради Либија има и проблеми. Неодамна од царината го обвинија дека во Германија продава автомобили од Либија!
Патот на автомобилите
Во Африка речиси никаде не се бара доказ за еколошката класа на возилата. Сепак, Хајдар ни објаснува во доверба: заборави на прописите. Доколку ги знаеш вистинските луѓе, секој автомобил можеш да го доведеш во било која земја. А доколку не оди поинаку, автомобилот секогаш може да се расклопи и да се пренесе во делови.
Затоа бизнисот му цвета: во 2015 според статистичките податоци, речиси четвртина од извозот во Африка бил во категоријата „моторни возила и делови“. Хајдар познава трговци со половни возила кои дури имаат и посебна понуда за автомобили од Велика Британија, со волан на десната страна за африкански земји каде исто така се води по левата страна.
Еколошкото здружение кое по налог на ЕУ спроведе истражување за извозот на половни автомобили утврди дека просечната цена им е 1.930 евра, а одредиштата ширум Африка: Џибути, Дар ес Салам, Лагос... Главен увозник е Бенин- во таа западноафриканска земја од 2013 до 2015 година заминале 210.000 автомобили- речиси секој трет кој бил увезен во Африка.
Хајдар ни вели дека се чувствува оти и во Африка полека доаѓа благосостојба. Најпрво биле барани само големи автомобили- состојбата не била важна доколку е техниката квалитетна, бидејќи во Африка има доволно мајстори кои секој автомобил ќе го доведат во возна состојба. Но сега се повеќе се бараат средни и мали возила за преполните градови на Црниот континент и средниот слој кој полека може да си дозволи автомобил. Единствен услов- да има клима уред. Без тоа, тешко ќе продадете автомобил во Африка.
Дизели за Европа, теренци за Украина
Има и африкански земји каде се бараат дизели, но кога станува збор за поновите модели, тие од Германија најчесто одат за истокот на Европа. Европските прописи за издувните гасови всушност би требало да важат за цела ЕУ, но разликите се уште се огромни. Поради можноста за забрана, на дизелите во Германија кои се во групата Еуро 5 или подолу, цената драстично им падна. Но, по одредено време цената повторно им порасна откако дојдоа купувачи од исток. Прво од земјите на истокот и југоистокот на ЕУ каде дизелот е поевтин, а каде нема толку проблеми околу заштитата на околината. Потоа од земјите на поранешниот СССР. Таму никој не зборува за животната околина.
Постои и голем пазар во Украина. Меѓу трговците се знае: доколку имаш теренец, без оглед дали е луксузен со кожни седишта или прастара „Лада“, Украинците ќе купат баш се. Но, Хајдар нема ништо со нив, тој се држи до својата работа.
Исто така, тука е и загатката која ја открија заштитниците на животната околина во Германија. Додека во Германија се даваше премија за уништување на стари и купување на нови автомобили пред десетина години, беше утврдено дека во меѓувреме преку еден милион возила биле одјавени со забрана за нова регистрација, но сега едноставно повеќе ги нема. Тие или биле расклопени на делови или илегално извезени којзнае каде, особено во земјите каде „никој ништо не ве прашува, доколку ги знаете вистинските луѓе“.
Но Хајдар не знае ништо за тоа. Работата и без тоа му оди добро.