Популистичките „бонбони“ на власта ја ничкосаа економијата
23 мај 2016Платите, пензиите и социјалните трансфери повторно ги изедоа парите за капитални инвестиции. Предизборниот финансиски извештај откри дека и во услови на строга контрола, власта продолжила да троши онаму каде што е „најбезбедно“, односно за задоволување на секојдневните потреби на граѓаните. Во услови на стабилни и редовни приходи ваквото темпо не само што се задржало туку добило и на брзина. Експертите предупредуваат дека политиката на растрошност, посебно во актуелните услови е многу опасна и мора да запре.
Предизборието откри дека власта не само што не запрела со растрошната политика, туку повторно доцни и со своите обврски кон стопанството и повратот на данокот на додадена вредност.
„Се гледа дека владата постапува популустички. Предизборно се трошат парите и се даваат бомбончиња за граѓаните, особено на оние социјални групи за кои што знаеме дека излегуваат на избори,“ предупредува економскиот аналитичар Зоран Витанов.
Најштетното што може на Македонија да и се случи е популистичка влада во фаза кога економијата е неликвидна, вели тој.
„Само од овој мал благ пресек се гледа за што се работи, се делат бомбончиња пред избори. Се знае кој излегува на избори, оние кои што се зависни, социјалните случаи, пензионери, буџетарите и тука владата не отстапува, туку напротив, дури и ги зголемува давачките за сметка на капиталните инвестиции. И се додека така правиме ќе имаме политика да колеме вол за потреба од килограм месо“.
Според Витанов, фискалната политика на министерството за финансии е со менталитет на сиромашен човек.
„Од денес за денес, не размислувајќи стратешки капитално да направи систем од кој идните генерации ќе имаат бенефит“, објаснува тој.
Социјалните трансфери за сметка на капитални инвестиции
Од министерството за финансии велат дека реализацијата на приходите и расходите е согласно предвидената динамика. Сепак евидентно е дека во првите четири месеци од годинава балансирањето во трошењето не било баш соодветно. Најголемо е потфрлањето кај капиталните инвестиции за сметка на социјалните трансфери. Ваквата растрошна политика според упатените само може да ја продлабочи дупката во народната каса:
„Сѐ поверојатно е дека за жал ќе биде остварено она на што упатуваа и извештаите на меѓународните институции и Владата ќе го пробие овогодинешниот таргет за буџетскиот дефицит. Меѓутоа, колку и да е склона оваа Влада кон поставување рекорди, се надевам нема да има можност да се дрзне да го помине рекордот од 4.2% поставен во 2014 година“,предупредува Кире Наумов, довчерашниот дополнителен заменик министер за финансии.
Според Наумов, дополнително зло во случајов е тоа што трпи реализацијата на буџетските капитални издатоци, чија реализација согласно извештаите за април е само 16.7%.
„Занемарувањето на капиталните инвестиции, односно занемарувањето на развојната компонента на буџетот, не може да резултира поинаку освен со намалување на растот на БДП, имало или немало криза. Јавните капитални инвестиции повлекуваат раздвижување и на приватниот сектор, што директно се одразува врз растот на БДП“, вели Наумов.
Продлабочување на дефицитот
Ако за капитални инвестиции биле потрошени само 16,7% од вкупно планираните 411 милиони евра за годинава, структурата на извештајот открива дека во сите ставки во делот на социјалните трансфери реализацијата е двојно повисока. Ваквата несразмерност во трошењата според експертите само го продлабочува дефицитот и ги зголемува долговите. Тие предупредуваат дека на македонската економија и е потребен буџет проектиран врз основа на реални параметри и со точно дефинирани развојни цели и приоритети. Актуелните состојби според дел од нив упатуваат на нужен ребаланс, посебно во услови на ограничен простор за поволно задолжување од странските кредитори:
„Веќе сме зрели за ребаланс, тоа е неминовно, меѓутоа никој сега не мисли на тоа, сега само едноставно се купува популизам, се префла од шупливо во празно, си играме мајтап со иднините на вторите генерации, со внуците на нашите деца. Оваа влада е неодговорна, но и опозицијата не знае тоа да го продаде не нуди алтернативно решение и второ, власта е свесна дека нема или пак има многу малку фискално знаење во државата дури и во академските сфери и затоа тоа и го прави. А стопанството молчи затоа што најголем должник е државата и најголем работодавец е државата. И додека не создадеме критична маса нема да има промена“, предупредува Витанов.
Сѐ поголем е бројот на компании кои се жалат дека не можат да си ги наплатат парите од државата, што пак повлекува тие меѓу себе да си должат и дополнително да се задолжуваат кај банките.