„Посетата на векот“ како порака за Москва
1 август 2017Во Подгорица сѐ полека застанува. Со Боинг 757 пристигнува десната рака на Доналд Трамп. Мајк Пенс е највисокото американско официјално лице кое ќе ја посети Црна Гора откако двете држави, пред повеќе од еден век, воспоставија дипломатски односи. Сообраќајот долж неговата рута ќе биде затворен, а безбедносните мерки се на највисоко ниво.
Пенс доаѓа на покана од премиерот Душко Марковиќ, за да учествува на самитот на Јадранската повелба, на кој во среда (2.8.) ќе се сретнат шефовите на државите или владите на Црна Гора, Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и на Косово. Сепак, најпрво американскиот потпретседател ќе има можност да ја проба домашната кујна.
Во Владата на Црна Гора на прашањето на ДВ не сакаат да откријат колку луѓе се ангажирани за подготовка пред посетата на Пенс, но признават дека станува збор за најсложен настан досега организиран во Црна Гора. За подготовките имале помалку од два месеца, со оглед на тоа дека Марковиќ го покани Пенс на гости на почетокот на јуни, за време на престојот во Вашингтон по повод приемот во НАТО на Црна Гора. Дали поради, на сите добро познатото, Трампово туркање на Марковиќ или навистина поради желба да го поздрави новиот член на Алијансата, Пенс веднаш ја прифати поканата.
Очекувани пораки
„Посетата на американскиот потпретседател ја доживувам како исклучително признание на Црна Гора за вредните разултати на планот на политички развој, остварени од референдумот до денес“, вели за ДВ Иван Вуковиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Подгорица. Новинарот на дневниот весник „Вести“, Дарвин Муриќ, вели оти пред „посетата на векот“ за која ќе известува нема да има професионален адреналин, бидејќи, како што вели, тешко дека во овие два дена ќе се слушне нешто ново. „Ќе ги добиеме само оние информации кои ќе ни ги дадат од протоколот. Ќе се повторат пораките заЦрна Гора како сојузник на САД и на НАТО, Црна Гора на јасен пат кон Запад. Можеме да очекуваме претставниците на власта максимално да ја искористат посетата за Црна Гора да ѝ ја претстават на јавноста како подемократска отколку што навистина е“, уверен е Муриќ.
Поглед кон Москва
Она што сигурно нема да биде кажано, а јасно ќе биде ставено на знаење, е пораката до Русија. Пенс во Црна Гора доаѓа од Грузија, а претходно во рамки на својата европска тура, која започна на 30 јули, ја посети Естонија. „Целата турнеја на Пенс всушност може да се толкува како порака до Русија. Доволно е да се види дека на агендата му се Естонија, Грузија и Црна Гора, држави кои се обидуваат да се извлечат од руското влијание, држави кои треба да ги уверат САД оти се со нив“, вели Муриќ за ДВ.
Со тоа се согласува и политикологот Вуковиќ. „Европската турнеја на Пенс би можела да се сфати и како своевиден геополитички маневар чија основна цел е да ја потсети официјална Москва дека просторот за нејзиното агресивно однесување на меѓународен план не е неограничен.“
Ако се прочита изјавата на Пенс за „Фокс њуз“ во Естонија, не мора многу да се чита „меѓу редови“. „’Америка на прво место’ не значи ’Америка сама’. Нашата порака до балтичките земји, мојата порака кога ќе ги посетам Грузија и Црна Гора ќе биде иста- за нашите сојузници тука во Источна Европа- ние сме со вас“, порача Пенс.
Од Владата најавуваат оти Пенс во среда наутро уште еднаш ќе се сретне со премиерот Марковиќ, по што за првпат ќе им се обрати на црногорските медиуми. По официјалните разговори ќе започне Самитот на Јадранската повелба. Американско-јадранската повелба ја основаа, во 2003 година, Македонија, Албанија, Хрватска и САД, за да им се помогне на државите кои тежнеат да се приклучат кон НАТО.