Практични совети за работа во Германија
19 мај 2017Побарувачката за стручен медицински персонал на германскиот пазар не создава перспективи само за лекарите и негувателите од бројни европски и светски држави, туку и за фирмите кои се занимаваат со врбување на кадри и нивно носење во Германија. Една од нив е агенцијата ИПП Хелт од Келн, која веќе четири години по налог на германските клиники и други здравствени установи доведува работна сила од Шпанија, Италија, Полска, а веќе една година и од балканските држави. Преку оваа агенција досега пристигнале повеќе од 100 негуватели од три балкански земји, БиХ, Србија и Хрватска.
Во описот на нивната дејност е организација на состаноци и разговори со групи заинтересирани негуватели, потпишување договори за работа, а потоа и посредување во добивање виза, наоѓање стан, признавање на дипломите и пријавување во Германија.
Досегашните позитивни, но и негативни искуства на оваа агенција во вработувањето на негувателите е патоказ за сите оние кои планираат да си ја пробаат среќата во оваа струка на германскиот пазар на труд.
Подгответе се за нов почеток
На почетокот многу негуватели се незадоволни, вели Кај Симон, сопственик и директор на ИПП Хелт.
„Првите неколку месеци се стресен период за негувателите кои доаѓаат. Тие се соочуваат со културолошки шок, снаоѓање и вклопување во новата животна и работна средина, јазични бариери, отсуство на семејството и бројни други обврски кои ги подразбира тој животен чекор“, вели Симон.
Оттука, додава, многу е важна психолошката и секоја друга подготовка за животот во новата средина.
„Германскиот јазик е тежок и колку е повисоко нивото на познавањето на јазикот и стручната терминологија, толку интеграцијата во општеството и комуникацијата со колегите на работното место ќе биде побрза и полесна. Повеќето кандидати мора да одат и на дополнителни курсеви за јазик и тоа нешто на што мора да сметаат“.
Изборот на градот е важен
Извонредно е важен изборот на град во кој се нудат работни места. „Мој совет е негувателите да се информираат за спецификите поврзани со одредени градови и да не го прифаќаат првото понудено место. На пример, во Минхен киријата за една соба достигнува и до 700 евра месечно, во Келн, Хановер и Хамбург до 500 евра, а во помалите средини за 250 евра можат да се изнајмат и помали станови. Семејство со две деца не може да си дозволи да живее во некој поголем град“, вели Симон.
И во оваа бранша постојат „црни овци“, предупредува натаму Симон. Тоа се агенции кои на негувателите им ветуваат заработка од дури 3.000 евра.
„Тоа го воочивме при разговорите со кандидатите кои велат дека добиле подобра понуда од нашата. Но, кога тие луѓе ќе дојдат во Германија ги чека непријатно изненадување и заработка од 1.900 евра- што е просечна плата за оваа бранша во сите покраини на почетокот на кариерата. Тие фирми ветуваат сѐ за да дојдат до потребните кадри и да го заработат својот хонорар“.
Колкава е реалната заработувачка?
Медицинскиот персонал, како негувателите, на почетокот, во текот на пробната работа, заработуваат во просек околу 1.900 евра и остануваат на тоа ниво се до признавањето на дипломата- процес кој трае од 3 до 6 месеци. Потоа можат да очекуваат просечни примања од околу 2.400 евра.
„Искуствата покажуваат дека просечната заработувачка, благодарение на дополнителниот ангажман во ноќни смени и на викенди, може да се зголеми за 20-30 проценти“, вели Симон.
Треба да се знае дека примањата секогаш се изразени во бруто износ, па од таа сума мораат да се платат и давачките кон државата. Во германскиот даночен систем помал данок плаќаат оние кои се во брак и кои имаат деца. На пример, на самец со 2.400 евра бруто плата му остануваат околу 1.600 евра нето, додека негувател со семејство може да смета на најмалку 1.830 и плус додаток од 190 евра за секое дете.