1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Предлог-законот за ЈО остана во „портокалова фаза“

6 август 2019

Досега не се надминати клучните разлики во предлозите на власта и опозицијата за предлог-законот за Јавното Обвинителство. Разговорите ќе продолжат по одморите.

https://p.dw.com/p/3NObB
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Одморите на пратениците и функционерите ги прекинаа разговорите меѓу власта и опозицијата за предлог-законот за Јавното Обвинителство. Се очекува тие да продолжат од 19-ти август, со оглед дека предлог-законот е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 27-ми август. Работната група ќе има една недела за усогласување на ставовите, а со оглед дека во моментов постојат повеќе клучни разлики, прашање е дали ќе успеат да најдат решение во тој рок. Без напредок заврши и последната средба одржана на први август во Министерството за правда, на која присуствуваа ресорната министерка Рената Дескоска, советникот на премиерот Бојан Маричиќ, пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, и претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ - Антонио Милошоски и Панче Тошковски.

По средбата, од Министерството за правда соопштија дека предлозите на ВМРО - ДПМНЕ значат блокирање на целото Јавно обвинителство.

„Барањата на опозицијата се во насока на блокирање на целото Јавно обвинителство, демонтирање на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бришење на надлежности на новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а се со цел да се дојде до блокирање, застарување или целосен прекин на одредени случаи и судски постапки“, беше наведено во соопштението.

Три клучни разлики

Кои се клучните разлики меѓу власта и опозицијата? Според министерката Дескоска, во прашање се три точки во опозицискиот предлог-закон за ЈО. Прво, власта e против централизација на системот на Јавното обвинителство, каков што произлегувал од опозицискиот предлог: со мандатот на Републичкиот јавен обвинител да бидат врзани и мандатите на 27 носители на јавнообвинителската функција во државата (оние кои се на чело на другите обвинителства), односно, со престанокот на мандатот на државниот обвинител да престане мандатот и на тие лица. Во таквиот предлог власта гледа и централизација, и опасност за парализирање на целиот систем кога ќе престане мандатот на државниот обвинител.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Рената Дескоска, македонска министерка за правдаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Второто прашање е идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите. Како што објаснува Дескоска, според барањето на ВМРО-ДПМНЕ, треба да дојде до целосно демонтирање на СЈО, но и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Со тој предлог станувала неизвесна судбината на сите лица со работен однос на неопределено работно време во тие две  обвинителства, бидејќи со нивното спојување не се знаело каде ќе одат и каде и како понатаму ќе распределуваат. Од ресорот правда сметаат дека ваквото решение ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите, бидејќи процесот на екипирање се одвива бавно, а покрај застој во работата тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи.

Повеќе на темата:

-Заев контра Мицкоски: Никој нема да биде амнестиран

-Случај „Рекет“: Телефоните празни, сомнежите полни

-Прво Катица, па избори

Трета клучна разлика е околу статусот на предметите кои сега се водат од страна на СЈО, бидејќи опозицијата инсистирала да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новото обвинителство да ги гони предметите од прислушкуваните материјали.

Како да се спречи неказнивоста?

Покрај овие три клучни, има и разлики околу другите надлежности на новото обвинителство. Во владиниот предлог ги имало, но во опозицискиот предлог недостигале надлежности на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција коишто ќе се однесуваат на изборите и гласањето, за злоупотреба на ИПА фондови, за злоупотреба на јавни набавки...

Според сегашната ситуација, опозицијата останала на ставот дека предметите отворени од СЈО во законскиот рок не треба да одат автоматски во новото обвинителство, а особено не оние кои се покренати по законскиот рок од 18 месеци. Предизвикот е како да се најде решение кое нема да овозможи ситуација на неказнивост преку исклучување на одредени предмети.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од опозицијата обвинуваа дека власта не ги прифаќа нивните предлози за избор на обвинител на новото обвинителство, поради тоа што сака тоа да биде контролирано од власта. Дескоска потсетува дека според владиниот предлог само Републичкиот обвинител се избира во Собранието, како што е регулирано и во Уставот.

„Сите други обвинители се избираат од страна на Советот на Јавните обвинители, така што не може да стане збор за никаква контрола. Напротив, нивниот предлог бара во она обвинителство кое треба да ги продолжи предметите, тој обвинител да биде избран од страна на опозицијата", вели Дескоска.

Неповолна ситуација

На разговорите за предлог-законот за ЈО силно влијание има и истрагата за предметот „Рекет“, кој произведе сомнежи и за улогата на специјалната јавна обвинителка Катица Јавнева во тој случај. Иако таа досега не е опфатена со истрагата, шпекулациите за нејзина евентуална инволвираност во случајот може да влијаат врз кроењето на идниот статус на СЈО, со чии истраги се засегнати и лица кои учествуваат во разговорите за новиот закон за ЈО. Во таква ситуација се наметнува прашањето: Кој кому ќе му суди? 

Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерката Дескоска го има предвид влијанието на овој случај и оставката на Јанева врз преговорите за предлог-законот за ЈО. 

„Оваа ситуација е апсолутно неповолна и никој не ја посакуваше, ниту пак ја очекувавме. Се надевам дека Обвинителството за организиран криминал побрзо и поефикасно ќе ја води истрагата со цел да не останат сомневањата. Единствено низ судска постапка да видиме кој е виновен и тој што е виновен да си ја понесе својата одговорност“, изјави таа.

Запрашана за блискоста на најзини партиски колеги со лицата осомничени во „Рекет“, таа  децидна: „Блискоста не е основа за кривично дело. Но, ако има инволвираност во кривични дела, тогаш треба правдата да биде безмилосна за сите. Значи сите треба да одговараат без оглед дали се луѓе од власта, дали се од опозицијата, дали се од обвинителство. Во тој дел се залагам за неселективност во гонењето на сите".