1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев контра Мицкоски: Никој нема да биде амнестиран

5 август 2019

Премиерот Зоран Заев денеска преку писмена и видео изјава порача дека се прави последниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на претходниот режим.

https://p.dw.com/p/3NMmN
Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски имаат најголема одговорност во борбата за правната држава, порача денеска премиерот Заев реплицирајќи на тој начин на вчерашната прес-конференција на Мицкоски. Во видео-изјава, Заев ги коментираше, како што рече, „последните случувања поврзани со Специјалното јавно обвинителство и Предлог законот за јавното обвинителство.“ 
„Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие, граѓаните сте изморени од политички бојкотирање и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите“, рече Заев.

Мицкоски вчера го отфрли владиното предлог-решение за Законот за Јавното обвинителство, оценувајќи дека негова единствена цел е „пресметка со политичките неистомисленици, продолжување на политичкиот прогон и по можност затворање, односно угушување на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.“
Мицкоски се надева дека Владата ќе го прифати законското решение кое го предлага неговата партија.

Заев во денешното обраќање најави дека доаѓа време „во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата.“
„Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното Обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“, рече Заев.

Изјавите на Заев и Мицкоски се случуваат неколку дена по интервјуто на американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер во кое тој им порача дека е доста од политикантство.

„Важно е партиите да се сретнат, да преговараат, да ги надминат разликите и да постигнат договор за тоа како да се реформира или преобрази СЈО на начин кој ќе ги унапреди интересите на земјата“, порача Палмер.
„Доволно беше политикантство. Времето за политикантство заврши. Сега е време за државништво“, рече американскиот дипломат, потенцирајќи дека нерасчистувањето на случајот „Рекет“ негативно ќе се одрази врз амбициите на државата во октомври да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема