Претстои ли нов светски поредок?
13 февруари 2017Преку најновиот Минхенски безбедносен извештај за 2017. година, Минхенската конференција за безбедност прави преглед на актуелните предизвици на меѓународната безбедносна политика: криза на либералните демократии, терор на џихадистички групи, територијални прашања во Пацифичкиот регион и вакуумот на моќ кој би настанал преку евентуално повлекување на САД од меѓународната безбедносна архитектура.
Документот, резултат на соработката со редица комерцијални и непрофитни тинк-тенк организации, служи како рамковен дебатен прилог на Конференцијата за безбедност во Минхен, што ќе се одржи од 17-19. февруари. Минхенската конференција се смета за најважната средба посветена на светската безбедносна ситуација.
Уште во предговорот, раководителот на Конференцијата, Волфганг Ишингер, пишува дека меѓународната безбедност во моментов е пофрагилна од било кога по крајот на Втората светска војна. Главната теза гласи: можно е светот да се наоѓа пред рез во пост-западната ера, односно пред крај на западно доминираниот, либерален светски поредок.
Како основа за тезата, авторите ги наведуваат на пример слабеењето на единството на ЕУ, новите информациски токови и изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД.
Почеток на нова ера?
Тоа што Трамп во својот инаугуративен говор не ги спомена ни демократијата, ниту пак слободата или човековите права, не навестува ништо добро за либералните вредности низ целата планета, сметаат авторите. Ишингер исто така гледа напредување на противниците на отвореното општество. Западните граѓани сѐ повеќе губат доверба во нивниот либерален општествен систем и неговите темелни вредности. Тоа го покажува и една од бројните цитирани студии во Извештајот за безбедноста, направена во повеќе земји, меѓу кои САД, Шпанија и Германија. Според неа, бројот на луѓето, кои во поглед на наоѓањето решенија имаат поголема доверба во авторитарен властодржец отколку во демократијата, пораснал во последните 15 години.
Ништо не е вистина и сѐ е можно
Кон тоа придонесува и растечкото ширење на лажни вести. Тие претставуваат огромен предизвик за јавната дебата, исто како и употребата на тролови и автоматизирани прилози на социјалните мрежи, како и политички мотивирано објавување на нелегално добиени тајни информации. Проблемот со лажните вести посебно стана актуелен во руско-украинскиот конфликт и за време на претседателските избори во САД.
„Најголемата опасност лежи во натамошното еродирање на довербата на граѓаните во медиумите и во политиката“, се вели во документот. Така настанува затворен круг, зашто либералните влади не можат да востановат служби за утврдување на вистинитоста и да забранат лажни вести без да се откажат од својата сопствена либералност.
Крај на војната во Сирија не е на повидок
Опасностите за отворените општества не демнат само во нив самите, од информациите и незадоволството од развојот на сопственото општество. Тие доаѓаат и од странските конфликти, како сириската граѓанска војна, во која според информациите на ОН, од 2011. година досега жртви се преку 300.000 луѓе. Половината од сириското население е во бегство.
Внатрешниот протест против властодржецот Башар ал-Асад одамна прерасна во интернационален конфликт, се вели во Извештајот за безбедноста. Додека во Сирија и во други конфликти во регионот се вмешуваат бројни актери, Западот стои настрана. Можно е тоа да е веќе почеток на пост-западната ера.
Нестабилност на Блискиот Исток
Најголемиот теоретски предизвик произлегува од џихадистичката група Исламска држава. Нејзини членови имаат фатено корен и во делови од западниот свет. дел од атентатите извршени во Европа, го носат потписот на оваа организација.
Европските држави различно реагираа на предизвиците. Франција прогласи вонредна состојба, Германија напротив се задоволува со рации.
Но,долгорочно, Европа би требало да се усогласи околу унифицирана реакција,пишува во документот. „Само со помош на антитерористичка соработка и јакнење на силите за реакција во ЕУ, европските држави ќе бидат во состојба да се спротистават на веројатно долгорочните џихадистички предизвици,“ стои во документот.
Главна причина за предизвиците неговите автори гледаат првенствено во растечкиот регрутирачки потенцијал во самата Европа. Се зголемува бројот на активни џихадистички пропагатори, а истовремено растат и врските меѓу класичниот криминал и тероризмот. Конфликтите во исламскиот свет овозможуваат џихадистичката пропаганда да добива поголема веродостојност во очите на потенцијалните регрути.
Конференцијата треба да понуди одговори
Минхенскиот извештај за безбедноста, на 90 страници, нуди краток увид во најгорливите проблеми за светската политика. Авторите зборуваат за провокации кои можат да значат вовед во крајот на светскиот поредок, етаблиран по окончувањето на Втората светска војна. Притоа, тие не укажуваат само на ронењето на старите сојузи и конфликтите со меѓународно учество, туку и на внатрешниот развој во одделни држави, првенствено во демократските.
Авторите не формулираат одговори, нив треба да ги понуди Конференцијата, чиј раководител Ишингер од учесниците очекува: „Се надевам дека нема да имаме влакна на јазикот и отворено и искрено ќе зборуваме за нашите разлики во мислењата, но и за заедничките интереси и вредности.“