1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промашените шанси на Европа во одбраната од коронавирусот

Кристина цур Неден
27 март 2020

Европските граѓани со својата лична слобода и жестока рецесија ја плаќаат задоцнетата реакција на нивните влади на пандемијата со корона. Европа можеше да ја научи лекцијата од Сингапур, смета Кристина цур Неден.

https://p.dw.com/p/3a3LW
Coronavirus Symbolbild
Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Ширењето на коронавирусот го преврте светот на глава: демократските и „слободни“ европски земји, како Австрија, ги „аклучуваат“ своите граѓани, а размислуваат и да ги следат. Наспроти ова, граѓаните во „авторитарните“ азиски држави, како што е Сингапур, во изминатите недели, иронично, уживаа повеќе слободи во споредба со кој било граѓанин на Западна Европа. И покрај блиските економски и транспортни врски со Кина, на Сингапур му успеа да задржи мал бројот на заразени од корона, а притоа јавниот живот да остане речиси недопрен. Ако Европа отвореше очи, можеше нешто и да научи од Сингапур.

Која е тајната на Сингапур?

И покрај ранливоста како густо населен глобален центар, Сингапур до средината на оваа недела имаше 401 регистрирани акутни случаи на заразени од корона и двајца починати. Новиот вирус се појави непосредно пред кинеската нова година во февруари и можеше да има катастрофални последици за малата држава. И покрај ризикот да им се наштети на економските односи со нивниот трет по големина трговски партнер, Сингапур уште на 1 февруари воведе забрана за влез на патници од Кина. Оваа беше спротивно на советите од Светската здравствена организација дека нема потреба од воведување на забрани за патување во тој период. И покрај тоа, Сингапур до средината на февруари имаше регистрирано 80 заразени од Ковид-19 – највисок број надвор од Кина. Сингапур делуваше брзо, ги изолираше заболените, а беа тестирани сите со симптоми на грип и воспаление на гради. Сите луѓе кои имале контакт со заболените беа пронајдени и ставени во карантин. Овој метод беше развиен за време на САРС епидемијата во 2003 година и функционираше – со детално запишување на податоците на сите луѓе за тоа каде сѐ биле и со кого сѐ имале контакт.

Journalistin Christina zur Nedden
Кристина цур НеденФотографија: Kristina Kast

Да резимираме, успехот на Сингапур во справувањето со коронавирусот може да се припише на четири фактори: рано затворање на границите, ригорозна потрага по контактите на заболените, многу спроведени тестови и, за жал, искуството со САРС како генерална проба. Благодарение на овие мерки јавниот живот во земјата можеше да си продолжи речиси непречено. Рестораните, шопинг центрите, училиштата и компаниите се отворени до ден денес. Хонгконг и Тајван имаат слични успешни приказни и покрај географската блискост со Кина.

И’ недостасува ли на Европа искуството со САРС?

Колку страшно и да звучи – веројатно тоа ќе помогнеше. Тоа што Европа не реагираше навреме и ефективно на пандемијата која се ширеше е последица на евроцентричната ароганција и некоординираните напори да се заштитат локалните претприемачи. И покрај тоа што шефовите на европски држави и влади веќе во декември беа запознаени со постоењето на вирусот, долго време го потценуваа и го сметаа само за „азиски проблем“. Сето она што Сингапур го направи како што треба – рано затворање на границите, голем скрининг со тестови и трагање по контактите на заболени – европските земји го направија сосема погрешно. Еве, примерот на Австрија: летовите од Кина, Иран и Италија беа запрени дури на 9 март. Стравот дека ќе му се наштети на локалното стопанство поради забрана за патување, долго време ја спречуваше владата да преземе ригорозни мерки.

Во еден од центрите на епидемијата во Европа, скијачкиот регион Ишгл, требаше да поминат 8 дена за да реагираат на потврдени случаи на туристи од Исланд и дури потоа да ги затворат баровите, ски-лифтовите и хотелите. Потоа сите посетители набрзина беа испратени дома и без претходно да бидат тестирани, со што вирусот се прошири во цела Европа. Капацитетите за тестирање во Европа се ограничени, и покрај долгото време кое владите го имаа на располагање за да се подготват. Дури и медицинскиот персонал нема во доволна мера пристап до тестови и тоа е причината што доктори и негуватели кои можеби би требало да бидат во карантин, со денови чекаат резултати.

Жртва се личните слободи

Ригорозно следење на контактите како во Сингапур е незамисливо во Европа и шансата да се направи нешто слично ја „преспавме“. Наместо тоа, владите воведоа најстроги мерки од Втората светска војна досегасо кои се ограничуваат личните слободи. Наместо да откријат кој е инфициран и тие лица ефективно да се изолираат, сега граѓаните на многу земји се во состојба на полуизолација. И натаму постојат многу можности за инфицирање оти нема можност да се дознае кој е инфициран. Истовремено, личната слобода е ограничена на минимум, економијата замрена, а мобилните оператори споделуваат со владите податоци за нечие движење, сосема спротивно на она што ни беше ветено со Регулативата на ЕУ за заштита на личните податоци.

Во иднина

Оваа криза не е само здравствена, туку е криза и на начинот на кој се справуваме со неа, почнувајќи од задоцнетите реакции па сѐ до последиците врз личните слободи. Ние смееме од нашите премиери и претседатели да очекуваме да ни го заштитат здравјето и истовремено да ни ги обезбедат слободите. Кога ќе помине кризата, мора да анализираме како можеше да дојде до тука и што можевме да научиме од Сингапур.