1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

21 август 2020

Путин во моментов седи и чека. Тој се однесува како неодговорен монарх, а Европа како негов соучесник. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3hHW7
Russland - Alexander Lukaschenko und Vladimir Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Karpukhin

Порано или подоцна секој режим и секој диктатор му здосадуваат на народот. Тоа во моментов се случува со белорускиот народ, на кој му е преку глава од „последниот диктатор во Европа“ Лукашенко. „Батката“, како што самиот сака да биде нарекуван, емулирајќи го Сталин, на власт е веќе 26 години, од далечната 1994 година, бескрајно време дури и за замрзнатата Белорусија.

Кризата настана нагло и без ефектите од тотален економски распад, а причината за наглиот пад на популарноста може да се толкува преку заситеноста и заморот на народот, лошото менаџирање на Ковид-кризата од страна на Лукашенко, додека капката што ја прели чашата беа флагрантно и бесрамно украдените избори и полициското насилство и репресија кои следуваа откако луѓето излегоа да протестираат на улица.

Делува дека повеќе нема репресивен апарат и милиција кои можат да ја вратат состојбата во нормала. Отсуството на страв кај народот е одличен индикатор за судбината на режимлиите. Разочараноста и желбата за промена се прошири од малите интелектуални и уметнички кругови до широката популација, од Минск до Брест, од главниот град до целата провинција, од универзитетите, преку големите државни комбинати, до канцелариите на јавната администрација.

Две сценарија

Сега остануваат две главни сценарија и едно алтернативно решение. Првото е дека Минск е само последниот чекор во еден долг процес кој започна пред 30 години со падот на Ѕидот и Железната завеса и дека Лукашенко ќе биде соборен од улицата, како што се случи со Милошевиќ во Србија, или Јанукович во Украина.

Втората хипотеза која делува помалку веројатна е Белорусија да се претвори во еден вид на анахронистичка Северна Кореја на границите на Европа и Лукашенко и буквално да остане „последниот диктатор во Европа“, кој би владеел преку полициска бруталност и репресија, но и со се’ послаба економија целосно зависна од Москва.

Одговорот на овие прашања зависи во најголема мера од потезите на Путин. И токму тука се навестува еден поинаков, трет пат. Белорускиот народ делува дека својата одлука ја има донесено, тие се за првата опција. Лукашенко секако е за втората, во надеж дека играјќи на картата како ужива поддршка од Москва и Пекинг, дека ќе ги држи Европа и Западот надвор од внатрешните прашања и евентуалните преговори со опозицијата.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Третиот пат

Путин од своја страна можеби крие и поинакви планови од овие две решенија. Засега „Рускиот цар“ игра двојна игра. Од една страна му нуди на Лукашенко целосна поддршка од надворешните притисоци од Европа и Западот, биле тие реални или измислени, а од друга страна итро ги трие рацете пред маките на белорускиот диктатор чекајќи работите дотаму да ескалираат за Лукашенко да се најде во ситуација да го моли за помош.

Мошне дубиозно е дека Путин би испратил тенкови во Минск со цел да го спаси последниот псевдо-комунистички монолит во Европа, како што направи Хрушчов во 1956 година со Будимпешта, или Брежњев во 1968 година со Прага. Иако Путин потекнува од КГБ и е СССР носталгичар, човекот од Кремљ е сепак мудар стратег и почитувач на реалполитиката. Од тој аспект, Путин нема да си дозволи, ниту има потреба Белорусија да се претвори во нова Украина. Тоа што Путин го сака е да го држи Лукашенко на краток синџир и скапо да му наплати за политичките пируети во последните години, кога кокетираше со Западот и со НАТО во антируска функција. Раната е дотолку посвежа ако се има предвид дека само до пред еден месец Лукашенко ја обвинуваше Москва дека подготвува заговор против него и дека испратиле платеници со цел да влијаат на изборите.

Сега Путин ќе гледа да си обезбеди немешање од страна на Западот во Белорусија, и во исто време ќе чека Лукашенко да падне на колена и да моли за помош, и тоа за економска, не воена. Тогаш Путин ќе очекува Лукашенко за возврат да плати со единствената монета која му преостанува и на сребрена тацна да ја понуди таа, за Москва толку посакувана, федерализација меѓу Русија и Белорусија, која инаку веќе еднаш му беше понудена на Лукашенко додека флертуваше со Западот.

Други колумни од авторот:

Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

До следниот пат, мој драг Бејрут

Стариот континент е спасен, сега е време за нова Европа

Опциите на Лукашенко

Очигледно е дека Лукашенко нема многу алтернативи. Репресијата може да му купи некое време, но и да го катализира падот, додека пак ако ја прифати федерализацијата со Москва, тогаш самиот си потпишува смртна пресуда. Москва не може да трпи два цара и два диктатора, и јасно е кој е тука посилниот и поголемиот од двајцата. Во тој однос, судбината на Лукашенко би била запечатена.

За најпосакуваната опција на Лукашенко, да остане тоа што бил досега, не постои многу простор. Урнат е неговиот лажен мит за беневолентен „Татко на нацијата", кој благодарение на помошта од Москва, успеваше да води командна економија во советски стил, и да одржува степен на економски развој на кој останатите екс советски републики и ден-денес можат да му позавидат. Тоа што Лукашенко долги години го одржуваше на власт не беше само концентрацијата на моќ во својата личност и потчинувањето на целата елита во земјата. Не беше доволна ниту самата репресија, која и тоа како беше видлива и постојано присутна. Долговечноста на Лукашенко се должеше во огромна мера врз основа една релативна економска стабилност, се разбира гледано од аспект и споредбено со екс советските држави. 

Фактите го потврдуваат тоа. БДП пер капита на Белорусија е двојно поголем од тој на Украина. Двојно е помал од тој на Русија, каде пак владее огромна нееднаковост, нешто што не е случај во Белорусија. Иако Минск не располага со енергетски ресурси, сепак е една од ретките земји кои не го следеа патот на криминалните приватизации, и нејзината индустрија, како и човечки ресурси и компететности и понатаму се на многу високо ниво. За разлика од своите соседи, Белорусија е подобро организирана земја, со минимална, но широко распространета економска и социјална благосостојба, додека јавните ресурси се редистрибуираат далеку порамноправно и нееднаквоста е минимална.

Се’ тоа беше причина за долги години популацијата да перцепира едно чувство на сигурност, кое недостасуваше, па дури и беше драматично изгубено во сите земји кои мораа да ја поминат транзицијата од планската кон пазарната економија. Оттука, социјалниот договор во Белорусија беше доста едноставен: релативна економска сигурност во замена за моќ, минимална социјална сигурност во замена за отсуство на слобода. Тој пакт помеѓу општеството и Лукашенко функционираше две децении, односно некаде до крајот на првата декада од новиот милениум. Потоа следуваше стагнацијата и полека, година за година, општествениот договор пукаше по своите шевови, особено раскинат од очекувањата на новите генерации.

Ако на сето тоа ја додадеме енергетската и економската зависност на Минск од Москва, како и платниот биланс кој бележи дупка од 9 милијарди долари, но и фактот дека Белорусија го губи рускиот попуст на енергенси на кој фактички се потпираше општествениот договор, јасна е економската слабост на Белорусија и политичката слабост на Лукашенко. Така што, последиците по белоруската економија, доколку вака се продолжи, односно доколку се пролонгира судирот меѓу општеството и диктаторот, може да бидат многу драматични. А потоа, најверојатно нема да биде Лукашенко тој што ќе ја менаџира кризата на својот пропаднат економско-социјален модел.

Европски празни зборови

Како Европа ќе изреагира на белоруската криза е прашање кое мора да си го поставиме. Европската Унија соопшти дека не ги признава резултатите од изборите, а со тоа и Лукашенко за претседател, најавувајќи дека ќе го притисне неговиот режим со санкции.

„Европската Унија се солидаризира со белорускиот народ. Изборите не беа ни фер ни слободни, ниту ги исполнија меѓународните стандарди. Не ги признаваме резултатите што ги објавија белоруските власти“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по вонредниот состанок на челниците на Унијата.

Ова веќе треба да ви е добро познато, ова не се ништо повеќе од само празни зборови. Европа треба да се потсети себеси дека Белорусија географски и’ припаѓа на Европа, а според реакциите на народот во Минск и останатите градови, делува дека и идеолошки припаѓа на Стариот континент. Кризата во Белорусија несомнено е огромен тест каде би можело да се испроба влијанието на Европа во рамките на своите граници. Прво тоа би било добро со цел Европа да се искупи за грешките и недоследностите во бројни европски кризи и војни, како и во својата апатија околу билатералните договори, а особено околу фактот дека со децении толерира, па дури и фаворизира стабилократија, од Балканот до Уралот. Потоа, тука е и егзистенцијалниот и геополитички интерес на Унијата да не се најде себеси како граничи со протекторат диригиран од Москва, или уште полошо, со проширена граница на Москва.

Така да, доколку Унијата се откаже од употребата на надворешната политика во однос на Белорусија, ризикува да пропушти огромна можност за влијание и за улога во земјите кои гравитираат во нејзината орбита. Во последните месеци Европа направи серија позитивни чекори во насока на зајакнување и обединување на Унијата, воведувајќи политики, инструменти и промени кои до вчера беа незамисливи. Тоа се направи како последица на кризата со Ковид, и сега истото треба да се направи во насока на градење на заедничка надворешна политика, како последица на белоруската криза.

Европа има задача да си даде заеднички одговор и на уште едно комплицирано прашање, одговор кој досега премногу зависеше од географската ширина, од поголемата или помала географска близина, од различните идеолошки и историски односи на секоја посебна земја со Русија. Прашањето е доста ургентно во актуелниот светски поредок: дали Русија е непријателска сила, или пак е само противник од кој треба да се стравува?

Затоа, креирањето на заеднички консензус помеѓу земјите членки на Унијата би претставувал важен чекор во изградбата на една поцелосна и покохеретна европска надворешна политика, како и во развивањето на поголема безбедност. Во отсуство на тоа, прагматичната алтернатива би била барем големите сили од Европа, пред се’ Германија, Франција и Италија, да дефинираат заедничка линија во која останатите членки би се препознале.

Неопходен е европски дијалог со Москва

Европа, особено во ситуација кога американската политика е заразена од хегемонистичкото повлекување на трампизмот и изневерување на евроатлантските заложби, мора да развие заеднички и сопствен дијалог со Москва. И оваа криза е потврда колку тој чекор е важен и ургентен. А доколку Трамп биде отстранет на следните избори, тогаш тимската игра со САД би дала уште поголем кредибилитет на западните претензии Русија да престане со авантуризмот, деструктивноста и ставањето пред свршен чин.

Путин во моментов седи и чека. Ако на некој начин успее да ја анектира Белорусија, ете како ќе реинкарнира едно парче од толку посакуваниот СССР. Ако на тоа го додадеме и украинскиот Донбас, ете како Царот одеднаш повторно ќе стапне длабоко во Европа.

Како што засега одат работите, Путин се однесува како неодговорен монарх, а Европа како негов соучесник.