Путин 4.0: Што носи четвртиот мандат?
7 мај 2018Денешната церемонија е иста како и претходните три во изминатите 18 години: сала во Кремљ со многу злато, вратата се отвора и Владимир Путин цврсто зачекорува на црвениот тепих. Од 2000. година ова е четвртата инаугурација за, во меѓувреме 65-годишниот, претседател на Русија. Се чини дека е на врвот на својата моќ. На изборите на 18 март Путин освои 77% од гласовите - негов најдобар резултат. „Со тоа не се чувствува потврден само функционерот Владимир Путин, туку тој тоа го чувствува и како потврда на својата политика“, вели Гернот Ерлер, поранешен ополномоштеник на германската влада за Русија. Од новиот мандат на Путин политичарот на СПД очекува пред сѐ едно - „континуитет“.
Повеќе: Русија - земја на остри контрасти
Внатрешната политика сѐ поавторитарна
Што значи авторитарниот стил можеше да се види во текот на претходните години: ограничувања на слободата на собирање, заплашување на цивилното општество, поголема контрола во сферата на интернетот и социјалните мрежи, сѐ до обиди за блокирање, како во случајот на Телеграм. „Се плашам дека ќе продолжи стеснувањето на демократскиот простор за дејствување“, вели Мартин Шулце Весел, професор по источноевропска историја на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Нема да биде успешна ниту борбата против корупцијата, додава тој:
„Системот ќе станува сѐ поавторитарен, под прагот на отворена диктатура, која на Путин не му е потребна, зашто пред светот мора да го зачува своето демократско мантилче“, претпоставува Манфред Хилдермајер, професор емеритус на Универзитетот Гетинген.
Опозицијата речиси не е опасна
Бунт против Путин, како во поранешните советски републики Грузија или Украина, или како деновиве во Ерменија, во Русија не треба да се очекува, согласни се експертите. „Опозицијата на изборите покажа дека ѝ е тешко да се согласи околу еден кандидат“, вели Ерлер. На претседателските избори имаше двајца кандидати - Григориј Јавлинскиј и Ксенија Собчак, кои се позиционираа како претстваници на либералната опозиција. Опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој не доби дозвола да се кандидира на изборите, повика на бојкот на гласањето.
Сепак, давање прогноза е тешко, зашто преку интернет е можна брза мобилизиација на луѓето, потенцира Хилдермајер. Дали ќе дојде до протести ќе зависи од економскиот развој на Русија. На Путин досега му успеваше да ја стабилизира руската економија по проблемите од 2014 година, предизвикани од падот на цената на нафтата и делумно од санкциите на Западот воведени по анексијата на Крим. Оваа стабилност се чини загрозена од најновите, значително поостри американски санкции. Во наредните години економската ситуација во Русија ќе станува потешка, уверен е Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). „Ќе има помалку пари за пензии, за социјални давачки, па дури и за армијата“, смета Мајстер. Затоа, внатрешната политика во текот на четвртиот мандат на Путин ќе биде поважна од надворешната.
На дистанца од Западот
„Русија се чувствува самоуверено и се гледа себеси како сила која ќе диктира тон во идниот мултиполарен светски поредок“, нагласува Гернот Ерлер, коментирајќи ја руската надворешна политика. Обидот „да се оди натаму во правец на голема сила“ ќе продлолжи, уверен е и Штефан Мајстер. Притоа, Москва профитира од „недејствувањето на САД и ЕУ“, како во Сирија, а станува и важен актер на Блискиот Исток со помош на сопствените тактички шаховски потези, додава Мајстер.
Повеќе: Дипломатската катастрофа на Владимир Путин
Сите експерти се единствени во ставот дека Русија ќе го задржи курсот на оддалечување од Западот, но, како што потенцира Шулце Весел, таа нема сосема да се изолира од западните земји, зашто размената на информации е „преголема“ и постои можноста за патување на Запад. Алтернативата да се врзе за Кина „не е многу можна“, зашто во таков случај Русија би морала да се задоволи со улогата на „јуниор партнер“ на Пекинг.
Последен мандат?
Едно од најинтересните прашања е дали четвртиот мандат ќе биде и последниот мандат на Путин. Рускиот Устав за Претседателот предвидува само два мандата едно по друго. Путин еднаш веќе се држеше до тоа правило. Тој во периодот меѓу 2008 и 2012 година стана премиер, а потоа по рокадата со тогашниот претседател Дмитриј Медведев, се врати во Кремљ. Сега Владимир Путин е исправен повторно пред избор - да се повлече или да иницира промени на Уставот. Манфред Хилдермајер смета дека Путин ќе се повлече: „Претпоставувам дека ќе се случи промена.“ По шестгодишниот мандат на Путин, во 2024 година претседател би можел да стане „лојален член на владејачката елита“, оценува Хилдермајер.
Самиот Путин по победата во март рече дека „сѐ уште“ не планира уставна реформа. Претходно пак, остави простор да се насети дека не сака да биде „вечен претседател“, но додаде дека притисокот врз него да остане на функцијата би можел да биде силен.