Дипломатската катастрофа на Владимир Путин
29 март 2018„Не ми се верува!“. Тоа им го кажуваше Константин Станиславски, таткото на модерниот руски театар, на своите актери кога не беше задоволен од нивната изведба. Обединетото Кралство и десетици нивни сојузници ширум светот на 26 март проговореа како колективен Станиславски.
„Лажете!“ Ова е пораката зад протерувањето без преседан на руските дипломати од страна на членките на ЕУ, САД, Канада и Австралија. Демаршот сега ќе биде вклучен во сите учебници по историја и меѓународни односи. Дури и Садам Хусеин и династијата Ким беа поштедени од такво понижување. Ова е сериозна политичка победа за британската премиерка Тереза Меј.
Два елементa од оваа драма го привлекоа моето внимание. Малечкиот Исланд своевремено му се спротивстави на моќниот Советски сојуз, признавајќи ја еднострано независноста на Литванија во 1990 година. Во понеделникот, Рејкјавик најави политички и дипломатски бојкот на Москва, иако Исланд не е член на ЕУ и нема посебни односи со Велика Британија, како на пример, Канада, Австралија или САД. Второ, „најдобриот пријател“ на Кремљ, унгарскиот премиер Виктор Орбан, одлучи да исфрли еден руски дипломат. Популистичкиот лидер, познат по добрите односи со рускиот претседател Владимир Путин, покажа каде се неговите вистински приоритети.
И тоа веројатно нема да биде крај на случајот. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск најави дека членките на ЕУ би можеле да преземат дополнителни чекори. Со други зборови, земји кои досега не исфрлија руски дипломати, како Словачка и Португалија, би можеле наскоро тоа да го сторат. Експертите на Организацијата за забрана на хемиско оружје го анализираат отровот со кој беа нападнати поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Доколку заклучат дека отровот има руско потекло, тоа може да доведе до нови протерувања.
Марионетите на Кремљ се шегуваат
Во нормална демократија, ваква голема дипломатска катастрофа би довела до оставки во врвот на министерството за надворешни работи и разузнавачите, како и експресна парламентарна истрага. Имиџот на егзекутивата би бил драматично нарушен. Но Русија не е демократија. Шефот на дипломатијата Сергеј Лавров во понеделникот ладнокрвно отиде да игра фудбал со ветераните на Спартак. Руската амбасада во Вашингтон одговори на исфрлањето на 60 дипломати од САД со шега на Твитер. Ги праша своите следбеници кој од трите конзулати на САД во Русија треба да бидат затворени како одговор на мерките на Вашингтон.
Марионетите на Кремљ во Думата и квази „експертите“ на државната телевизија се забавуваа, шегувајќи се со Европејците и развивајќи конспиративни теории. Хемискиот напад во Солсбери е британско-американска провокација, велеа тие. „Русија воскресна, и љубоморните САД сакаат да ја уништат. Вашингтон ги принуди своите слуги да му се приклучат на дипломатскиот бојкот“- оваа верзија на настаните им беше сервирана на руските ТВ гледачи. Гледате, големата Русија може да има само големи непријатели, не некакви мини-непријатели како Романија или Финска. Многумина во Русија ќе поверуваат на ова лудо објаснување.
Немам дилеми дека Кремљ ќе одговори на протерувањата: ќе исфрли дипломатски персонал, ќе затвори еден или повеќе американски конзулати.
Но, надвор од ова, стандардните политички и дипломатски мерки на Москва се ограничени. За разлика од Велика Британија која има уште неколку на располагање: заплена на „сомнителен имот“- со други зборови, имоти на руски олигарси во земјата - одземање на британското државјанство, и.т.н. Не би можел да се исклучи ниту целосен бојкот на Светското првенство во фудбал од страна на Британија, доколку истрагата утврди нови цврсти докази вмешаноста на руската држава.
Сите лаги на Москва
Москва повеќепати лажеше пред инцидентот во Солсбери: за труењето на екс-агентот на КГБ Александер Литвиненко за кое тврдеше дека е дело на Борис Березовски, за „агресијата“ на Грузија во Јужна Осетија, за „украинските фашисти“ на Крим, за руските трупи во Донбас, како и за лажниот контролор на лет кој забележал лажен украински авион како го урива леталото на Малезија ерлајнс. Сега, оваа долга нишка на лаги доведе до дипломатска катастрофа.
Но Кремљ нема да попушти. Секое повлекување таму се гледа како пораз. Сигурен сум дека Москва веќе размислува за „асиметричен одговор“ на Западот. За таа цел има на располагање хакери, пропагандисти и, доколку затреба, руската армија. Студената војна понекогаш наликуваше на боксерски меч. Имаше правила. Во новата руска конфронтација со Западот, такво нешто нема да има. Путиновата Русија одбра битка без правила.