Радикалната десница и диши во врат на Меркел
21 септември 2018Германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ги престигна владејачките Социјалдемократи според популарноста и сега е втора најсилна партија во Германија по конзервативците на канцеларката Ангела Меркел, покажа анкета на германскиот јавен сервис АРД.
Рејтингот на АфД се зголемил за два проценти од последната анкета на 9 септември, и сега достигнува 19 проценти- еден отсто повеќе од помалиот коалициски партнер во владата- СПД, кој пак загубил еден процент од поддршката.
Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на Меркел, кој ја предводи германската влада од 2005 година, исто така загубил еден процентен поен поддршка и паднал на 28 проценти, што е најлош резултат откако е започнато истражувањето во 1997 година.
Растечката поддршка за АфД се случува само една година откако оваа партија за првпат влезе во парламентот како трета најсилна во германската политика, освојувајќи 12,6 отсто од гласовите.
АфД беше основана во 2013 година врз анти-евро платформа, но оттогаш прерасна во радикално десна, анти-имиграциска партија која користи реторика која многу наликува на онаа од времето на нацизмот.
И другите помали германски партии профитираат од опаѓачката поддршка за владејачката коалиција. Партијата на Зелените и Либералите имаат зголемен рејтинг за еден отсто и сега се на 15 односно 9 проценти. Левицата е константна со поддршка од 10 проценти.
Растечки поделби
Последното испитување е извршено во период кога ескалираше судирот во владината коалиција поради скандалот со шефот на домашната тајна служба. Владата беше остро критикувана поради одлуката да го смени шефот на службата Ханс-Георг Масен, кого многумина го обвинуваат дека ја симпатизира радикално десната идеологија, и потоа да му даде подобра платена функција во Министерството за внатрешни работи.
Критикуваното решение ги зголеми тензиите и во самата владина коалиција, во најголем дел околу имигрантската политика, откако конзервативците почнаа да се залагаат за уште поостри ограничувања во обид повторно да ги придобијат гласачите кои се определуваат за десно-радикалната АфД.
Но, ваквата стратегија се чини најлошо се одрази врз еден од главните поддржувачи на стратегијата за вртење кон десно, министерот за внатрешни работи од баварската Христијанско-социјална унија, Хорст Зехофер. Само 28 проценти од анкетираните граѓани сега сметаат дека Зехофер е вистинската личност за функцијата, што е далеку помалку од поддршката од 39 проценти која ја имаше во април годинава.
Неговата популарност опаѓа дури и меѓу симпатизерите на конзервативниот блок, и само 31 отсто од поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ го прифаќаат како министер за внатрешни работи.