1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разменети предлози со Софија, се чекаат одговори

24 ноември 2020

Според Ахмети, се чека одговор по последните предлози разменети со Софија, со кои двете земје уште еднаш ќе се обидат да дојдат до решение пред декемврискиот Совет на министри на ЕУ

https://p.dw.com/p/3lkGq
Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

По изјавата на премиерот Заев дека Република Северна Македонија прави сѐ што е неопходно за да се постигне решение со Софија(до вториот Совет на министри на ЕУ во декември), потврда дека се прават напори за решение стигна и од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Одбивајќи да сподели детали за јавноста, тој сепак потврди дека се разменети предлози меѓу двете земји.

„Не мислам дека е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи кои се разменети, ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија“, изјави Ахмети во во гостување на ТВ „21“.

Тој изрази надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија.

„По тие прашања ние не можеме да не бидеме на страната на нашите сограѓани Македонци, но очекувам историчарите и лингвстите да им дадат насока на тие прашања, и таа тема да не трае и да не ги надмине рамките, бидејќи ќе ги зголеми емоцииите и преписките“, изјави лидерот на ДУИ.

Ахмети потенцира дека на министерот за надворешни работи Бујар Османи ова „сигурно му е еден од најголемите ангажмани“.

„Османи е доста активен, очекувам да има резултат. Многу важен момент е за да демонстрира пред сите граѓани, особено пред нашите сограѓани Македонци, дека ги делиме доброто и лошото, дека ќе стоиме рамо до рамо заедно, и во решавање на овој спор. Ова е клучен историски момент да се види дека оваа земја има министер за надворешни работи, и за работата што ја сработи и за зрелоста му честитам“, рече Ахмети.

Бетонирање на позициите

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат да се одржи лидерска средба на која заеднички ќе бидат забетонирани македонските преговарачки позиции.

„Зошто не седнеме на лидерска средба, зошто да не ѝ олесниме на Владата,  зошто не ги забетонираме нашите преговарачки позиции со еден заеднички документ кој што ќе го усвоиме заедно во Собранието? Ајде во Собранието да изгласаме една таква резолуција на која што ќе ги забетонираме позициите на Владата“, порача партискиот лидер Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ „Сител“.

Од партијата во изминатите денови веќе упатија жестоки критики на адреса на Владата.

„Сега говорат за план Б. Но кој е тој план Б? Има ли пилот во владата? Зошто Македонија менуваше уставно име и дали го смени само за да добие уште едно ново вето? (...) Освен идентитетските прашања, за кои и самите потврдија дека ги тргувале во Берлин, дали на маса се и други концесии кои Заев ги ветувал на одредени структури во Бугарија? Кои се тие концесии? Ветото на Бугарија на нашите евроинтеграции има име и презиме, тоа е Зоран Заев. Тој се коцкаше со македонските национални интереси, се коцкаше со идентитетот, со народот, играше ‘ол ин’ и загуби“, изјавуваше на прес-конференциии портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. 

Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

Од лошо - полошо

Додека домашната опозиција ја посочува вината во Заев, критичарите во Бугарија таа вина ја лоцираат во потезите на министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

„Захариева носи персонална вина за изолацијата во која падна Бугарија по ветото за Северна Македонија“, обвинува Бојко Ноев, поранешен бугарски министер за одбрана во владата на Иван Костов и амбасадор во НАТО. Во две интервјуа (едно за Радио Фокус“, друго за емисијата „Алтернатива“) тој ги објаснува причините за ваквата критика, но открива и дека критичарите на Захариева имаат уште потешки услови за Северна Македонија.

„Факт е дека Бугарија падна во тешка меѓународна изолација, и тоа сите го признаваат. Во мојот дипломатски стаж не памтам Бугарија досега да била доведена во толку понижувачка позиција, да биде втурната во агол од самата себе, како аматер на меѓународната сцена“, вели Ноев.

Како причини за тоа ги наведува ослабнатите позиции на владата на Борисов, и начинот на кој се водат преговорите.

„Не се памти во историјата на надворешната политика толку некомпетентно управување. Одговорноста за тоа и за нашата меѓународна изолација ја носи министерката за надворешни работи. Како што разбрав од мои пријатели во Европа, таа еднострано ги земала функциите на Министерството за надворешни работи, и поради својата некомпетентност не доведе до оваа каша“, обвини Ноев.

Според него, грешка на повеќе бугарски влади е што наместо да утврдат јасни позиции, оставиле да владее романтика во односите со Скопје. Најголеми критики упати на Договорот за добрососедство, оценувајќи го како „исклучително неконкретен, бидејќи не предвидува исполнувања“. Ноев смета дека тој е препишан од Декларцијата за добрососедство (1999), а ново е само формирањето на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Лично се залага за нов договор.

„Бугарија треба да ја преразгледа преговарачката стратегија и тактика. Треба нов договор пред да кажеме ‘да’ (за почеток на преговри -н.з)“, предлага тој.

Графа во пописот и место во Уставот

Неговата клучна критика до властите е што на партнерите во ЕУ не им ги објасниле бугарските позиции „надолго и нашироко“, бидејќи било очекувано дека нема да разберат зошто двете земји спорат околу Гоце Делчев, ако не знаат кој е тој, исто како што не знаат ништо за јазикот. Смета дека таа објаснувачка кампања требало да се одвива преку медиумите, бугарските амбасади и дијаспората.   

„Тие (во ЕУ-н.з.) не разбираат каков проблем имаме со македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Министерката (Захариева-н.з) им забранила на нашите амбасади во странство да водат објаснувачка кампања, да даваат интервјуа, искажувања по тоа прашање“, тврди Ноев.

Покрај нов договор, тој се залага и за нова договорна база со јасни права за бугарските граѓани.

„Во преамбулата (на македонскиот Устав- н.з) се спомнуваат Албанци, Турци, Срби, Роми.., но ги нема оние 120 илјади граѓани, кои со бугарски пасоши изрично декларирале дека имаат бугарско потекло. Би го прашал Заев, што правиме со нив? А уште колку чекаат во ред за пасош. Претстои попис. Ќе има ли графа Бугари? Или графа ‘разни’?“, прашува Ноев.

Можноста за компромис меѓу двете земји тој ја нарекува „опасност од компромис“, зависно од тоа каква ќе биде цената. Смета дека владата на Борисов ќе плати висока политичка цена ако направи компромис во сегашната состојба. Се залага Бугарија да има „стратегиско трпение“, бидејќи немало зошто да брза, таа е членка на ЕУ, а Северна Македонија - не.

Ваквите ставови уште повеќе ја потенцираат тежината на процесот во која двете земји бараат решение, особено што властите во Бугарија со тоа ќе бидат принудени да ги пресметуваат и ефектите од евентуалното решение врз нивните шанси на претстојните парламентарни избори. Според домашни аналитичари, колку побрзо се дојде до решение, толку побрзо ќе деескалира наративот што се создаде по бугарското вето, бидејќи во таква атмосфера сѐ потешко ќе биде да се бара решение од кое и двете земји ќе бидат задоволни.