1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Рации низ Европа за нередите на Г20

ЖА / агенции
29 мај 2018

Во рамките на истрагата за нередите на самитот Г20 во Хамбург, полицијата изврши претреси во станови во неколку земји на ЕУ.

https://p.dw.com/p/2yV18
G20, Hamburg, Krawalle im Schanzenviertel
Фотографија: picture-alliance/N.Liponne

Полицијата и државното обвинителство од Хамбург денеска соопштија дека истражители извршиле претреси во Италија, Франција, Шпанија и Швајцарија. Во Франција преку европски налог за апсење се врши потрага по лице кое учествувало во испадите во центарот на Хамбург за време на одржувањето на ланскиот самит Г20, кога меѓу другото беа запалени десетици автомобили и руинирани повеќе објекти.

Повеќе: 

Шолц се извини, обесштетување на жртвите од безредијата на Г20

Пеколна ноќ во Хамбург

Според медиумски извештаи, биле претресувани станови на припадници на радикалното левичарско милје, меѓу другото објекти во Рим и Џенова, каде се барало лице веќе осудувано за напади на полицајци.

Во Бремгартен во Швајцарија бил претресен станот на 27-годишен маж, чија фотографија полицијата ја објави во јавноста во рамките на потрагата по него. Три објекти биле пребарани во Мадрид. Специјалната комисија на полицијата во Хамбург, наречена „Црн блок“ претходно прегледала и обработила стотици видеа поврзани со акции на учесници во тешките безредија во Хамбург на 7. јули 2017. година, каде се одржуваше самитот на земјите - најголеми економски сили во светот, Г20. Полицијата успеала да идентификува траги од ДНК на локациите на најтешките безредија, што помогнало во докажувањето на идентитетот на учесниците.