Рекорден број новозаразени од коронавирус
15 октомври 2020Министерството за здравство доцна вечерва ги објави најновите податоци за новозаразени со Ковид-19 во земјава. Како што се прогнозираше, а согласно предупредувањата од СЗО и трендот во Европа и во регионот, во последните 24 часа има рекорден број на позитивни со коронавирус во земјава - 535, или 21,8 отсто од тестираните.
Министерот за здравство Венко Филипче вечерва најави дека утре Комисијата за заразни болести ќе разгледува нови мерки за справување со бранот. Можни се нови рестрикции во јавниот превоз, во работата на угостителските објекти, како и на некои компании. Засега, според Филипче, не е на дневен ред ново воведување на полициски час во државата.
Според денешниот биланс, починале 6 лица заразени со Ковид-19, од Битола (66), Куманово (57), Прилеп (72), Свети Николе (69), Велес (67) и Неготино (55).
Направени биле 2,445 тестови а од нив, повторно е висок и процентот на позитивните тестови, кој изнесува 21,8 отсто. Повеќе од половина од новите регистрирани случаи се во Скопје, каде има 277 новозаразени. Потоа следуваат Струмица со 30, Прилеп со 26, Гевгелија со 24, Штип 22, Тетово 18, Куманово 17, Битола 13, Кочани 12, Велес 10, во останатите градови има едноцифрена бројка на нови случаи.
Досега се направени вкупно 214,235 тестирања на Ковид -19 и во моментов има 4,597 активни случаи во земјава.
СЗО со предупредување
Светската здравствена организација објави дека ситуацијата предизвикана од коронавирусот во Европа предизвикува голема загриженост.
„Бројот на случаи расте секој ден, како и бројот на приеми во болница. Ковид-19 сега е петта причина за смрт и е достигнат прагот од 1.000 смртни случаи на ден“, изјави Ханс Клуге, директор на европскиот огранок на Светската здравствена организација, на онлајн прес-конференција.
Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 793 нови случаи на инфекција од коронавирусот. Починаа 10 лица, што е најголем број на смртни случаи во период од 24 часа од почетокот на епидемијата. Ситуацијата е алармантна и во Црна Гора каде има 211 новозаразени и четири смртни случаи, додека во Србија се пријавени 203 нови случаи и двајца починати.
Никогаш повисоки не биле ниту бројките на заразени во БиХ каде има рекордни 567 новозаболени лица, додека пријавени се 14 смртни случаи.
Карантин во седум региони во Словенија
Рекорден број новозаразени од коронавирус е регистриран и во Словенија – 745. Ова е втор ден по ред како рекорден број новоинфицирани од Ковид-19 е забележан во таа земја, во која сега има над 10.000 заразени, објави СТА. Словенија од утре воведува карантин во 7 од 12 региони за да се спречи ширењето на заразата од коронавирусот. Во овие седум делови на земјата меѓу кои е и Љубљана на јавни места е забрането собирање на повеќе од 10 лица.
Рекорд и во Бугарија, каде што има 819 новозаразени од коронавирусот. Тоа е првпат бројот на новозаразени од коронавирусот во Бугарија да надмине 800.