Риад има поитни работи од самитот на Г20
5 јули 2017Да беше сѐ според планот, саудискиот крал Салман на крајот на неделата ќе присуствуваше на самитот на Г20 и ќе имаше силна позиција. Кризата со Катар, која ја предизвикаа Саудиска Арабија и нејзините сојузници, дотогаш ќе беше завршена. Бидејќи дотогаш- според саудиската пресметка- малиот емират ќе попуштеше пред барањата на арапската алијанска и ќе ги прекинеше контактите со Иран и ќе ја затвореше телевизијата Ал Џазира. А Саудиска Арабија ќе можеше да се презентира како неспорна хегемонијална сила на полуостровот.
Но не испадна така: Катар не попушти, барем не во првиот рок кој му беше поставен. На иницијатива на емирот на Кувајт, кој посредува во спорот, рокот беше продолжен за уште 48 часа. Сега се јавува дека Катар уште пред завршувањето на тој рок испратил одговор до Саудиска Арабија и нејзините сојузници, но повеќе детали не се соопштени. Претставници на арапската алијанса денеска одржуваат состанок во Каиро за да ги разгледаат натамошните постапки. Но без оглед на најновиот развој на настаните, одолговлекувањето на кризата околу Катар очигледно создаде релативно голема несигурност, па кралот Салман беше принуден да го откаже учеството на самитот. Во Хамбург тој ќе биде претставен од државниот министер Ибрахим ал Асаф. Тоа значи дека од саудиска перспектива, овој самит не е толку важен и на него се испраќа резервен политичар од првата гарнитура.
Отрезнување
Нема ни две недели откако кралот го прогласи својот син Мохамед бин Салман (МбС), за нов принц престолонаследник, и тоа на штета на досегашниот крунисан принц Мохамед бин Најеф. А тој пред 2 години го потисна тогашниот крунисан принц Муркин бин Абдулазиз кој, како и Салман, беше син на создавачот на државата Абдел Азиз ибн Сауд, и тоа беше историска вест, бидејќи како наследници секогаш се сметани синовите на Ибн Сауд, а не неговите внуци.
Новото изненадување на хиерархија околу престолот, поврзано со промената на генерации на чело на државата, укажува на тоа колку се немирни водите во кои Кралството во моментов плови. Сето тоа се случува прилично забрзано, што се гледа и од фактот дека кралот ќе остане во Риад. На планот на надворешна политика сега очигледно малку се случува онака како што тоа си го замислуваат во саудиската престолнина.
Шанси во Хамбург?
Токму таа околност Саудиска Арабија можеше да ја искористи како шанса за успешен настап во Хамбург. Германската влада како домаќин на самитот вложува напори да не дојде до ескалација на конфликтот во Персискиот Залив. „Она што сега е потребно е сериозен дијалог меѓу учесниците за да се најдат конструктивни моменти за преговори“, рече германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, кој од понеделникот се наоѓа во посета на Обединетите Арапски Емирати, Катар и на Кувајт. „За тоа би морале сите да придонесат и да покажат оти се подготвени да се соочат со позициите на другата страна.“ Ако иницијативата на Габриел помогне за смирување на односите на Саудиска Арабија и Катар, тогаш тоа би можело да им помогне на Саудијците.
Предизвици за иднината
На МбС сигурно добро би му дошол некој надворешнополитички поен. Тој важи за одговорен за војната во Јемен, која трае повеќе од 2 години, војна која ги чинише живот илјадници Јеменци, и која Саудиска Арабија не ја одведе ни чекор напред кога станува збор за афирмирање на нејзините надворешнополитички интереси. Напротив, главниот ривал Иран, кој се бори против Саудиска Арабоја и во Јемен, создава сѐ поголема надмоќ. „Иран“, пишува во меѓународниот магазин за Блиски Исток- „Монитор“, „ужива гледајќи како Саудиска Арабија инвестира милијарди во војната против најсиромашните земји во арапскиот свет“.
Притоа, Саудиска Арабија е под притисок и мора нешто да стори. Половина од нејзиното население е помладо од 25 години. Секоја година стотици илјади апсолвенти бараат работа, а многу малку наоѓаат. Сега крунисаниот принц сака тоа да го промени со својата „Агенда 2030“. Главна намера му е саудиската економија да ја ослободи од зависноста од нафтата, која до 2030 година во голема мерка ќе биде потрошена.
Визијата на Мохамед бин Салман
Во рамки на предвидените реформи, Мохамед бин Салман (МбС) сака и да ја промени општествената и економската состојба во земјата. Во едно интервју за весникот „Економист“, на прашањето како тој ја замислува иднината на Саудиска Арбија, одговорот гласеше: „Саудиска Арабија не е зависна од нафта и има економски раст и транспарентни закони (...) Саудиска Арабија може да ги исполни соништата и амбициите на секој граѓанин тако што ќе создаде соодветно опкружување за тоа“.
МбС понатаму рече оти сака кралство кое гарантира учество на секој граѓанин во процесот на одлучување. Додаде дека сака „Саудиска Арабија која е важен дел од светот, која учествува во глобалното производство и соочување со глобалните предизвици“.
Таа визија за иднината на Кралството, како што сведочат извештаите на големите организации за човекови права, сѐ уште е спротивна на политичката и општествената реалност на земјата. Нејзиното раководство досега не водеше многу сметка за учество во власта и еманципација на граѓаните. Во Хамбург, кралот Салман можеше да покаже колку сериозно неговата земја го сфаќа планот на неговиот син, новиот принц престолонаследник. Можеше да стапи и во дијалог со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој го поддржува Катар. Тоа сега е препуштено, ако воопшто и се случи, на еден непознат државен министер.