Рот: Забелешките на Бугарија ја блокираа Северна Македонија
17 ноември 2020Европската Комисија и Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, не сакаат да дозволат билатералните спорови меѓу една земја-членка и земја-кандидат да се пренесуваат на европско ниво, порача вечерва германскиот министер за Европа, Михаел Рот. На тој начин, Рот уште еднаш отфрли дел од бугарските барања за вметнување на историските спорови во Преговарачката рамка.
Тој потврди дека Бугарија, како единствена од 27-те земји членки на ЕУ, денеска го блокирала усвојувањето на Преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.
Рот се надева дека се уште има време, иако кусо, да се најде решение за спорот.
„Сакаме да ги тргнеме од патот сите пречки за да успееме уште за време на нашето претседателствување да ги започнеме Меѓувладините конференции. Но, сега не е време билатералните проблеми, кои во ова кратко време не успеавме да ги решиме, да ги пренесуваме на европско ниво. Мора како ЕУ да испратиме јасен сигнал на доверба кон Западниот Балкан, и притоа, како на Северна Македонија, така и на Албанија, кои многу сработија, да им го отвориме патот кон ЕУ", рече Рот.
Германскиот министер изрази жалење што во изминатите денови не успеале дипломатските напори да се убеди Бугарија да ја одобри преговарачката рамка. Во тие напори освен тој самиот и шефот на германската дипломатија Хајко Мас, според Рот, учествувал и комесарот за проширување Оливер Вархеји.
Подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, Рот ги групираше бугарските барања. Во првата група, според него, се бугарското барање за користењето на уставното име на државата и забелешката за именувањето на македонскиот јазик во документите на ЕУ, а во втората група, како што рече, „се редица други прашања од билатерален карактер“.
Објаснувајќи зошто Преговарачката рамка треба да содржи дел од бугарските барања, Рот појасни дека таа „ги вреднува и ги вклучува големите историски чекори."
„Тоа значи дека од една страна содржи делови од Преспанскиот договор со Грција, како и најважните елементи од Договорот за добрососедство со Бугарија."
Ставот на германскиот дипломат е дека, со оглед на забелешките на Бугарија, мора да се одлучи што е тоа што треба да се расчисти на европско рамниште, а што ќе се решава билатерално меѓу двете земји.
Тој останува оптимист дека спорот може да се надмине, но вели дека рокот за тоа е до Божик.
„Оптимист сум дека со добра волја и храброст може да се надминат проблемите. На Западниот Балкан му треба јасен сигнал дека сме со него и дека ќе ги исполнуваме ветувањата кога ќе се завршат домашните задачи“, рече Рот.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, веднаш по завршувањето на денешната видео-конференција на ЕУ министрите, излезе на прес-конференција и кажа дека нејзината земја го блокирала почетокот на преговорите со Северна Македонија. Како што објасни Захариева, не биле исполнети трите услови кои ги барала Бугарија:
- Придржувањето кон формулата за јазикот од 1999 година, со која е предвидена формулацијата „официјален јазик според Уставот", наместо македонски јазик;
- Патоказ за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година; и
- Јасна декларација од Скопје дека не поддржува претензии за признавање македонско малцинство во Бугарија.
Бугарија барала овие услови да бидат вклучени и во преговарачката рамка- барања што засега не наидуваат на разбирање кај другите земји-членки на ЕУ, во прв ред Германија.