Украинската пролет ги заглавува руските тенкови во кал
13 март 2022Руски тенкови заглавени во кал во Украина: на интернет веќе сега можат да се видат бројни фотографии кои ги овековечуваат тие моменти. Притоа, ткн. „Распутица“ се уште не ни почнала. Овој руски термин означува време на беспаќе, или период кој се повторува двапати во годината кога земјата станува толку натопена со вода што е речиси непроодна.
Слично како и армиите на Наполеон и Хитлер пред нив, руските механизирани дивизии веќе забавуваат или целосно заглавуваат на неасфалтираните патишта кои стануваат непристапни мочуришта.
Кога рускиот претседател Владимир Путин ја распореди армијата на украинската граница, многу западни експерти очекуваа дека ќе се откаже од марш, затоа што се доближуваше периодот на големото затоплување.
„Раната пролет е лош период за инвазија врз Украина доколку главните патишта се уништени- задача што украинските сили можат да ја реализираат во рамките на воените активности“, напиша Спенсер Мередит, професор на Националниот универзитет за одбрана на САД, една недела пред почетокот на руската инвазија.
Иако некои експерти згрешија во проценките за намерите на Путин, нивната оценка за временските услови беше многу точна, како што покажуваат и фотографиите од руски тенкови заглавени во кал.
„Веќе имаше бројни епизоди кога руски тенкови и друга опрема навлегоа во полиња и заглавија. Војниците ја оставаа опремата и продолжуваа пеш“, вели Микола Белесков, украински воен аналитичар.
„Состојбата ќе се влошува како што ќе се стоплува времето и ќе почне дождот. Тоа ќе ги зацементира во земјата“.
Времето против Путин
Воените историчари знаат дека феноменот на Распутица, понекогаш наречена и „Голема кал“, може да ги спречи и најголемите армии.
Во 1812 година, повлекување на трупите на францускиот император Наполеон не можеше да биде завршено пред почетокот на студената зима затоа што беше масовно забавено од калта.
Повеќе од еден век подоцна, натопената украинска земја го запре маршот на Хитлер кон Москва, а подоцна и руската контра-офанзива во 1943 година.
„Времето не го фаворизира Путин“, твитна воениот историчар Седрик Мас на викендот.
Како и за време на историските воени кампањи, Распутица се очекува да започне во втората половина на март и да трае три до четири недели.
Влошените услови ќе ги натераат руските генерали да наредат тенковите и оклопните транспортери да се движат по главните патишта, што ги прави далеку по ранливи на напади, вели воениот историчар Мишел Гоја.
Тоа што Путин ја започна офанзивата не земајќи ги во предвид очигледните опасности, ги потврдува анализите на повеќе воени експерти, дека рускиот претседател го потценил отпорот на Украинците, но и ги преценил капацитетите на сопствената армија.
Во секој случај, калта брзо се претвора во една од главните предности на Украина во војната против Русија, заедно со огромното количество на анти-тенковски проектили и ракети земја-воздух од типот Стингер кои ги добива од Западот, како и доброто користење на социјалните мрежи; вели професорот на американскиот Дартмут Колеџ, Џејсон Лајал.
„Четирите јавачи на украинската армија: Џавелин (анти-тенковски проектили), Стингери, Распутица и ТикТок', твитна Лајал.