Војна во Украина: Зошто гинат руските генерали?
9 март 2022Смртта во битка на најмалку еден врвен руски генерал во инвазијата на Украина покажа дека воената елита чувствува притисок лично да биде присутна на фронтот, велат набљудувачите.
Со оглед на тоа што Украина во вторникот тврдеше дека и втор руски генерал бил убиен - што не е потврдено од Москва - опасноста со која се соочуваат командантите може да биде знак дека тие се изложуваат на ризик да ги мотивираат војниците по бавниот првичен напредок.
Смртта во акција на генерал-мајор Андреј Суховецки не е официјално обелоденета од руското Министерство за одбрана, но неколку руски извори потврдија дека тој е убиен. Суховецки, заменик командант на 41-та руска комбинирана армија, „херојски“ загина во операцијата во Украина на 28 февруари, соопшти општинската администрација во неговиот роден град Новоросијск во јужна Русија.
„Откако се приклучи на армијата во 1991 година, тој „го посвети својот живот на служење на татковината“ и од 2018-2019 година беше распореден во Сирија“, се вели во соопштението.
Александар Котс, воениот дописник на рускиот про-Кремљ дневен весник Комсомолскаја Правда, кој е заедно со руските трупи во Украина, на својот канал Телеграм напиша дека Суховецки бил убиен во борби.
Украинското воено разузнавање соопшти доцна во понеделникот дека генерал-мајор Виталиј Герасимов, заменик командант на 41-та армија на централниот воен округ на Русија, бил убиен пред Харков.
Нејаснотии околу Герасимов
Се наведува дека Герасимов учествувал во војната во Чеченија и операцијата на Русија во Сирија, а исто така бил одликуван за неговата улога во анексијата на украинскиот црноморски полуостров Крим во 2014 година.
На социјалните мрежи се појави и аудио снимка, наводно од моментот кога командантот на единицата во Русија бил информиран за смртта на Герасимов од подреден во Украина. Нејзината вистинитост не можеше веднаш да се потврди.
Повеќе: Германските тајни служби за плановите на Москва: До каде ќе оди Путин?
Неговата смрт не беше ниту потврдена ниту демантирана од Русија, иако про-Кремљ отиентираните канали на Телеграм во вторникот инсистираа на тоа дека Герасимов е жив, здрав и ги извршува своите воени должности.
Имаше и непроверени извештаи за најмалку уште двајца руски генерали кои ги загубиле животите на линијата на фронтот.
„Она што го знаеме е дека е познато дека е убиен најмалку еден заменик-генерал на 41-та армија, а можеби и уште еден“, изјави висок француски воен извор, кој побара да остане анонимен.
Изворот рече дека ова може да укаже дека веќе има „герилски“ отпор во Украина кој сака да елиминира високи воени лица, но и дека водачите можеби чувствуваат потреба дека треба да преземат поголем ризик со оглед на ситуацијата. Воените аналитичари велат дека Москва се надевала на побрз напредок низ Украина во инвазијата што започна на 24 февруари и командантите можеби чувствуваат дека треба да преземат поголеми ризици за да го забрзаат напредокот.
Слаб морал на армијата
„Пријавената смрт на неколку руски генерали е знак за потребата - или дури и наредбата - командантите на големите единици... да го заобиколат синџирот на команда и да компензираат за недостатокот на иницијатива на единиците“, вели францускиот воен експерт и пензиониран полковник, Мишел Гоја.
Моралот на руските војници се смета за проблем од страна на некои аналитичари, посочувајќи на извештаите дека десетици илјади распоредени со недели на границата можеби дури во последен момент дознале дека се испратени во војна.
Александар Гринберг, аналитичар во Ерусалимскиот институт за безбедност и стратегија, изрази зачуденост што личност од рангот на Суховецки била толку блиску до борбите.
„Тој беше убиен затоа што никој не очекуваше војна. Мислеа дека тоа ќе биде еден вид полициска операција за воспоставување на промосковска влада“, рече тој.
Москва „побара од генералите да ги водат своите трупи и да преземат ризици“ за да компензираат за „тешката морална ситуација“, вели Ели Тененбаум, шеф на Центарот за безбедносни студии при Францускиот институт за меѓународни односи.
„Руските сили беа информирани за природата на операцијата само 24 часа однапред“, рече тој, мислејќи на „проблеми со моралот на војниците и веројатно дезертерство“. Но, тој предупреди да не се преценува стратешката важност на загубите на генералите. Функциите на некој како Герасимов би можеле да ги преземат личности од понизок ранг.