1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сепак ќе биде „трудно“

7 октомври 2020

По Преспанскиот договор, како да ни недостасува, и нам и на Бугарија, нов предизвик. Зашто, тоа е проклетството на Балканот: ние имаме проблем за секое решение. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3jYh3
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во последниот период, нашиот романтичен национален патриотизам е „нападнат“ од обидите на Бугарија за нова интерпретација на меѓусебните историски перспективи и модерниот македонски идентитетски имиџ. За наша среќа или несреќа, бугарските иницијативи нешто не успеваат најдобро, па дури продуцираат и контраефект, прикажувајќи ги како нација која нема зрел однос кон овие прашања во контекст на историската мултиперспективност на 21-от век. Така, нивниот меморандум за објаснување на македонско-бугарските односи доживеа дебакл во ЕУ, а нивните барања не станаа дел од преговарачката рамка. Потоа, новата иницијатива од страна на Советот на Европа, за регистрација на ОМО Илинден и другите слични организации, е дополнителен притисок против политиката на игнорирање на правото на самоопределување на тамошното население, а кај нас доживеана како нова „шлаканица од Брисел за Софија“, за на крајот, преводот на македонски јазик на седницата на ЕК кај нас да биде еуфорично интерпретиран како конечна шајка во ковчегот на новите бугарски амбиции во оваа смисла. 

Со толку победи на македонштината во последниве неколку дена, страв ми е трансверзалата на нашата големомакедонска догма, која досега доминантно стрелаше на југ, преку мантрата „Солун е наш, а за Атина ќе преговараме“, да не смени правец кон исток, па да се замени со синтагмата „Софија е наша, а за Бургас ќе преговараме“, зашто на комплексот на несигурност му нема крај, и во Скопје и во Софија, и по правило, колку сте постегнати во сопствената интима, толку се пограндиозни заблудите на претензиите со кои тоа го покривате. По Преспанскиот договор, како да ни недостасува, и нам и на Бугарија, нов предизвик. Зашто, тоа е проклетството на Балканот: ние имаме проблем за секое решение.

И така, под превезот на удирањето во гради за големите победи (кои инаку не се ништо особено, туку само логична екстензија на процесни заклучници на елементарни права), тивко, на маргините, како да не го забележавме протнувањето на основниот проблем: разликите со Бугарија се веќе етаблирана пречка кон зачленувањето кон ЕУ, спротивно на договорот за добрососедство со Софија, и ние тој проблем де факто го имаме, без оглед дали де јуре ќе влезе во преговарачката рамка, и без оглед на тоа дали ќе го решаваме сега или подоцна – проблемот постои, и ние ќе мора на еден или на друг начин да го адресираме.

Тактики и стратегии

Тука лежи мини победата на бугарската тактика. Нашите надежи дека пристапот „мижи-буткај“ ќе успее, се покажаа (или набрзо ќе се покажат) како неточни. Без дополнителна интервенција или потег, ова прашање ќе не’ дочека како нова пречка, без оглед дали тоа ќе се случи пред почетокот на првата меѓувладина конференција или подоцна во текот на преговорите. Тука, за жал, нам, од домашнополитички причини, не ни е достапна можеби најдобрата стратегија: да ги игнорираме провокациите и најавите, и да оставиме проблемот логично да дојде до сопствениот апсурд, тогаш кога ќе се одлучува за првата конференција, зашто ние и немаме многу што по тоа прашање да правиме, имајќи ја предвид налудничавата ситуација со која се соочуваме. Тогаш, во апексот на политичката одлука во ЕУ, ќе се откриеше во целиот свој национален раскош, неодржливоста на бугарската позиција. Така, доколку продолжи да инсистира на ваквиот услов, Бугарија ќе беше критикувана, изрезилена, и осудена од буквално сите други членки на ЕУ. За жал, нема никаква гаранција дека таквиот резил ќе ја спречи во најавената блокада, и покрај огромната политичка цена која за тоа би ја платила, а паралелно, ние не смееме да си дозволиме понатамошно одолговлекување на почетокот на преговорите, па така не можеме ни да го прифатиме овој гамбит.

Други колумни од авторот:

Октомвриското изненадување

Сизиф е аматер

Оттаму, ќе мора да влеземе во решавање на проблемот, наместо да го имаме луксузот да оставиме да „прегори“. Предизвиците се големи, и од наша и од бугарска страна. Во Бугарија ситуацијата се комплицира поради тамошните политички превирања, каде Борисов се соочува со избори и проблематичен рејтинг, што може да го направи предизборен национал-популист, што пак не е добро за нас.  Дополнително, дури и ако претпоставиме дека кај Борисов ќе има сериозна политичка волја за решавање, нему му треба Каракачанов за да ја одржи сегашната влада, но му треба и Радев за да изгради минимален домашен консензус околу пристапот.  Во ваквата констелација на односите во Бугарија, веројатноста дека бугарската надворешна политика ќе стане потолерантна се минимални. Напротив, поверојатно е дека ќе завртат кон „потврдо“. 

Димитров или Османи?

Во Македонија, пак, близината на Преспанскиот договор и траумата од нужните тогашни компромиси ќе ја направи јавноста нетолерантна кон нови преговори и попуштања, дури и ако се тие оправдани. Дополнително, ние имаме и дилема кој треба прашањето да го реши – дали да продолжи Димитров, кој може да биде премногу „тврд" за Бугарите, или да преземе Османи, кој може да биде премногу „мек" за Македонците, кои никогаш нема да бидат сигурни дали неговите ставови се координирана државна политика, или личен прагматичен обид на ДУИ да бидат „дил-ориентед“.  Иста дилема има и од страна на Бугарија, каде Каракачанов и Захариева имаат различни мислења и пристап по оваа тема. Ова неизбежно ќе ја подигне топката за ова прашање кај Заев-Борисов, во надеж дека нивното традиционално пријателство ќе биде доволно да си подадат рака.

На крајот, дури и ако ги апсолвираме актерите, обидот да се реши прашањето брзо е секако гамбит: ако успееме со или без решение на проблемот со Бугарија да започнеме преговори, тогаш е јасно дека ова прашање се смета за апсолвирано, но ако без решение не успееме да ја продолжиме нашата европска интеграција, тогаш политичката цена и притисокот за решавање ќе се префрли кај нас. Во секој случај, ќе биде „трудно“. Прва жртва на овој проблем се, уште сега, односите помеѓу Македонија и Бугарија, кои се веќе нарушени, и за чие поправање, и соодветно градење нова доверба и вистинско сојузништво и пријателство, ќе треба уште време.