1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октомвриското изненадување

23 септември 2020

Смртта на врховниот судија Рут Бејдер Гинсбург, и последователното назначување на нов судија, се етаблира како најзначајниот политички настан пред изборите во САД, од повеќе причини. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/3istb
USA: Weißes Haus I Flagge auf Halbmast I Trauer
Белата куќа во Вашингтон, знаме на половина копје по смртта на судијката Рут Бејдер ГинсбургФотографија: Erin Scott/Reuters

На секои четири години, отприлика во октомври, пред изборите за претседател, на политичката сцена во САД се случува нешто кое аналитичарите го нарекуваат „октомвриско изненадување“ – драматичен настан кој одекнува како бомба на политичката сцена, и значајно влијае на изборните резултати во ноември. Политичките кампањи на кандидатите за претседател на САД овие настани ги планираат (понекогаш и ги создаваат), и ги сметаат како извесна „каписла“ за почетокот на последните стратегии пред изборите.  Во 2016, тоа беа два настана: снимките за Холивуд на Доналд Трамп, и повторното отворање на истрага за мејловите на Хилари Клинтон од страна на ФБИ. Ваквите настани аналитичарите ги оценуваат како клучни за позиционирање на кандидатите пред последниот дел од трката.

Во овој циклус, можно е „октомвриското изненадување“ да е стигнато еден месец порано.  Смртта на врховниот судија Рут Бејдер Гинсбург, и последователното назначување на нов судија, се етаблира како најзначајниот политички настан пред изборите во САД, од повеќе причини.  Единствениот исклучок од ова би било доколку по некое чудо САД лансираат вакцина за ковид-19 пред изборите, но веројатноста за таков потег е минимална, па номинацијата на нов врховен судија најверојатно ќе биде таа дефинитивна можна пресвртница во пресрет на гласањето во САД.  Се поставува прашањето зошто баш овој настан толку влијае на политиката на САД, и какво можно влијание ќе има на изборите?

Потенцијал за сменување на фаворитите во трката

Врховниот суд има огромно влијание врз општата политичка ситуација во САД, а именувањето на нов врховен судија е од исклучителна важност, покрај политичкиот амбиент, и за исходот на изборите, односно има потенцијал целосно да ги смени фаворитите во трката.  Најнапред, Врховниот суд е една од најважните институции која делува како коректив и контрола на законодавната и извршната власт во САД.  Не само што можат да сменат некои одлуки, туку и носат решенија кои влијаат на огромен дел на популацијата, како на пример пристап до универзална здравствена заштита, правото на абортус, и слично.  Оттаму, врховните судии имаат директно влијание на политиката во текот на повеќе генерации, зашто се избираат доживотно.  Не само тоа, Врховниот суд понекогаш директно влијае и на исходот на изборите, како на пример во трката Буш-Гор, каде токму одлуката на Врховниот суд да не дозволи пребројување на гласовите на Флорида наводно му ја донесе победата на Буш.

Други колумни од авторот:

Сизиф е аматер

Танго на македонски начин

Победнички лузери

Неутрално до балчак

Покрај директните импликации за изборите и политичките одлуки, назначувањето на врховни судии е извесен вид осигурување за републиканците, за кои влијанието во оваа институција отсекогаш било темелна политичка вредност.  Со фактот дека социодемографијата на САД се менува во поурбана и помалку „бела“, што директно оди во полза на демократите, за републиканците назначувањето на федерални судии станува прашање на задржување на политичката моќ во пресрет на неповолните демографски промени.  На крајот, покрај долгорочните прашања за политичко влијание, назначувањето на замената на Рут Бејдер Гинсбург, директно влијае и на гласачите, и кај Трамп, и кај Бајден.

Назначувањето судија важно за Трамп

За Трамп, тоа е најнапред тест на неговата поврзаност со конзервативната републиканска структура.  Во слична ситуација во 2016, кога Сенатот не му дозволи на Обама да номинира замена за Антонин Скалиа, таа одлука се покажа клучна.  Тој потег ја дефинираше претседателската трка, зашто под наративот дека „гласачите одлучуваат“, кампањата на Трамп го поврза неговиот избор со избор на врховен судија, што се покажа како многу важно, особено во неопределените држави. На пример, околу 26% од гласачите на Трамп во 2016 рекле дека поставувањето врховен судија е најзначајната причина заради која гласале за него.  Оваа година, кога за победа во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин, на Трамп му требаат не повеќе од 100,000 гласа, овој политички избор може да има непропорционално влијание на текот на кампањата и нејзиниот исход.  На крајот, самата дебата околу Врховниот суд и конзервативните вредности, му одговара на Трамп, зашто одвлекува внимание од ковид кризата и лошата економија, ја енергизира конзервативната база, и го портретира како силниот авторитарен лидер – имиџ кој тој го посакува.  Затоа, не е изненадување што тој најави дека нема да чека по изборите, туку дека ќе постави судија веднаш, и тоа жена.  Очигледно дека оваа номинација за него претставува исклучително важен дел од кампањата – и тоа дел кој тој планира да го искористи најповолно што е можно.

Petar Arsovski
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Но, ваквиот потег истовремено може да претставува и поволен фактор за демократите и за Бајден.  Прво, може да ги мобилизира поддржувачите на Бајден, кој постојано, иако води на анкетите, покажува дека неговите гласачи имаат помалку енергија одошто оние на Трамп.  Второ, може да мобилизира гласачи за демократите во Сенатот, во обид да ја балансира вкупната конзервативна политичка моќ која републиканците би ја добиле со ново мнозинство во Врховниот суд.  Трето, како реакција, доколку тоа му помогне на Бајден, може да иницира фундаментални промени во организацијата на САД, како на пример додавање на Пуерто Рико и Вашингтон во Колумбија како нови две држави, што би им донело на демократите четири нови сенатори, или пак проширување на составот на Врховниот суд поради непропорционалното конзервативно влијание во оваа институција.  Од последните 19 избрани судии, дури 15 се на предлог на републиканците.

На крајот, овој потег може лесно да го смени и исходот на изборите.  Во скоро сите анкети досега, Бајден води, но неговото гласачко тело е полетаргично од она на Трамп.  Со последните превирања, изборите може да станат уште понеизвесни, од три главни причини: (1) прво, анкетите можат да погрешат, како во 2016, кога во примероците беше драматично потценето влијанието на гласачите кои немаат универзитетско образование, грешка која најголемите агенции велат дека ја поправиле овој пат; (2) второ назначувањето врховен судија може да ги смени резултатите, и да значи пресврт во кампањата, и за Бајден и за Трамп; и (3) трето, дури и се да остане исто, тоа може повторно да значи неизвесна победа поради изборниот систем - во 2016, иако Клинтон имаше 3 милиони гласови повеќе, Трамп стана претседател.

Значи, покрај преуранетото „октомвриско изненадување“, не е исклучено и навремено, но изненадувачко ноемвриско сценарио.