1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локдаун за невакцинираните во Австрија

СН/агенции
15 ноември 2021

Од денеска на невакцинираните лица во Австрија им е дозволено да излегуваат од домовите само од итни причини. Владата веќе постигна една цел со мерката- подготвеноста за вакцинација против коронавирусот значително расте.

https://p.dw.com/p/42zqD
Веќе самата најава за локдаун за невакцинираните предизвика редици пред пунктовите за вакцинација против Ковид-19 во Австрија
Веќе самата најава за локдаун за невакцинираните предизвика редици пред пунктовите за вакцинација против Ковид-19 во АвстријаФотографија: picture alliance / HERBERT PFARRHOFER / APA / picturedesk.com

Поради големиот број заразени со Ковид-19, во Австрија денеска стапи на сила локдаун за невакцинираните, кршењето на ова правило ќе се казнува со 1450 евра, а владата разгледува и воведување на полициски час.

Бројките во Австрија растат, вчера беа евидентирани над 11.550 заразени, а седумдневната инциденца се искачи на речиси 850.

Лицата кои не се вакцинирани или оздравени во Австрија од денеска смеат да ги напуштат своите домови само во исклучителни случаи, како купување на намирници, посета на лекар или аптека или одење на работа.

Австрискиот канцелар Алекдандер Шаленберг на пресконференцијата на која ги најави новите корона-мерки во Австрија
Австрискиот канцелар Алекдандер Шаленберг на пресконференцијата на која ги најави новите корона-мерки во АвстријаФотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Почитувањето на овие мерки стриктно ќе се проверуваат, а прекршоците ќе бидат казнувани до 1450 евра.

Повеќе: Коронавирус: Драстично поголема смртност кај невакцинираните

За почеток, мерките на изолација ќе бидат на сила во период од 10 дена, а ги усвоија покраинските и сојузната влада, но канцеларот Александер Шаленберг рече оти одделни покраини се слободни да поставуваат уште построги правила.

Главниот град Виена веќе најави дека ќе воведе дополнителни правила, ПЦР тест за вакцинираните и оздравените граѓани кои ќе излегуваат навечер во затворени простори и на сите случувања на кои ќе бидат присутни над 25 лица.

„Се надеваме дека ова ќе ја поттикне вакцинацијата. Со досегашните проширувања на мерките веќе е забележан скок на вакцинираните“, рече канцеларот.

Во Австрија во моментов се вакцинирани 65 отсто од населението. Австриската влада разгледува и воведување на полициски час навечер. Одлуката за ова, која би се однесувала за целата земја, ќе биде донесена во среда, изјави австрискиот министер за здравство, Волфганг Микштајн, вчера вечерта, а ограничувањето ќе се применува од 22 часот.