Се случи чудо во Парламентот
2 февруари 2021Се случи ли чудо во македонскиот Парламент? За арно да е, власта и опозицијата постигнаа заеднички јазик да се создадат законски услови за интервентен увоз на вакцини против Ковид- 19. Опозицијбата жестоко ја искритикува владата за неспособност и задоцнети реакции. Крајниот резултат: постигнат е консензус, законот е донесен едногласно. Постапките за увоз на вакцини можат да се забрзаат, да почне вакцинацијата во Македонија кон крајот на овој месец, или во текот на март. Победи притисокот на јавноста дека се работи за животно прашање во војната на живот и смрт со пандемијата.
Спротивставените страни сега можат да бидат подеднакаво задоволни, или подеданкво несреќни по нивни избор. Тоа е секогаш вообичаениот резултат на компромисот од кој најмногу добиваат сите граѓани. Не се случи ништо страшно, не се помрдна Шар Планина, ниту се прелеа Охридско Езеро.
Нема победници, нема поразени, има консензус. Значи можело да се дејствува во Собранието опозициски и без блокади, а власта тоа да го прифати како нормална парламентарна дебата. Останува да жалиме што ова не се случи порано, можеби ќе беа спасени повеќе човечки животи.
Дали ова може да биде рецептот за постигнување консензус за други стратегиски државни интереси кои на подолг рок се исто така од животен интерес и значење на граѓаните? На пример за владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и коруцијата. Или, да нема попречувања за почетокот на преговорите со Брисел и членството на Македонија во ЕУ и се што оди во прилог на тоа. Од животен интерес е и заштитата на човековата околина и борбата против загадувањето кое одзема повеќе човечки животи од пандемијата со коронавирусот. Еден од најактуелните проблеми од државен интерес околу кој нема согласност е и пописот кој ако се направи како треба е од исклучително значење за планирање на идниот развој на земјата.
Сите се согласни, договор нема
Ги избрав како примери овие четири најгорливи прашања околу кои се кршат копја со години иако сите релевантни парламентарни политички партии без оглед дали се на власт, или во опозиција имаат идентични ставови и кај сите тоа се главни приоритети во нивните програмски определби. Сите се за владеење на правото и против носителите на организиран криминал и висока корупција, сите за остварување на евроатланските интеграции и ја гледаат иднината на Македонија како членка на ЕУ. Сите се големи екологисти и цврсто определни за заштита на човековата околина, за чист воздух и здрав живот. Сите недвосмилсно бараат веродостоен попис без политизација и според европски стандарди без негова злоупотреба и одземање на стекнати етнички права. За овие јасни партиски определби, покрај веќе усвоените стотици закони, декларации, резолуции, ратификувани меѓународни договори, други потпишани договори со ЕУ и со НАТО има голема недвојбена поддршка кај огромното мнозинство граѓани, кај интелектуалните и деловните елити, ама нема консензус, туку има перманенти блокади и попречувања.
Други колумни од Ерол Ризаов:
-Можат ли владите да ги протераат мразачите
-Заврши ли малтретирањето на Македонија
Во што е проблемот ако сите се „ЗА“, зошто тогаш во Македонија со децении не може да се постигне никаква согласност за ниедно прашање чие разрешување е од државен и животен интерес на идните генерации, а по повеќе согледувања и за опстанок на државата. Ако се бараат историските корени на оваа армирана бетонираност можат да се најдат оправдувања во комунистичката идеологија дека компромисот е предавство. Бескомпромисната војна против измислен идеолошки непријател беше најголемата перална на мозоците влезена и во образовниот систем и воспитувањето на младите во едноумието. Десничарскиот пак, лажен патриотизам во антикомунистичката пропаганда против се што беше добро од ерата на социјализмот најсилно го приграби за своја идеологија компромисот како предавство на националните и државни интереси, доведувајќи го на ниво на безумие, примитивен популизам, милитантен национализам и шовинизам.
Најголемото злосторсто во изминатите три децении
Двете страни ја презедоа во свое наследство борбата против толеранцијата и компромисот како најдобро решение во битките за освојување на власта нанесувајќи непоправливи штети во формирањето на слободни личности во изминатите 30 години. Ова е најголемото злосторство што е направено во изминатите три децении на самостојност и независност произведувајќи генерации на зависни и несамостојни партизирани личности кои во секој обид за компромис, или за консензус гледаат непријателство и предавство. Тоа зло, како најголема хипотека е влезено во сите пори на општеството почнувајќи од семејството, преку комплетниот образовен систем до највиските научни институции. И сега како тоа изгледа во нашата реалност ако ги земеме за пример веќе спомнатите четири клучни стратегиски државни и животни приоритети и интереси.
Да тргнеме од почетокот на преговорите со Брисел и членството во ЕУ кое декларативно сите го поддржуваат. Договорот со Грција кој е резултат на компромис анблок се отфрли од опозицијата како предавство на националните интереси, на посебноста на македонскиот народ и како катаклизмична загроза на идентитетот, името на државата, историјата и на македонскиот јазик иако ништо од тоа не е загрозено. „Патриотите“ и националистите од двете страни и во Грција и во Македонија имаа исти ставови кои се сведоа на тоа кога ќе дојдат на власт ќе направат подобри договори, ќе ги одбранат националните интереси и ќе ги казнат предавниците. Во Грција дојде до промена на власта, договорот е прифатен, пријателските односи меѓу двете земји се во нагорна линија. Истото ќе биде и кај нас при било каква промена на власта, но дотогаш ќе продолжи труењето на јавноста со лажни ветувања.
Поради несомнениот успех со Преспанскиот договор, од популистички причини денес се бара интерпелација на потписникот на историскиот Договор министерот Никола Димитров.Договорот за добрососедство со Бугарија стана уште пожестока војна на домашната политичка арена добро сервирана од балканштината на бугарската политика која во однос на Македонија не мрдна ни чекор од историската заблуда од Сан Стефано 1878 година, преку окупацијата на територијата на денешна Македонија 1941 прикажана како „ослободување“, па преку НОБ до АСНОМ 1944 година и до ден денес со бугарските корени на словенството и вчудоневиденоста на бугарските актуелни политичари како тоа Македонија да има добри односи со Србија и да им го честитаат македонските политичари празникот Свети Сава на Србите во Македонија. Бугарија може да има добри односи со Србија, ама Македонија не може оти Србите имаат коректен однос кон бугарското малцинство во Србија, ама извршиле геноцид врз бугарското мнозинство во Македонија.
Нашите и вашите криминалци
Ваква папзјнија можат да измислат само „браќата“ Бугари. Е, сега кај нас ова е политичка бајадера за опозицијата во битките за власт иако со Бугарија не се преговара за ниту едно идентитетско прашање. Да беше така немаше да има бугарско вето за почетокот на преговорите со ЕУ. Затоа челниците на ВМРО ДПМНЕ кога тргнаа во дипломатска офанзива да помогнат за да почнат преговорите со ЕУ тропнаа на погрешни врати. И Унгарија и Словенија и Хрватска се големи подржувачи на проширување на европската Унија и за членството на Македонија во ЕУ. За тоа имаат и сопствени интереси. Вистинска офанзива ќе беше Христијан Мицкоски и Александар Николоски да појдат во Софија кај сестринската партија на премиерот Бојко Борисов и да најдат заеднички прифатливо решение да се тргне бугарската блокада која не може да ја премости владата на премиерот Зоран Заев. Или пак да појдат кај своите европски сестрински партии за кои само тие имаат сознанија дека исто така биле противници на почнувањето преговори со ЕУ. Владеењето на правото и битката против организираниот криминал и висока корупција главно се сведе на „нашите“ и „вашите“ криминалци. Единствената работа која треба да има нула толеранција испадна најтолерантна. Судските процеси се растегаат до застарување. Првите пресуди за корупција и тешки злоупотреби на функциите за стекнување противзаконска корист само ја зголемија гласноста и меѓусебните партиски обвинувања кој е поголем арамија. Во земјите со најмала корупција има повеќе затвореници за злоупотреби на функциите отколку во Македонија.
Само овој факт е доволен доказ дека се уште нема решителна пресметка со ограбувачите на граѓаните и на државата што нанесува најголема штета и најголема недоверба во јавноста. Перцепцијата дека навистина почнува да функционира владеење на правото ќе превладее во моментот кога зад решетки ќе се најдат носителите на организираниот криминал и кога ќе биде конфискуван незаконски стекнатиот имот и вратен во државната каса без оглед дали станува збор за личности на високи позиции во власта, или во опозицијата, кај финансиерите на политичките партии, газдите на компаниите блиски на нив кои прват огромни добивки преку ноќ заштитени од политиката.
Со вакцинирани попишувачи до консензус
Дали е можен консензус за пописот? Да и тоа мошне едноставно. Единствениот аргумент на опзицијата кој држи вода е да се води сметка дали епидемијата со коронавирусот ако повторно букне може да предизвика нов бран на заразени. Во тој случај неминовно е одложување на пописот. Во секој случај, само вакцинирани попишувачи можат да влегуваат безбедно во домовите на граѓаните. Електронскиот попис со проверка на базите на податоци во институциите на системот како што се фондот за здравство, пензиските фондови, матичните служби и други институции може да биде контролен механизам. Таму се неопходни строги проверки да не почнале веќе злоупотреби во документацијата на националната и етничката припадност.
Таквата контрола со елекронска обработка и споредба на податоците е предвидена и таа не треба да пречи за попишувањето и на граѓаните кои се во татковината и тие што ја напуштиле и се повеќе од една година во странство. Сегашната агитација за собирање потписи во земјата и да се испрќаат матичните броеви од дијаспората само уште повеќе го политизираат пописот и ја зголемуваат недовербата за успешно спроведување на оваа значјна операција која доцни 19 години.За заштита на човековата околина од големите загадувања на воздухот, почвата и сите реки и езера, за глобалното затоплување тоа се само препишани поглавија во сите предизборни партиски програми, лесно дадени ветувања и омилени медиумски теми за светските прваци во труење на граѓаните. Тоа е консезусот што сите не гуши подеднакво.