1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ремдесивир – магичен лек или лажна надеж?

ДТЗ /ДВ
20 ноември 2020

СЗО го тргна од своите листи лекот за чија што набавка беа издвоени 67,5 милиони денари од буџетот на Северна Македонија. Од СЗО не нашле докази дека тој ги зголемува можностите за преживување на заразените со Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3lcbT
Covid-19 | Remdesivir
Фотографија: Amr Abdallah Dalsh/Reuters

Лекот за којшто многу земји поитаа да го набават како „магично решение“ за лекување на болните од Ковид-19, не е толку ефикасен како што се најавуваше. Светската здравствена организација (СЗО) најпрво издаде условена препорака против употребата на „ремдесивир“ кај хоспитализирани ковид-пациенти, без оглед на сериозноста на болеста. Во меѓувреме, лекот е тргнат од листата на лекови и издадена е препорака да не се користи кај хоспитализирани пациенти. 
Во моментов нема докази дека овој лек ги зголемува можностите за преживување на пациентите, се наведува на веб-страницата на СЗО. Ова е вторпат во последниот месец, СЗО да предупредува дека ремдесивирот нема ефект при лекување од коронавирусот.

Меѓу останатите земји од регионот, и Северна Македонија неодамна го набави овој лек, за кој што беа издвоени 67,5 милиони денари од буџетот.

Скептицизам

Девет месеци по почетокот на пандемијата и бројните дебати и дилеми во јавноста околу употребата на лекот „ремдесивир“ и колку е тој моќен да се справи со опасниот вирус, Светската здравствена организација даде нови насоките за лекови кои би требало да се користат во лекувањето на заболените. Тие советуваат дека „ремдесивир“ не користи во лекување на оние во болница, без оглед колку е тешка нивната состојба. Ваква условена препорака се издава кога доказите околу придобивките и ризиците од интервенцијата се помалку сигурни. Во овој случај, постои условена препорака против употребата на „ремдесивир“. Ова значи дека нема доволно докази за поддршка на неговата употреба, укажуваат од СЗО. 

- повеќе на темата: СЗО против Гилиад: Спор околу ефективноста на ремдесивир

Препораката на СЗО којашто е објавена денеска е дел од упатствата и протоколите за клиничка нега на заболени од Ковид-19. Таа е развиена од меѓународна експертска група, која вклучува 28 експерти за клиничка нега, 4 партнери пациенти и еден етичар. Работата на овој проект почна на 15 октомври кога СЗО објави привремени резултати. Податоците разгледани од ова тело вклучуваат резултати од интерното испитување, како и 3 други контролирани испитувања. Вкупно во четирите студии биле разгледани податоци од над 7.000 пациенти. „Доказите не покажуваат некој значителен ефект врз смртноста, потребата од механичка вентилација, како и времето за клиничко закрепнување“, велат од СЗО.

Воздржаност

Ваквата препорака доаѓа по одобрувањето на „ремдесивир“ од страна на Управата за храна и лекови на САД, за лекување со коронавирусни инфекции. Лекот стана прв третман против коронавирус кој го одобри ФДА, додека од СЗО беа внимателни околу неговата употреба.

„Факт е дека овој антивирусен третман покажа одредена корист во некои случаи и беше доволно да почнат луѓето да го користат кога немавме доволно алатки за борба против новиот вирус, но сметам дека „ремдесивирот“ наскоро ќе биде заменет со нов третман“, вели Амеш Адаља, научничка од Центарот „Џонс Хопкинс“.

„Ремдесивир“ е антивирусен лек развиен од „Гилиад“. Првенствено е наменет за третман на ебола, а се покажа како релативно ефикасен во борбата против коронавирус, во однос на скратувањето на периодот на опоравување на пациентите. Просечното време на опоравување со лекот беше 11 дена.

Клиничко испитување во САД покажа дека лекот ги ублажува симптомите, и тоа повеќе кај пациенти со Ковид-19 кои го примиле лекот во рана фаза отколку кај оние кои го примиле подоцна. Пациентите со Ковид-19 кои земале „ремдесивир“ се опоравиле 30 проценти побрзо од оние на плацебо, се тврдеше во студиите објавени изминативе месеци. САД ја купија речиси целата глобална залиха на овој лек на почетокот на јули. Дури и тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп тврдеше дека се излекувал благодарение на „магичниот лек“. ЕК во јули го одобри „ремдесивир” за лекување на Ковид-19, по што склучи договор со фармацевската компанија „Гилад” за купување на 500.000 дози од лекот.

Планирани 800 илјади вакцини

Лекот „Ремдесивир“ за лекување на Ковид-19 го има и во Македонија, но не е за широка употреба, туку се употребува само за болничко лекување, изјави неодамна министерот за здравство Венко Филипче. Претходно премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими најавија дека за набавка на вакцини против ковид-19 во Буџетот се планирани 390 милиони денари односно 6,7 милиони евра, а за лекот „ремдесивер“ 67,5 милиони денари. Премиерот тогаш додаде дека проекцијата на земјата е набавка на 800 илјади вакцини. Македонија е во КОВАКС-системот преку кој се резервирани вакцините.