Сите фрлаат зачини во македонската чорба
6 март 2017Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за состав на новата влада на социјалдемократите беше голем удар, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во викенд анализата под наслов „Во Македонија сите имаат нешто да кажат“. Во текстот се анализира мешањето на околните држави, но и на светските сили во проблемот.
„Чекорот на Иванов ги ангажираше Брисел и Вашингтон. Но и Тирана и Москва се јавија со остри пораки- сите со различни мотиви. Мешањето може да ја продолжи и продлабочи кризата“.
„(...) ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) сака по секоја цена да спречи формирање влада на Социјалдемократите. Нејзиното раководство стравува дека во таков случај ќе заврши во затвор. Притоа, и претседателот Иванов се јавува како подготвен помагач. Но неговите ставови за коалицијата се само оправдување“, пишува НЦЦ.
Понатаму, весникот поединечно ги анализира мотивите на странските држави кои се обидуваат да влијаат врз состојбата, а се осврнува и на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ против американскиот амбасадор во земјата.
„(...) Преку текстови во весници и интернет-портали, конзервативни конгресмени во Вашингтон го клеветат американскиот амбасадор како човек на Обама и лакеј на Фондацијата Сорос. Со тоа го доведуваат во прашање авторитетот на амбасадорот и најавуваат можна поинаква политика на Вашингтон. Зад ваквите пораки стојат лоби фирми ангажирани од ВМРО-ДПМНЕ во САД“.
Но, и Албанија се јави за збор, пишува натаму НЦЦ. „Премиерот Еди Рама директно се закани: без Албанци нема Македонија“.
„(...) И Русија откри свои интереси во Македонија откако се намали привлечната моќ на ЕУ. Москва ја критикува албанската платформа усвоена во Тирана, како наметната од ЕУ и НАТО.“
„(...) И Спутњик, портал спонзориран од Русија, им дава голем простор на критиките против Џорџ Сорос“.
„(...) Различните позиции го вжештуваат конфликтот. Одлучувачко ќе биде колку држи авторитетот на надлежните за надворешна политика во ЕУ. Влијанието на ЕУ на Балканот во изминатите години опадна. Поважни станаа одделните главни градови. Во декември, австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц му даде предизборна помош на Груевски, додека Берлин се надеваше дека тој ќе загуби на изборите“, пишува НЦЦ.
Највисоко рангираниот партиски војник
Печатеното издание на „Ди Пресе“ викендот објави анализа под наслов „Таткото на нацијата како поттикнувач на кризата“.
„Највисоко рангираниот партиски војник во Македонија глуми чувар на националните интереси. Граѓаните можат да бидат спокојни, уверуваше шефот на државата Ѓорге Иванов, инаку близок до националпопулистичката ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Ди Пресе.
„Во кризната балканска држава, ниту јасно парламентарно мнозинство не е доволно за промена на власта. Лидерот на опозициската СДСМ на претседателот Иванов му донесе потписи на 67 од вкупно 120 пратеници. Одбивањето на претседателот да му го даде мандатот за состав на влада тој го оцени како 'државен удар'“.
Ди Пресе потсетува на пораките кои до државното раководство ги испратија странските претставници, меѓу нив и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
„Но, предупредувањата од Брисел се помалку наоѓаат оддек кај долгогодишната владејачка партија и експремиерот Груевски кој е цел на правосудството. Стравот од затворски казни го тера раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се бори за задржување на власта: минатата недела СЈО најави продолжување на истрагите против нив“, пишува „Ди Пресе“.